ВЕЛЕШКИОТ СУД ПОБАРА, МВР ЕКСПРЕСНО РАСПИША НАЦИОНАЛНА ПОТЕРНИЦА ЗА ОБВИНЕТИОТ ПОРАНЕШЕН СУДИЈА ВЛАДИМИР ПАНЧЕВСКИ

    ВЕЛЕШКИОТ СУД ПОБАРА, МВР ЕКСПРЕСНО РАСПИША НАЦИОНАЛНА ПОТЕРНИЦА ЗА ОБВИНЕТИОТ ПОРАНЕШЕН СУДИЈА ВЛАДИМИР ПАНЧЕВСКИМВР попладнево за Панчевски издаде национална потерница, оти нему судијката Валентина Ѓорѓиевска на 10 јули му одреди мерка 30 дена притвор заради обезбедување за судење, откако тој не доаѓаше на закажаните рочишта на судскиот процес; - Владимир Панчевски на распит во Основното јавно обвинителство Скопје на 20 септември 2018 (Фото: СДК.МК)

    За поранешниот судија и претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски, кого Судски совет во декември лани го разреши од судиската функција, Основен суд Велес денес  од МВР – СВР Велес побара да се издаде потерница за негово пронаоѓање и спроведување во казнено-поправна установа Затвор Скопје. Нему судијката Валентина Ѓорѓиевска на 10 јули му одреди мерка 30 дена притвор заради обезбедување за судење, а откако тој не доаѓаше на закажаните рочишта на судскиот процес.  МВР експресно реагираше и попладнево за него е издадена национална потерница.

    Панчевски е обвинет за Злоупотреба на службената положба, која ја сторил како претседател на Основен суд Скопје 1. Според обвинението, Панчевски како претседател на судот влијаел врз начинот на електронската распределба на предметите (АКМИС) што доаѓале во судот на одлучување. Обвинетиот со ставање на писмен параф и со усно задолжување на вработени во судската писарница кои имале пристап во АКМИС системот, давал наредба да распределуваат конкретни предмети меѓу судиите надвор од времето на приемот на предметот во судот, како и насока на кој судија да се распредели предметот.

    Основното јавно обвинителство Скопје (ОЈО Скопје) на 8 јули 2019 соопшти дека поднело обвинение против Панчевски, кој се товари за злоупотреба на информацискиот систем за автоматско управување со судски предмети (АКМИС).

    Следното рочиште закажано за овој предмет е за 24 јули, кога се во тек судиските ферии, но бидејќи е притворски предмет ќе се работи и во време на одмор. Овој предмет првото рочиште го имаше закажано лани на 21 октомври, но и во повеќето обиди, тој не започна.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира