1 Во очекување на мислењето на Европската комисија за одговорите на прашалникот, Министерството за надворешни работи испрати писмо до земјите членки на ЕУ. Насловот на писмото е “Девет причини зашто Европската комисија треба да даде позитивно мислење за 9 ноември”.
Еве ги причините:
– Обединета Европа ќе биде некомплетна без интеграцијата на Македонија
– Земјата се докажа како легитимен партнер од доверба за Унијата
– Македонија ефикасно го затвори процесот на фазата на стабилизација
– Има јасна агенда за пристап во ЕУ
– Решително оди напред со реформите
– Успешно ја спроведува КАРДС програмата
– Има лидерска улога во регионалната соработка
– Македонија е успешна приказна во Југоисточна Европа
– Кандидатскиот статус за Македонија би бил позитивна порака за другите земји во регионот и потврда за заедничкиот успех на ЕУ
Како што би рекле битолчани: “Уб’о, уб’о, преуб’о!”
На овие девет причини “за”, ЕУ може да извади барем 99 причини “против”. Ама тие не сакаат да не разочаруваат, па ќе се задржат само на деветте што цело време ги повторуваат. А тие се:
– Неефикасно судство
– Нереформирано здравство
– Корупција и организиран криминал
– Неефикасна и партизирана државна администрација
– Странски инвестиции сведени на “Рамстор” и други супермаркети
– Сопрена денационализација
– Нова национализација со корупција во катастарот
– Лидери во стапка на невработеност
– Нефер и недемократски избори
Како што би рекле битолчани: “Уб’о, уб’о, преуб’о… дури неуб’о!”
2 Владата не го почитува законот за работни односи што го направи за да им се приближи на стандардите на ЕУ. Со новиот закон се укина институцијата “договор на дело”. Но, во државните институции и во министерствата работат околу 8.000 хонорарци.
Министерот за труд Стевче Јакимовски рече дека власта ќе продолжи да го крши законот оти нема друг начин да вработува поради забраната од Светска банка. Но, затоа приватните фирми не смеат да држат хонорарци и ним им се испраќаат инспектори.
Директорот на Трудовиот инспекторат Изет Ризаху рече дека неговите инспектори не ги ловат незаконските хонорарци во министерствата оти “експертите не можат да имаат ист третман со работниците во приватните фирми”. Веројатно затоа што приватниците, наспроти “експертите” што ги вработува Бучко, работат со дилетанти.
Ова е десетта причина зошто Македонија треба да добие позитивно мислење. Во ЕУ постојат еднакви услови на пазарот на трудот. А, кај нас некои се поеднакви од другите.
Опозицијата не реагира на кршењето на законот и нееднаквиот третман на граѓаните. И на ВМРО-ДПМНЕ му требаат договори на дело. Ако дојдат на власт да ги избркаат хонорарците на СДСМ и да си ги примат своите.
Значи – исти се. И тие не мислат на нас. Мислат само на своите партиски војници. Што и да ви кажуваат на прес конференција, нема да бидат подобри.
3 Радмила Шеќеринска рече дека најавата на Тито Петковски за нова партија не е добра за државата. Таа мисли дека со тоа “се влошуваат состојбите и на внатрешен и на надворешен план”.
Значи, кога се цепка СДСМ, тоа е катастрофа. А кога се раситнува ВМРО, тоа е добро за глумење демократија.
4 Зошто македонските економисти го предвидуваат растот на бруто националниот производ во децимали?
За да покажат дека имаат смисла за хумор.
5 Во понеделник во Женева ќе се одржи Форум на Светската здравствена организација за борбата против птичјиот грип. Најавено е дека за Швајцарија ќе патуваат службеници од Министерството за здравство и од Ветеринарната управа.
Дали до Женева има директна авионска линија, или службениците ќе одат прво за Приштина?
Дали на Косово ќе бараат помош од КФОР, или ќе им помогне британската кралица за да им испрати авион на нејзиното воздухопловство?
Министерот за здравство Владо Димов и директорот на Ветеринарната управа Слободен Чокревски нема да ризикуваат како настинатата кокошка од Могила да се тормозат на пат до Швајцарија. Тие нема да патуваат за Женева. Им е страв да не ги вратат како опасен товар.