1 Што пари даваат Американците за уништување на хемиското оружје од Сирија? Дај ние да ги земеме и оружјето и парите. И дупло да ќариме. На парите чаре ќе им најдеме. А оружјето ќе го рециклираме и ќе го направиме пестициди. Па кога ќе се покаже родна годината, ќе имаме добар извоз не само на краставици и грозје, туку и на домати, пиперки, јаболка, праски, кромид и друго органско овошје и зеленчук.
Башка Македонија ќе има и трет ќар од хемиското оружје во Сирија. Сe што ќе испрскаме Вардар ќе испере и ќе однесе кај оние таму долу, кај нашиот јужен сосед.
2 Завчера група маскирани насилници со палки истепале осум ученици во скопската населба Ченто. Не сакам да правам драма околу последниот инцидент во градскиот автобус во Скопје. Едноставно, одбивам да помислам, а камо ли да верувам дека ова е нарачана тепачка. Ми е страв и да помислам дека на нечиј повик се собираат тепачи, земаат палки, се маскираат и влегуваат во градски автобус, за што – за да тепаат деца.
Не дај Боже да загине некое дете. Кој ќе може да преземе одговорност за последиците? Не треба да бидеш атомски физичар за да знаеш дека последиците би биле крв до колена. Кој има капацитет да се справи со ситуацијата ако тепачките излезат од градските автобуси?
Затоа единствена утеха и смирување ќе биде ако видиме дека државата е способна брзо да ги открие тепачите и да ги казни. Оти видовме премногу трагични примери од приказните низ поранешна Југославија од деведесеттите наваму. Па и откај нас. 2001 година не е толку одамна за да се заборави.
3 Се врати сјајот на Скопскиот фестивал. За првата награда ќе се исплатат 20 илјади евра. Многу е логично во држава во која просечната плата е 20.000 денари за една песна да дадеш награда од 20.000 евра. За втора награда се даваат 10.000, а за трета само 5.000 евра. И многу логично звучат овие суми во држава во која секоја вечер на вестите на телевизиите одат прилози за семејства кои немаат пари да платат лекување, школување на децата, греење, струја, а некои немаат ни дом. Логично е и јавниот сервис на кој директно се емитуваше лотарија за вработување на 1.600 социјалци, да организира фестивал на кој за три песни ќе подели награди во вредност од само 35.000 евра.
Што се 20.000 евра за прва награда? Тоа ти се само 61 просечна плата. Или пет години да примаш просечна плата. Зошто да работиш пет години, кога можеш да пееш три минути?
Да се разбереме. Немам ништо против пејачите да добијат и 100.000 евра награда. Особено ако фестивалот е приватна журка на некој бизнисмен кој ептен многу ја сака забавната музика. Ама ние на газдата на Скопскиот фестивал му плаќаме радиодифузна такса. Месечно по 190 денари од домаќинство и од фирма.
Не знам дали тој газда, јавниот сервис МРТВ, за 22 години независна Македонија има вложено 35.000 евра за продукција на образовна програма за деца. Ама знам дека уште ја гледаме Бушавата азбука произведена уште во 1985 година, кога министрите на сегашнава влада биле во осмолетка.
За три песни се даде фонд на награди поголем отколку за сите оние награди што се доделуваат за 11 Октомври, за 23 Октомври, за 13 Ноември, за најдобри иноватори, за најдобри новинари, за најдобри публицисти, за научни истражувања, за животни дела…
Кој пее зло не мисли. А како тргнала работава, на крај сите ќе пропееме.
4 Во Македонија се сними ново продолжение на филмскиот серијал “Индијана Џонс”, ама никој не ни дозна. Филмот се вика “Индијана Џонс и ноќта во музејот”. Засега филмот го има гледано само полицијата. Ама уште не сфатиле зошто филмот се вика Индијана Џонс. Оти во досегашните продолженија, Харисон Форд е професор археолог кој ги носи пронајдените артефакти во музеј. А во македонскиот Индијана Џонс има чудесен драмски пресврт. Д-р Џонс ги изнесува артефактите од музеј. Во непознат правец. Како што изгледа, ќе се снима уште едно продолжение. Прво сфативме дека од Археолошкиот музеј во Скопје фалат 60 артефакти, а после стигнавме до 80.
Ако може да се најде утеха во ова пљачкосување на националното богатство е дека никој не краде артефакти од музеј за да ги уништи. Напротив, или ќе си ги чува или ќе ги продаде некому што уште подобро ќе ги чува. Не грижете се. Артефактите се на сигурно место. Никој не е будала да плати илјадници евра за златни обетки од пред нашата ера за да ги стопи, да ги изгуби, или не дај Боже некој да му ги украде. Нема белки во музеј да ги чува.
5 Од вчера стапи на сила обврската за носење зимска опрема во автомобилите. Ова беше веста која сите, ама баш сите медиуми без исклучок ја објавија. Значи – проверена е во Центарот за комуникации. И може да се објави.