1 Глупави американски експерти. Прво цел ден анализираа зошто фустанот на Мишел Обама што го носеше на балот по заклетвата на нејзиниот сопруг во вториот претседателски мандат, бил црвен. Како тоа првата дама носи фустан во бојата на републиканците, а мажот и` е демократ? Не открија што сакала Мишел да каже. Потоа го анализираа вртењето со очите на првата дама. И нагаѓаа дали устата и` била полна со јадење. И на тоа не успеаја да најдат одговор. Ама најмногу од сe, дури три дена анализираа дали Бијонсе на свеченоста во Вашингтон ја пеела химната на САД во живо или на плејбек. Се изредија едно чудо експерти, сите медиуми се фатија да ја решат дилемата, ама енигмата остана. И до денденеска не се знае како пеела Бијонсе.
И тоа ти биле експерти. И тоа ти била сериозна демократија. Наместо да дојдат кај нас, да видат што е сериозна држава. И што се сериозни експерти. Кои ни чуле ни виделе, знаат што кажал Нимиц. Знаат и што кажал Филе. Оти нам тоа ни е смислата на животот. Чекаме да дојде Нимиц. Па анализираме. Па чекаме да си оди Нимиц. И пак анализираме. Филе не го чекаме, оти тој доаѓа тајно. Ама откако ќе си оди, анализираме. И чекаме пак да дојде. И анализираме зошто би дошол. Па потоа чекаме Никола да му пише на Бранко. Па Бранко да му одговори на Никола. Па потоа чекаме да се сретнат. И откако ќе се сретнат, анализираме дали и кога пак ќе се сретнат. И откако сите ќе си заминат, го чекаме американскиот амбасадор Волерс нешто да изјави. Да му даде тежина на настанот.
2 Еврокомесарот за проширување Штефан Филе изјави дека очекува власта и опозицијата во Македонија да направат нешто за да му го вратат оптимизмот.
А нам оптимизмот ќе ни го вратат ли? Ако не поради нас, тогаш барем за атер на Филе.
Апла се гледа дека и на ЕУ и на САД баш им е гајле за слободата и демократијата во Македонија. Важно им е само да биде стабилно за да не им се отвори работа уште и со нас. Е тука веќе ние имаме еден голем проблем. А тој е дека сами треба да се избориме да си ја направиме земјата слободна и демократска. Ама тоа не изгледа баш извесно во земја во која на луѓето во зима им е премногу студено, во лето им е жешко, а напролет и во есен им паѓа притисокот поради ветрето.
3 Додека опозицијата беше во Собранието,СДСМ и ВМРОДПМНЕ си се плукаа меѓу себе. Центрите за комуникација си пуштаа по тричетири соопштенија и контрасоопштенија на ден, ама сето тоа се случуваше таму некаде, во политиката… Не ги сфаќаш и не те засега. Сакаш прифати, сакаш не прифаќај игра. Ама сега, откако битката излезе на улица, не можеш да останеш неизвалкан. Дури и сеир да гледаш, и од сеир ќе се изгнасиш. Се гаѓаат со гнасотилаци преку тебе и, едноставно, не можеш да избегаш. Нема прослава, нема роденден, нема погреб, а луѓето да не се искараат за политика. Децата во градинките место за играчки, ќе почнат да се тепаат за Бранко и Никола.
Па уште на цела таа грозотија кога и едикојси ќе почне да те прозива да избереш страна и да те обвинува дека ако не си на улица, тогаш си за Груевски, ти иде да бегаш, ич да не се вратиш.
4 Анализирајќи што ни се случува и зошто толку лошо се чувствувам, се сетив на една многу пати цитирана мисла на нобеловецот Иво Андриќ. Има напишано: “И така, дојдоа времиња кога паметниот замолкна, глупавиот проговори, а фукарата се збогати”.
Андриќ бил во право. Тие времиња дојдоа. Доказот е пред нас.
5 Веднаш по 24 декември, кога опозицијата со полиција беше избркана од Собранието, ДУИ излезе со соопштение дека “ќе се ангажира максимално со целиот свој капацитет во правец на надминување на новонастанатата ситуација во Собранието на Република Македонија”. Како се ангажираа? Си седеа настрана и си гледаа сеир. И ДПА на Мендух Тачи си остана во Собранието оти “тоа не било нивна битка”. А сега и партијата на Руфи Османи се врати и побара анкетна комисија.
Сфаќам дека пратениците на СДСМ, по она понижувачко исфрлање на улица, тешко ќе одлучат да се вратат во Собранието. Особено што Бранко вика: “Враќање нема!” Ама тоа што им го нуди Руфи Османи е причина добро да размислат. Ако ништо друго, кога ќе расправа таа анкетна комисија, ќе мора да се изгледаат и снимките од мобилките на Мариела и на Ленче, а не само снимките на Гордана од собраниското обезбедување. Па тогаш нема премиерот така едноставно да каже дека пратениците биле извлечени за раце. На тој начин и настанот од 24 декември ќе биде документиран. Вака, на улица, во 12 напладне, никој повторно не ги гледа снимките. Ако викаат дека бил “црн понеделник”, со анкетна комисија тоа можат и да го докажат. Па ако бил навистина црн, нека биде црн и за Трајко Вељаноски.
6 Премиерот имаше пет и полчасовно полноќно интервју. А другиот ден, на еден портал, се појави божем папарацоснимка како Груевски и жена му ги шетаат количките со децата низ улица Македонија. Со сликата и текст: “Можеби заглави вчера кај Миленко, но за него семејството секогаш е на прво место. Премиерот денеска стана рано и заедно со фамилијата ги искористија сончевите зраци да излезат и да уживаат во викендот”.
Да не помислиме случајно дека отспал малку човекот.
7 Србите со Кинезите ќе ги спојуваат Дунав, Морава и Вардар. За да може со пловење од Белград да стигнат до Солун. Со преседнување на Пчиња.
Ние бродови во Вардар веќе имаме. Ако треба, и ќе пловат.
8 Размислувајќи што да пишам во оваа колумна, за момент ми текна нешто оптимистичко. Ама како почнав да го пишувам текстот, не можев да се сетам што беше.
Ај може ќе ми текне следната сабота.