РЕМЕНСКИ ПОБАРА ИЗЗЕМАЊЕ НА РУСКОВСКА НА ПОЧЕТОКОТ НА СУДЕЊЕТО ЗА „МЕЃУНАРОДЕН СОЈУЗ“ НА БОКИ 13

    РЕМЕНСКИ ПОБАРА ИЗЗЕМАЊЕ НА РУСКОВСКА НА ПОЧЕТОКОТ НА СУДЕЊЕТО ЗА „МЕЃУНАРОДЕН СОЈУЗ“ НА БОКИ 13Боки 13 е првообвинет за Перење пари и Измама, а Ременски, Мандиќ и асистентката се обвинети за помагање во извршување на кривичното дело. - Боки 13 на првото рочиште од судењето за „Меѓународен сојуз“ (Фото: К. Попов)

    Седнат до обвинетиот татко Миле Јовановски, Бојан Јовановски-Боки 13 во Основниот кривичен суд го почнува вториот судски процес, во кој е обвинет за измама и перење пари во висина од околу милион евра.

    Пред да почне идентификувањето на обвинетите, адвокатот на кообвинетата Фросина Ташевска-Ременски побара изземање на Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска.

    Судијката Софче Гаврилова веднаш го прекина рочиштето и го закажа за 21 јули, до кога треба Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да ги разгледа забелешките на Ременски и да одлучи дали ќе ја изземе Русковска.

    Во овој случај, покрај синот и таткото Јовановски и потпретседателката на парламентот Фросина Ташевска-Ременски, обвинета е и Јасна Мандиќ, заменик-претседателката на невладината организација на Боки „Меѓународен сојуз”, како и нејзината асистентка Кристина Блажевска.

    Боки 13 е првообвинет за Перење пари и Измама, а Ременски, Мандиќ и асистентката се обвинети за помагање во извршување на кривичното дело. Таткото на Боки 13 е обвинет за помагање при Перење пари, како и за Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, бидејќи, кај него биле најдени три полуавтоматски пиштоли и муниција, кои ги држел неовластено во својот дом.

    Според обвинението, Ременски со својот углед и авторитет го поддржувала Боки 13 на средбите со оштетените, давајќи му совети и упатства за да оштетените стекнат доверба во наводниот проект за изградба на старечки домови, и однапред да уплатат одреден износ пари и да ги потпишат договорите. Оштетени во случајот се бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски, кои му платиле 719.905 евра и 233.821 евра на Боки 13.

    „Во периодот од 08.07.2017 година до 13.04.2018 година првообвинетиот како претседател на обвинетата невладина организација, со намера за себе да прибави противправна имотна корист ги искористил документите од правното лице и две оштетени лица – управители на друштва ги довел и одржувал во заблуда. Тој лажно прикажувал дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис, како и субвенции од страна на државата и оштетените вака доведени во заблуда на штета на својот имот му исплатиле преку Македонска авторска агенција износи кои надминуваат значителна вредност и тоа 719.905 евра, односно 233.821 евра во денарска противвредност. Тројца обвинети со умисла му помогнале на првообвинетиот во измамата. Две обвинети лица му ставиле средства на располагање – ги изготвувале договорите, ги подигале уплатените пари и му ги давале на рака на првообвинетиот и со умисла му помагале да ги пушти во оптек иако знаеле дека потекнуваат од кривично дело Измама и Примање награда за противзаконито посредување. Второобвинетата откако првообвинетиот ќе и дадел готовински средства, иако немала никакво легално покритие, ги уплаќала во вид на донација или по основ на позајмица на правните лица поврзани со првообвинетиот. Третообвинетата со својот углед и авторитет го поддржувала првообвинетиот на средбите со оштетените, давајќи му совети и упатства за да оштетените стекнат доверба во наводниот проект и однапред да уплатат одреден износ пари и да ги потпишат договорите“, се вели во соопштението на Обвинителството за организиран криминал и корупција.

    Според обвинението, Миле Јовановски иако знаел дека парите потекнуваат од кривично дело, со умисла му помогнал на Боки 13 да ги пушти во оптек, па откако првообвинетиот ќе му дадел готовински средства, тој ги уплаќал на својата девизна сметка, дел пренесувал на сметките на правните лица по основ на поврат на позајмица, дел ги подигал во готовина и ги уплаќал на правните лица по основ на позајмица, а за сето тоа нема легално покритие.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира