1 Дали претседателот, премиерот, министрите и пратениците го прочитаа ссопштението на косовската влада? И дали откако го прочитаа се засрамија што Косово им кажува приказни за слобода, демократија и владеење на правото?
“Косовската влада оценува дека почитувањето и владеењето на правото се предуслов за секое демократско општество и затоа изразува загриженост поради обидите на некои вооружени групи употребата на сила да ја користат како средство за остварување на своите цели”, стои во соопштението и де додава: “Било какво насилство, или политичка дестабилизација во Македонија ќе влијае негативно и ќе им нанесе штета на процесите во Косово”.
Тие на нашата влада и порачуваат “да се придржува на владеењето на правото”. Оти, Косово е позната црна дупка на криминалот во која владее правото. И мирољубива средина во која “употребата на сила не се користи за остварување на целите”. И затоа се загрижени за својата стабилност!
Од цело соопштение најмногу им го ценам делот во кој се вели дека “го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Македонија”. Сега ми е веќе многу полесно.
Многу им благодарам на Бранко, па на Љубчо, па пак на Бранко, за ова што го сторија за нас. Ај што не прегазија Романија и Бугарија, ај што Албанија е на добар пат да не стигне, сега и Косово ни држи лекции.
2 Хаг го пушти Рамуш Харадинај да се брани од слобода на неговиот чесен збор.
Но, Хаг не верува на чесниот збор на Владо Бучковски и на Мери Младеновска, па не ги пушти Љубе Бошковски и Јохан Тарчуловски.
Како да ги прифатат гаранциите на Мери дека Љубе и Јован нема да избегаат од земјата, кога неа секој ден и бегаат затвореници од затвор. Ако не бегаат, тогаш нарачуваат убиства, па и ги убиваат затворениците што не избегале.
Е таква држава ни направија. Во која Љубе и Јохан излегоа поопасни од Харадинај.
3 Не беа ни почнати коментарите по усвојувањето на законот за знамињата и уште не беа изметени стаклата од бомбата врз полициската станица на Бит пазар, кога ДУИ излезе со нов мирољубив предлог – Албанците да имаат потпретседател на државата.
Ако сакате да имате мир, ќе ни дадете потпретседател. По некоја година ќе биде: “Ако сакате мир, ќе ни дадете претседател”.
Дај нека кажат веднаш што уште сакаат, па до крајот на мандатот на оваа влада нека завршат со барањата. Оти, како што знае да се ценка СДСМ, сигурно ќе има и потпретседател и претседател, само што ќе не замајуваат со години.
Нека заврши овој мандат на СДСМ и нека ја преземе државата ДУИ.
4 Ова е вистинска случка забележана пред Швајцарската амбасада во Скопје. Албанец што чека за виза, му се обраќа на македонски полицаец.
Му вели: “Дечко да те прашам нешто. Ај ќути малку.”
5 Кога ја нападнаа полициската станица во Вратница, Бучко отиде таму и изјави дека радикалните елементи стануваат се понервозни.
Нервозата им отиде до таму што по неколку дена ја нападнаа полициската станица на Бит пазар. По овој напад немаше ни посети, ни изјави. Бегај, да не се изнервираат уште повеќе. Оти, ако веќе ја нападнале најголемата полициска станица и тоа во главниот град на државата, што друго им останува за напад. Генералштабот!?
По лондонските бомбашки напади полицијата гребеше по ѕидовите од метрото и за една недела извади комплетни досиеја на терористите.
И нашите полицајци беа успешни. Утврдија дека експлозивот бил ТНТ.
7 Зошто Владата не сака да ја притисне Европската унија за олабавување на визниот режим? Не затоа што тие немаат проблем оти патуваат без визи. Тие се многу позагрижени дека не сакаме веќе да ги гледаме, па ќе почнеме масовно да бегаме од нив. Се плашат дека ако останат сами, нема да имаат кому да му раскажуваат за успесите што ги постигнале додека патувале по светот.
На ум ми дојде еден познат виц од времето на Бугарија со Тодор Живков. Љубовницата му барала прво хулахопки, па бунда и на крај пасоши за сите Бугари.
Во македонска варијанта Илинка му побарала на Бранко да и исполни три желби. Првата и била да биде носител на пратеничка група за Тетовско. Бранко и рекол: “Нема проблем” и би Илинка пратеник.
Втората желба на Илинка и била да биде министерка за надворешни работи. Бранко и рекол: “Нема проблем” и стана Илинка министерка.
Му дошла Илинка на Бранко со трета желба. Му рекла: “Сакам сите Македонци да патуваат без визи, па ако може да фатам уште една пеколна дипломатска офанзива”.
Бранко и намигнал: “Итра си како лисица, Илинке. Сакаш сами да останеме, а?”