ПРЕЗЕМИ ИНИЦИЈАТИВА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:46:"РаѓајтесобаркизаКатар.

    1 Дури и скандинавските синдикати можат да му позавидат на Сојузот на синдикати на Македонија. Таква хармонија меѓу Владата и синдикатите не постои никаде во светот. Затоа што, веројатно, работниците во Македонија немаат такви проблеми како работниците во Скандинавија.
    Всушност, нашите работници немаат проблеми. Си работат и си молчат. Барем тие што работат. Тие што не работат, не мораат ни да молчат. Имам чувство дека дури ни премиерот Никола Груевски не побарал од претседателот на Синдикатот Живко Митревски да одржи пресконференција на 1 Мај. Од 365 дена во годината, барем еден ден синдикалниот лидер можеше да одглуми борец за работничките права. Па потоа, на 2 мај, ако требаше, ќе се извинеше. Ама Живко ја научил лекцијата за напредување во Македонија и за секој случај ја пофали Владата дека “и во услови на криза нема намалување на платите и посериозни отпуштања”. Дури и министерот за труд Спиро Ристовски на Денот на трудот ќе одглумеше поголема самокритичност. Нема потреба за тоа. Си има портпарол. Живко Митревски.
    2 Навистина, во која држава синдикалниот лидер на 1 Мај ја фали Владата? Во истата држава во која фалената влада со билборди, ТВспотови и радиоџинглови те потсетува дека треба да имаш секс. Ама продуктивен. Не онаков, само за уживанција. Добро де, не викаат баш така, ама од радијата ечи “преземи иницијатива” и со владина кампања ти кажуваат дека децата се нашето најголемо богатство. Санким ние не знаеме што е нашето богатство, па државата треба да ни го каже и тоа.
    Завчера, на вестите на јавниот сервис МТВ, одеше следнава најава за прилог на вести: “Бројот на разводи. Расте бројот на парови без деца. Демографијата Ахилова петица на Македонија. Надлежните преземаат мерки”.
    Добро бе, какви ли сe надлежности си презеде оваа влада? Ако Владата веќе се меша баш во секоја манџа што се готви во оваа држава, не мора баш да се меша и во креветите. Билбордите на кои пишува дека семејството и децата се нашето најголемо богатство се стигма за тие што немаат деца. Помислил ли тој што ја одобрил оваа кампања дека тие луѓе дополнително се фрустрираат? Помислил ли колкава е болката на тие што сакаат, а не можат да имаат деца? Дека обидувајќи се да го направат најголемото богатство, на лекување си го потрошиле целото богатство? Малку им е што преживуваат семејни драми, малку им е што сите душегрижници и водат сметка на невестата кога добила, туку сега и со билборди ќе им ја зголемуваат болката. Оти државата ги обележала. Како безвредни.
    А фактот дека одлуката дали некој ќе има или ќе нема деца и колку деца ќе има е работа само на личен избор, не сакам ни да го споменам на ова место. Ама ќе споменам дека Владата за ваква кампања ги троши парите и на тие што не сакаат или не можат да имаат деца. Кога го собираат данокот, не ги делат луѓето на вредни и на безвредни.
    Што прават министрите кога ќе се видат на седница на Владата? И меѓу себе ли се пребројуваат на вредни и на безвредни? Дали даваат отчет до каде стигнале со “преземањето иницијатива”?
    3 Ние немаме проблем да сфатиме дека децата се нашето најголемо богатство. Ама имаме проблем кога најголемото богатство, во потрага по подобар живот, се сели во побогати земји. Држава сe уште не презела иницијатива за тоа.
    Освен ако како успех не се брои веста дека Катар дозволил неговите агенции да вработуваат собарки и домашни помошнички од Македонија, Босна и Херцеговина, Камбоџа и од Виетнам. И таа добра вест дека сме меѓу првите четири за вработување собарки во Катар ја чув на телевизија.
    Без намера да ја омаловажувам професијата. Чесна е како и сите други. Само сакам да потсетам дека станува збор за неквалификувана работна сила. Не знам зошто вработување во Катар на неквалификувана сила би се сметало за успех.
    Приказната што почнува со билбордите за децата како најголемо богатство завршува во странство. Раѓајте собарки за Катар. А тие што се поквалификувани, веќе заминаа и во други земји. Им здодеа да чекаат земјата од делумно слободна да стане слободна. Отидоа некаде каде што работниците имаат повеќе проблеми. И протестираат за Први мај. А и Синдикатот ги поддржува во протестите.
    4 СДСМ вежба да стане ВМРОДПМНЕ. Само што Бранко најави дека нема пак да се кандидира за лидер, веднаш излегоа партиски активисти со контрапротести. Бараат Бранко да не си оди. Генералниот секретар Андреј Петров на кандидатите за претседател не им го дава списокот на делегатите за претстојниот конгрес. Не им дава ни да се обратат од партиската говорница во партиското седиште. Тие дури ни пред своите не смеат да зборуваат против Бранко. Само во себе можат да си го критикуваат.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира