Општина Штип, преку Центарот за развој на Источниот Плански Регион (ИПР), со 380.000 евра општински и европски средства од програмата за прекугранична соработка со Бугарија, започна со уредување на комплексот на природните термоминерални извори Л’џи во штипско Ново Село, обновување на сместувачките капацитети во бањата Кежовица и реставрација на стара градба во истата населба, која ќе биде пренаменета во куќа-музеј.
Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, вели дека Општината, како кофинансиер на овие проекти, учествува со 3 милиони денари (околу 50.000 евра). Останатите средства се обезбедени од Европската Унија преку програмата за прекугранична соработка.
„Термоминералните извори Л’џи, кои се култно место за Штип, заслужуваат да бидат уредени. Во таа смисла, целта е овој комплекс повторно да биде ставен во функција и да привлекува туристи, бидејќи на Л’џите, поради термоминералната вода, доаѓаат граѓани и од други градови и села“, вели Јорданов.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов најавува дека во 2027 ќе бидат реставрирани и други десетина стари и дотраени куќи, со цел Ново Село, како една од најстарите градски населби со автентична архитектура, заедно со објектите ревитализирани во изминатите неколку години, да прерасне во населба-музеј. (Фото: СДК.МК)
Л’џите, како непресушен извор на термоминерална вода, со векови биле користени од штипјани. Жените, во минатото, редовно носеле черги, јамболии и други алишта и ги переле со топлата минерална вода.
„Младите семејства во ѓумови носеле дома од оваа вода, чија температура достигнува речиси 70 степени, па по извесно ладење секојдневно ги капеле новороденчињата. Оваа традиција продолжува и денес. И други лица, кои имале разни рани по телото, исчешаности и слични проблеми, полнеле вода и дома се миеле со неа. Според нивните искуства, ефектите биле брзи и позитивни, за само неколку дена“, велат млади жени кои, по урнекот на своите мајки и свекрви, и денес полнат вода од изворот Л’џи.
„Ваква термоминерална вода тече и во Бањата Кежовица, која располага со сместувачки капацитет за триесетина лица. Токму затоа, подобрувањето на условите е предвидено во вториот дел од проектот. Во третиот дел е планирана ревитализација на стара градба, која треба да биде пренаменета во куќа-музеј, со нова фасада, при што ќе се зачува нејзиниот стар архитектонски изглед“, вели Јорданов.
Тој најавува дека во 2027 година ќе бидат реставрирани и други десетина стари и дотраени куќи, со цел Ново Село, како една од најстарите градски населби со автентична архитектура, заедно со објектите ревитализирани во изминатите неколку години, да прерасне во вистинска населба-музеј.
Т. ЈОВАНОВСКИ



