ФРОЈДОВСКА УТКА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:114:"БезАмериканецотмомчетонеможеправонинатерасадаизлезе

    1 Значи, да резимираме што с ни се случи од почетокот на годинава. Прво дојде данскиот амбасадор и ни кажа дека тоа што Македонија не е запишана во агендата на данското претседателство на ЕУ не значи дека тие заборавиле на нас. Па на кратко ни се врати и Филип Рикер кој забележа дека нема некои промени и дека тоа што се радуваме на пресудата против Грција во Хаг не е пресудно за влез во НАТО.
    Во меѓувреме славевме Нова година. Потоа палевме огнови. Па отворивме триумфална порта. Гласавме на Интернет за барокна влада. Ја погребавме Грција во Вевчани. Скокавме по крстот. Истиот ден прославивме дека од 16 репрезентации сме влегле во првите дванаесет во Европа.
    Но немаше само игри за народот. Имаше и леб. А богами и пари. На Бадник вртевме лепче со паричка. А на Василица паричката беше во питата.
    Толку многу остварувања, а месецот уште не поминал.

    2 Сепак, големо постигнување има и за претседателот на Собранието Трајко Вељаноски кој ја вработил ќерката во Народна банка кај гувернерот Димитар Богов. Имало конкурс за приправници и таа ги исполнила критериумите.
    Немам ништо против. Девојката не е виновна што татко и е втор човек во државата. И таа мора некаде да работи. Учела, завршила, конкурирала, ја примиле. Ферски.
    Плус, татко и е народен избраник. Нормално дека ќе избере да ја вработи во народна , а не во ненародна банка. Единствено ме чуди зошто спикерот Вељаноски не ја охрабрил ќерка му да се осмели и да си отвори приватна фирма? Зарем тие дома не ги гледаат рекламите на Владата кога добри студенти го прават првиот чекор и потоа развиваат успешен приватен бизнис?
    Гувернерот Димитар Богов е член на Економскиот совет на Владата. Со него претседава премиерот Груевски.
    Кај гувернерот сега ќе работи и ќерката на претседателот на Собранието.
    Па ај сега некој нека се осмели и нека каже дека Народната банка не е независна и од законодавната и од извршната власт.

    3 Знаете ли што е “Дуинг бизнис” во Македонија? Прво ќе се отепаш да добиеш на владини тендери, оти други и нема. И потоа кога Владата ќе ти доцни со плаќањето, ќе си молчиш. За да не ти доцни уште повеќе.
    Е затоа не ме чуди ако Вељаноски намерно не ја охрабрил ќерката да отвори приватна фирма. Затоа што ја сфатил поентата на водење бизнис во Македонија.
    Молчењето е бизнис.

    4 Ако Филип Рикер не може да ја внесе Македонија во НАТО, може барем да и помогне да победи во ракомет. Особено што Грција не игра на првенството во Србија. Облече дрес на македонската репрезентација и навиваше во Ниш.
    Кошаркарите кога освоија четврто место на Европското првенство во Литванија го имаа Бо Мек Кејлеб меѓу играчите. Ракометарите го имаа Филип Рикер меѓу навивачите.
    Без Американецот момчето не може право ни на тераса да излезе.

    5 Фрлањето на крстот во Скопје е повод за религиозен придонес кон психоанализата, посебно во таканаречената “Фројдовска утка”, наречена според Сигмунд Фројд кој прв почнал да ја истражува потсвеста.
    Психоаналитичарите велат дека “Фројдовска утка” е состојба кога ќе ти попуштат бариерите. Кога ќе ти падне концентрацијата и во спонтана ситуација несвесно го кажуваш тоа што ти е во потсвеста. Некогаш тоа се толкува како лапсус, а некогаш едноставно лапсусот има подлабоко значење и е израз на потисната емоција.
    Обично фројдовската утка најдобро се објаснува со оваа анегдота: Отишол човек на психијатар. И му вели: Докторе, вчера имав класичен пример на фројдовска утка. Додека ручавме сакав на жена ми да и речам: “Драга, те молам подај ми ја солта”. Ама ми излета: “Кучко една, ми го уништи животот”.
    Има и други клинички примери кои се прераскажуваат како анегдоти: На пример, во пригоден говор си сакал да кажеш: “Изминатата година имав одлична соработка со госпоѓицата таа и таа”. А ти излетува: “Изминатата година имав одличен секс со госпоѓица таа и таа”.
    Не мора да си имал секс. За утка се смета и да си немал секс со извесната госпоѓица, ама само на тоа си мислел.
    На што ли мислел попот во Скопје кога ги повика верниците: “Да го чуваме лап топот во нашите глави и во нашите срца. И запечати со: “Амин!”.
    Исто како примерот со сексот, не знаеме дали попот има лаптоп, или само на лаптоп мисли. Ај да не бидеме неправедни. Може мисли и на џип. Ама на мостот немаше дискусија за џипови. Додуша џиповите се малку големи да се чуваат во главите и во срцата. За нив треба и гаражи.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира