ЖИВА ДОСАДА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:53:"КојлиеКардељвоВМРО-ССРНМ?

    1 Бидејќи во Македонија е многу здодевно и немаме попаметна работа и проблеми што би нe загрижиле, цела недела отековме со новиот бран во ВМРО-ДПМНЕ. Цела држава, вклучително и најголемата опозициска партија, прави драма од тоа што владејачката партија решила да се освежи. А ВМРО-вците пак за да не бидат покуси направија и приказна. Дури и цел слоган смислија. Од партија прераснува во општонародно движење. Леле, леле, леле…
    Исто како што Комунистичката партија го создаде движењето Народен фронт и во 1953 година го прекрсти во Социјалистички сојуз на работниот народ на Македонија – ССРНМ. Сега ВМРО-ДПМНЕ прераснува во ВМРО-ССРНМ. Живо ме занима кој ли е Едвард Кардељ во ВМРО-ССРНМ.
    Значи за шест години преродба стигнавме од 1945 до 1953. За шест години остваривме осум. Со молскавична брзина се движиме кон капитализмот со комунистички лик.
    2 Покрај загриженоста за новиот бран во ВМРО-ССРНМ, СДСМ пројави загриженост и за безбедносната ситуација во земјата. Минатиот викенд се состана некоја нивна безбедносна комисија. И констатирале дека петкратното убиство во Скопје “ги фати безбедносните служби неподготвени”.
    Пардон. Ова го кажува партија на која додека беше на власт и` се случи атентат врз првиот Претседател. А вториот загина во авионска несреќа на владин авион. А обете истраги сe уште не се завршени.
    3 Некој ја слушал приказната дека во Скопје покрај Вардар имало врби, плажи, Народна банка, Офицерски дом… Градот убав пак ќе никне. И никна. Се враќа банката, се враќа Офицерскиот дом, се вратија и плажите. Единствена мана е што коритото на реката сега е регулирано. Па за да не го дерегулираат, врбите наместо покрај Вардар, ги ставија среде Вардар.
    Врбите не се само дрвја. Тие се уметничко дело. И како уметност, идејата е наградена со 30.000 денари. Ама некој што тоа го избрал знаел дека скулптурите нема да поминат само со помалку од 500 евра хонорар за уметникот. Требало да знае дека за врби среде река ќе има многу градење. А кај што има многу градење, може да има и многу крадење. Треба да ја сопреш реката, да ставиш иноксни саксии, да консултираш експерти од разни области… Ем ќе ќариме, ем модерни ќе се правиме. И така, кога ќе ставиш сe едно врз друго, па врз трето, па врз четврто, 250-те илјади евра и не се некои пари. Нешто повеќе од светлата за барокната фасада над Пелистер.
    Изведбата на проектот жални врби уште на почетокот почна жално. Го промовираа истиот ден кога министерот за финансии Зоран Ставрески се пофали дека кредитот од 250 милиони евра што ни го дала Дојче банк е потврда за реномето на државата. Кредитот е земен за да се пополни дупката во Буџетот. Да немаше дупка во Буџетот, немаше да знаеме колкав ни бил кредибилитетот.
    Истиот ден и од Фондот за здравство мртви ладни најавија дека ќе доцнат исплатите за боледувањата, оти нема пари. Апелираа болните да се стрпат. Да се воздржат од разболување и барање пари во овој тежок момент за буџетот.
    Помеѓу тие две вести испраќате СМС пораки како донација на хуманитарните линии на мобилните оператори, оти луѓето не можат да закрпат ни 3.000 евра за да си ги лекуваат децата.
    4 Министерката за култура Елизабета Канческа – Милевска повика на почит кон уметничкото дело. Но во исто време баш тоа Министерство прави непочитување на уметникот. Затоа што ја оставија авторката сама да го собира гневот за нивната одлука што баш сега тие решиле да потрошат 250.000 евра.
    Авторката на амбиенталните скулптури Искра Димитрова вели дека “сведувањето на вредноста на едно уметничко дело на садница е израз на нивото на култура на поединецот”. Така е. Таа е уметник. Нејзе тоа и` е работа. И јас така мислам.
    Ама, авторката не е виновна ако некој поставува прашање дали баш во земја во која поради сиромаштија доцнат исплатите за боледувањата морало да се потрошат милиони и милиони евра за скулптури низ Скопје. Па така излезе дека сведувањето на трите садници во Вардар за 250.000 евра е правење мајмуни од цела нација.
    5 Шефот на Кабинетот на претседателот на ДУИ, Артан Груби, по судењето за тепачката на Калето изјави дека тој и неговите соработници се откажале од приговорите за условните казни оти тие биле одлука на политички суд. Тој изјави: “Пред една година ја добивме битката на Калето и историјата ќе суди за инцидентите што се случија таму”.
    Артан Груби е како Тито. Го признава судот само на својата партија. А неговата партија е во Влада. Плус и министерот за правда е од неговата партија. Ама Артан Груби изгледа не верува дека неговата партија е во влада на оваа држава.
    За која историја зборува Груби? За каква битка? И за чија победа?
    Впрочем, што беше тој инцидент на Калето? Сум заборавил. Од тогаш до денеска многу тепачки имаше во оваа земја.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира