1 Весниците вчера излегоа со црни насловни страници, откако владин службеник им се заканувал на новинари. Директорот на претседателската служба за обезбедување наводно му рекол на еден новинар: “Внимавај, ти имаш пенкало, а ние имаме пиштоли”. Здружението на новинари соопшти дека членството е бесно и вознемирено. И радио и ТВ-станиците од вчера протестираат со прекин на програмата по два часа дневно. Министерот за информирање изјави дека земјата прави сe што е во нејзина моќ за да обезбеди слобода на печатот и слобода на изразувањето.
Оваа вест вчера ја пренесе новинската агенција АП. Веста е од Монровија и се однесува на протестот на новинарите во западноафриканската држава Либерија. На рејтинг листата за слобода на изразувањето на Фридом хаус, Либерија и Македонија го делат 120-тото место и се класифицирани во рубриката “делумно слободни земји”.
Сепак, има една квалитетна разлика меѓу Либерија и Македонија. Кај нив медиумите во борбата за слобода се обединија. А кај нас се поделија. Едни ги објавуваат светските рангирања на слободата на информирањето, а другите им наоѓаат маана.
Владата, освен што прави сe што е во нејзина моќ за да обезбеди слобода на печатот и слобода на изразувањето, си бара оправдување за лошите оценки. Наместо да се бави со својот кабает и да гледа да ја поправи состојбата, се обидува да ги дискредитира странските организации што ги прават извештаите.
Божем ние за нашата состојба од странците дознаваме. Чекаме еднаш или два пати во годината да излезат тие извештаи за да сфатиме колку сме слободни да пишуваме и зборуваме. Како ние да не работиме секој ден, како да не знаеме со какви притисоци се соочуваме и како да не зборувале за тоа сто пати.
Па барем само во оваа колумна верувам дека едно педесетина пати во изминативе 22 години сум пишувал за притисоците врз новинарството. Дури и примери сум давал.
Не е проблем што тоа го пишува во странските извештаи. Проблем е што е создадена клима секој, ама баш секој, во име на премиерот да може да ти се јави и да ти се заканува да не објавиш, па дури и да не поставиш прашање. Можеби премиерот не знае дека го злоупотребуваат неговото име. Дури мислам и дека повеќето од нив не го ни виделе во живо. Но, факт е дека премиерот не се побунил против оваа пракса. Напротив. Дури дал и пример. Одвреме-навреме ќе ги искара медиумите и после ќе се чуди што секој си го дава правото да мисли дека тоа е вообичаено во демократска земја. И дека ако има притисоци, тие се легитимни. Тие што се чудат на извештаите изгледа дека живеат во некоја друга земја. Не во Македонија.
2 Ја следам оваа божемна дебата за некаков си закон за медиуми. И не ми е јасно што е темата на муабетот? Регулирање на медиумската сфера, или укинување на членот 16 од Уставот кој вели:
– Се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.
– Се гарантира слободата на говорот, јавниот настап, јавното информирање и слободното основање на институции за јавно информирање.
– Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации.
– Се гарантира правото на одговор во средствата за јавно информирање.
– Се гарантира правото на исправка во средствата за јавно информирање.
– Се гарантира правото на заштита на изворот на информацијата во средствата за јавно информирање.
– Цензурата е забранета.
Сe убаво си пишува во Уставот. Крај на дебатата.
3 Еврокомесарот за проширување Штефан Филе рече дека сега кај нас е топката. И дека од нас зависи дали конечно ќе го добиеме тој фамозен датум за почеток на преговори.
Ова со топката е како во фудбалот. Добива тој што ќе даде гол. Значи ние треба да им дадеме гол на Грците.
Ама, еднаш нели дадовме гол. Во Хаг. И што се случи? Голот ни го поништија.
Навистина, топката е кај нас. Ама што да правиме со неа? Да ја исфрлиме во аут? Или да си дадеме автогол.
4 Тоа што владиката Петар, Велигденски порача дека жените се виновни за зголемениот број разводи во Македонија затоа што “не сакаат да се покажат смирени, заради горделивоста, заради тоа што сака секој да командува, заборавајќи на тоа дека глава на куќата е мажот, а жената е повластена на мажот”, воопшто не ме изненади. Тој Владика кога идат големи празници, или колне, или се истакнува со длабокоумни духовни промисли.
Ме изненади зошто по повод оваа изјава не се јавија женските здруженија што бараа на голиот Прометеј пред Собранието да му се стават пелени. Баш ме интересираше дали истите тие што во име на женските права бараа да му се покрие курето на Прометеј, сега ќе побараат владиката Петар да си ја покрие устата. Или барем да си ја измие.
5 Откако во последниве две-три години беа украдени околу триста вредни средновековни икони од македонските цркви, МПЦ реши да гради музеј.
МПЦ ќе мора да се жртвува. Кога не сакаа на време да вложат во обезбедување на оригиналните икони и ги оставија во зафрлени места, сега ќе мора да соберат многу пари за да можат да си ги откупат назад за да ги стават во музејот. Ќе мора да наддаваат на аукции во Сотби и Кристи.
Нема чаре. МПЦ ќе мора да продаде многу од џиповите на возниот парк на поповите. Ако сакаат да ни ги вратат старите и оригинални икони. Ако не, може сами да си нацртаат. Постари и поубави.
6 Во СДСМ ништо ново. Сите се караат. А Бранко седи и гледа сеир.