РАСФРЛАНИ ЧОРАПИ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:103:"Аконемадржава,немадагорисамошупата.Ќегоримесите.

    1 Претседателската кампања во САД сe повеќе се разгорува, а актуелниот претседател Барак Обама, со понудената програма сe повеќе наликува на дел од политиките кои македонската Влада, на чело со премиерот Никола Груевски, веќе ги спроведува, а дел од нив се најавени.
    Ова што го прочитавте во првиот пасус е дел од сериозна анализа која. под наслов “Обама по стапките на Груевски”, е објавена на порталот курир.мк.
    Анонимниот автор прави анализа на годишното обраќање на Обама и ги нашол сличностите на програмата на американскиот Претседател со програмата на Груевски во областите на вработувањето, малите фирми, здравството, на градежништвото, регулаторната гилотина, борбата против криминалот…
    Анализата завршува со констатацијата дека “повеќе од очигледно е дека политиката на лидерот на најмоќната држава во светот се совпаѓа со политиката на македонскиот премиер”.
    Многу логично е кога имаш сериозни проблеми, како што има Обама во САД, да видиш други примери во светот. И тргнуваш од најлошото. И кога ќе ги внесеш во компјутерот сите параметри каде се најсиромашни, каде има најлоша инфраструктура, каде се најкорумпирани, каде има најголема невработеност, каде има проблеми со слободата на информирањето, а во исто време, луѓето и, покрај сe се среќни и задоволни, доаѓаш само до еден резултат Македонија. Сигурно кога го видел резултатот од пребарувањето на компјутерот, на Обама му лекнало: “Фала Богу, најдовме пример кој ќе го следиме”.
    Сега дури ми е јасно зошто и Филип Рикер измисли балканска турнеја и си најде оправдување да дојде и кај нас. Бил да го моли Груевски да не го тужи Обама за плагијат и за крадење идеи.
    Обама дури сега ја почна предизборната кампања за изборите кои им се одржуваат во ноември. Груевски е во кампања од 2006 година. Така што Американците се со години зад нас.
    Дури и сопругата на Барак Обама Мишел се вклучи во кампањата. На една ТВемисија правеше склекови и раскажуваше случки од приватниот живот. Го озборуваше сопругот дека бил немарен и оти кога ги соблекувал чорапите, ги расфрлал насекаде.
    Еве уште еден предизвик за аналитичко новинарство. Треба да се праша и Боркица. Да провериме дали Никола ги растура чорапите по дома. Штом Обама не трпи чорапи, а тргнал по стапките на Груевски, сигурно Груевски е бос.

    2 ВМРО е на продажба. Само зависи кој што ќе понуди. Онаа ВМРОМакедонска на Стојменов во мираз однесе телевизија. ВМРОНародна немаше што да однесе во мираз, па однесе кредити. Лидерот Марјан Додовски рече дека имал кредит од 120.000 евра, “како и секој просечен Македонец”.
    Ако не се препознавате себеси како задолжени во банка во износ од 120.000 евра, да знаете дека не спаѓате во категоријата “просечен Македонец”. Којзнае колку се заборчени натпросечните Македонци.

    3 Претседателот Ѓорге Иванов не спаѓа во категоријата “просечни”. Наместо да земе кредит, тој си троши свои пари на приватна картичка. Во наградна игра на банката добил подарок дигитален апарат.
    На шефот на државата му се зголемија обврските. Досега делеше медали. Отсега ќе може да се слика.

    4 Кога сме веќе кај просечните, и министерот за здравство Никола Тодоров убаво објасни зошто за подолго боледување ќе се исплаќа за 15 отсто помалку надомест отколку досега. Болните наместо 85 отсто плата, отсега ќе земаат 70 отсто.
    Министерот Тодоров рекол дека Македонците на боледување добиваат поголем процент од платата, во споредба со Швеѓаните и Германците. Притоа рекол дека не треба да се споредуваат стандардот и приходите на граѓаните во земјава со стандардот и приходите во Шведска и во Германија.
    Во Македонија просечна плата е нешто над 20.000 денари. Минималецот е осум илјади денари. Ај нека добие некој 70 отсто од осум илјади. Па од таа сума нека ги плати сите сметки. Нека ги испрати децата во школа. Па од тоа што ќе му остане, нека се лекува.
    Нека не ни раскажува министерот приказни за Шведска и за Данска. Едноставно нека каже дека нема пари. Ќе му веруваме.

    5 Со промена на урбанистичкиот план, и седиштето на ВМРОДПМНЕ ќе може да се надгради. Обичната куќа во центарот на Скопје ќе може да добие шест ката со скулптури и видиковец на покривот.
    Ете можност да се изгради вистинска Гоцева тераса. Само за членови.

    6 Тамам си помислив дека го заборавиле Бранко, дека се сконцентрирале на успесите без да го споменуваат лидерот на опозицијата, кога вчера пак ме разочараа. Антикорупциска му поднесе прекршочна пријава оти кога бил премиер во 2003 година, не пријавил дека неговата сопруга Јасна имала нива на хрватскиот остров Корчула, и во наследство добила третина стан во Белград.
    Колку и да сака ВМРОДПМНЕ да го врати Бранко во живот, тој не се дава. Од сe што можеа да му најдат, се фатија за нивата. Имаше за него и некоја афера “Надеж”, ама надежта последна умира.
    Сега Бранко ќе се налути. Ете му шанса да го оствари ветувањето дадено лани во април, во септември 2010, во јуни 2009, во октомври 2008, во мај 2007 дека ќе се бори против оваа ненародна власт. Нели пред дветри недели кажа дека “водата стои, ама СДСМ не стои”. Ама, во меѓувреме, залади, па и водата ептен застана.

    7 Кој е тој што дошол да ги пали моите цркви и џамии? По повеќе од 20 години, веќе ми е смачено да пишувам за запалени цркви, осквернавени џамии, за “клети Шиптари” и за “Умрете каури”.
    И по дваесет години, пак гледам дека партиите се главните кои ги управуваат страстите. А верските лидери им помагаат. Кои партии, бе? Каква вера? Што има тие да се мешаат?
    Очекувам тие што палат да ги фати полицијата, а судот да ги казни. Тоа е вистински одговор на цивилизирана држава, а не партиски договор за ненапаѓање. Ако воопшто има држава. Ако нема држава, нема да гори само шупата. Ќе гориме сите.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира