1 Утре доаѓа најбогатиот човек на светот Карлос Слим. Ќе го шетаат пеш на плоштадот Македонија меѓу спомениците. Посетата на еден гостин од таков калибар откри голем превид во проектот “Скопје 2014”. Се соочивме со фактот дека Скопје нема државна кочија. Освен оние приватните што со коњи крстосуваат по скопските булевари во еколошка мисија за собирање стара хартија и пластични шишиња, сериозна кочија нема. Затоа, вистинска среќа е што од “Паркови и зеленило” го увиделе овој недостиг и навремено реагираа со со барање да им се одобрат 40.000 евра за да се купат коњи и пајтон.
Купувањето пајтон се наметна како реална потреба. На сето ѓубре што мириса од контејнерите низ Скопје, сега треба да се измеша и мирисот на коњски измет. Па што ако. И во далеку посериозни метрополи со згради уште побарокни од нашите, како што е, на пример Виена, таму каде што возат кочиите, смрди. Зошто и ние да не го почувствуваме мирисот на свеж измет како што го чувствуваат виенчани? Ние сме и во подобра позиција. Кај нас сонцето побрзо ќе ги суши лепешките, оти посилно пече.
Скопје и онака личи на голема ергела. Воин на коњ, Гоце на коњ, Никола Карев на коњ, Даме Груев на коњ, Карпош на коњ, Филип Автокомандантски на коњ, Ѓорче од Ѓорче Петров на коњ, карусел со мали коњчиња, екопатроли со старата хартија и пластичните шишиња со коњи и, згора на сето тоа и коњите на Коце со пајтон. На толку коњи, редно е градот да замириса на штала.
Воведувањето на кочиите во нашето секојдневје, ќе внесе и нова култура на однесување. Никој нема да ти забележи ако псуеш како кочијаш. Дури и изразот “Коњу еден” добива реално значење.
А и “Македонска пошта” може да размисли да го рента пајтонот на Коце. Откако ДУИ ја презеде поштата и никако не ја пушта, писмата толку брзо стигнуваат, како да ги носат со поштенски дилижанси.
2 За каков најбогат човек на светот се претставува Карлос Слим? Има 69 милијарди долари, а нема ни авион. Овие нашиве нови богаташи му се смеат. Не го есапат за богат штом нема јахта на Халкидики.
Само не ми е јасно како Груевски мисли да го импресионира Слим со скулптурите од “Скопје 2014”? Човекот има една од најголемите уметнички колекции во светот со 66.000 уметнички дела, меѓу кои и од Да Винчи, Сезан, Матис, Ван Гог, Роден, од Ривера? Смислија да му приредат изненадување на тој начин што додека тој шета низ Плоштадот, тие ќе ја пуштат фонтаната под Воинот на коњ. Кога не можат со уметнички квалитети, ќе го импресионираат со изблик на национален еротизам. Александар ќе прсне кога ќе го види Карлос.
3 Лустрацијата се прави за да се расчисти со тие што кодошејќи од идеолошки причини се збогатиле и напредувале во кариерата. Тоа било во времето на комунизмот. Кога била главна партијата.
А како е сега во време на повеќепартиска демократија? Кој сега може да напредува? Кој сега може да се вработи во државна служба? Кој може да тера бизнис? Кому му враќаат ДДВ, а кому не? Кому му испраќаат инспекции, а кому не? Кој добива на државни конкурси? Кој добива на суд, а кој губи?
За какво деидеологизирање станува збор, кога уште единствен услов за богатење и напредување во кариерата е партиската припадност? Особено припадност на партијата на власт. Без разлика дали станува збор за 1945,1968, 1989, 1991, 1998, 2002, 2006 или за 2012?
Може Груевски да му се лути на Уставниот суд дека ја ограничи лустрацијата до 1991, наместо до 2006, како што сака тој. Ама зошто се лути? Па тој самиот не го промени начинот на дотогашно владеење. Да го укинеше правилото да се профитира од партиска припадност, како што ние непартиските се надевавме кога првпат победи во 2006 година, можеби навистина за Македонија ќе почнеше нова историја. Па ќе имаше право да бара лустрација до неговото време. Ама тој не ја укина праксата на владеење со партиски привилегии. Напротив, уште повеќе ја зајакна.
Затоа и неговото инсистирање на лустрацијата повеќе личи на желба за одмазда. Идејата на лустрацијата е општеството да се прочисти од гревовите на минатото. А не да се обремени со нови гревови од сегашноста.
4 Советот за радиодифузија им даде уште шест месеци на “Сител” и на “Канал 5” да ги сменат сопствениците, бидејќи нивните татковци се пратеници, а тоа не е законски.
Претседателот на Советот Зоран Стефаноски, по дискусијата заклучил: “Ова ѓубре под тепих не може повеќе да се става”.
Но најдраматична беше изјавата на членот на Советот Борис Арсов, кој со барокна реторика рече: “Кај мене се појавува потреба да осознаам што е семејство”. Со други зборови, не му е јасно дали татко и син Ѕингови, односно татко и син Стојменови се семејство.
Сега кај мене се појавува потребата да осознаам дали овие нас нe прават будали. Или стварно сме будали.
Наместо да нe замајуваат со потреби за редефинирање на поимот семејство, најбезболно би било и Ѕинго и Борис Стојменов да осознаатедека треба да се откажат од пратеничките места во корист на телевизиските бизниси на нивните деца. Само што тогаш нивните телевизии ќе изгубат употребна вредност.
5 Македонскиот амбасадор во САД Зоран Јолевски рече дека Македонија е де факто во НАТО, а де јуре не е.
Ова ме потсети на вицот кога Трпе ја прашал жена му дали би спиела со некој друг ако и` плати 100 евра. Таа му рекла: “Никако, Трпе, зарем за 100 евра?”. Трпе ја прашал: “А за 2.000 евра?” Таа му рекла дека ќе подразмисли. А за 100.000 евра ќе спие без размислување.
На тоа Трпе, во стилот на амбасадорот Јолевски, резонирал: “Де јуре ние би биле богати. А де факто имам курва дома”.