ЖРТВИ НА ПРИМИТИВИЗМОТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:94:"Колкулиќеодлепаткогаќегоиспорачааткокаинот?

    1 Собраниската расправа за одбележување значајни датуми помина во духот на историската традиција на Македонците. Се истепаа меѓу себе.
    Прво Гордан Георгиев од СДСМ ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека прифатиле да се одбележува стогодишнината од албанското знаме, а не гласале за шеесет години од првите роман и филм на македонски јазик. Тој кажа и дека е опасен преседан да се слават стоте години откако министер за одбрана на Албанија станал Мехмед Паш Дерала, кој бил од Македонија. Праша дали ќе се слави и Никола Пашиќ оти е роден во Тетово. На ова Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ му врати на СДСМ со логично вмровско прашање: “Нели \орче Петров беше член на бугарска влада и нели Димитар Влахов бил пратеник во турскиот парламент?”
    Потоа Игор Ивановски од СДСМ обвини дека коалицијата ВМРО-ДПМНЕ – ДУИ ги сменила имињата на улиците со лица од терористичката ВМРО, како што се Александар Тодоров, Ванчо Михајлов и Мара Бунева. На што легендарната Бети Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ, инаку позната по изјавата од говорница дека е горда што е послушник на Груевски, побара да се слават 50 години од раѓањето на Бранко Црвенковски, а тој да донесе “виски и малку кокаин за подобро да прославиме”. По тоа Игор Ивановски побара доктор за преглед.
    Ако пратениците вака зборат во Собрание без виски и кокаин, колку ли ќе одлепат кога ќе го испорачаат кокаинот?

    2 И така Македонците од СДСМ се испокараа со Македонците од ВМРО-ДПМНЕ за албанското знаме и за првиот министер за одбрана на Албанија. Што ли ќе се случеше ако ДУИ и ДПА побараа да се слави и првиот министер за екологија во албанската Влада? Немаше да доаѓа само собранискиот доктор. Конзилиум ќе го решаваше тој изблик на национален порив за соживот со Албанците и самопочитување меѓу Македонците.
    Колку што е смешно кога СДСМ мора по секоја цена да биде против ВМРО-ДПМНЕ и се фура на македонски национализам, речиси исто толку е смешно и кога ВМРО-ДПМНЕ по секоја цена мора да е против СДСМ, па макар во таа антипротивност биле и антимакедонски.
    Затоа и не треба да се занимаваме со минатото. Оти очигледно и со сегашноста не можеме да се справиме. Ако веќе мора да гледаме назад, тогаш најдобро да си останеме во антиката. Таму барем сите се согласуваме. И Македонците и Грците и Албанците и Власите тврдат дека Александар Велики е нивен. А и на Александар лично тоа одамна не му пречи.

    3 Бидејќи во државата меѓу Македонците има премногу кохезија, мора да се измисли нешто што ќе внесе барем малку раздор. Затоа ВМРО-ДПМНЕ за инает на сите поднесе нов закон за лустрација. Уште подрастичен од претходниот што падна на Уставен суд.
    Практично, до 2006 година кога со Груевски конечно пристигна демократијата во Македонија, буквално секој граѓанин ќе подлежи на лустрација. А кодошите ќе бидат јавно објавувани на веб сајтот на комисијата.
    А зошто само на тој веб сајт? Зошто прво да не се објавуваат на Фејсбук? Ионака досиејата се веќе таму.
    Зошто таа информација да се сподели само на Интернет? Сите за кои комисијата ќе изгласа дека се кодоши нека носат црвена лента кога ќе одат на работа. Да може секој да ги истепа на улица.

    4 Со новиот ГУП на Скопје, градоначалникот Коце Трајановски смета дека добар дел од нелегалните градби ќе може да се легализираат.
    Значи повторно ќе бидат оштетени тие што биле легални. Ќе се наградат тие што на легалните им ги узурпираа дворовите, парцелите, тротоарите, улиците, парковите… Ќе бидат наградени тие што на чесните им го украдоа квалитетот на животот.

    5 Од проектот “Скопје 2014” се потешко може да се направи пародија. Најновиот елемент што излезе е конкурс за карусел со коњчиња на Плоштадот. Уште тие недостигаа за комплетирање на разг;ледницата со фонтаните, спомениците, Триумфалната капија, бродовите на Вардар. панорамското тркало со кочии и плажата. Така што во Македонија дефинитивно ќе ги добиеме Лас Вегас и Дизниленд во едно.
    Според конкурсот, ротирачката површина на каруселот треба да има дијаметар од седум метри, декоративен венец и 32 фигури со пони коњчиња, чаши што се вртат и кочии. Вртелешката ќе биде евтина. Само 137.000 евра. Малку поскапо од светилките на барокната фасада над ресторанот “Пелистер”.
    По заживувањето на овој простор, таму ќе може да се одржуваат и отворените седници на Владата. Сите ќе можат премиерот и министрите да ги гледаат во живо. Министрите на ВМРО-ДПМНЕ ќе седат на коњчињата, а министрите на ДУИ во кочиите. Ротирачките чаши се резервирани за министрите од помалите партии во коалицијата. Да одржуваат баланс. Ако не седат мирно може лесно да изротираат и да испаднат од седиштето.
    Груевски ќе јава на највисокото коњче и заедно со него цела Влада ќе се врти на плоштадот.
    Има симболика во каруселот и вртењето. Оти ние тоа го правиме цело време 20 години. Се вртиме во круг. Кај што сме се качиле, секој пат на истото место пристигнуваме. Само што за разлика од министрите ние од тој пусти карусел не можеме никако да се симнеме.

    6 По 20 години транзиција се повеќе станува јасна потребата на Плоштадот Македонија во Скопје да се изгради уште еден музеј. На жртвите на примитивизмот.
    Трагедија е што веќе е предоцна за таков музеј. Нема кој да го изгради.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира