1 Се извинувам што морам да се повторувам. Ама навистина немам идеја како да најдам нови зборови за да го опишам ова безнадежно трошење време и зборови што не фрла во очај. Само што го видов Бранко со драматичниот потег на вадење документ среде ТВемисија откривајќи божем државна тајна за која сите ние сме пишувале пред седум години со денови, ми текна на една моја стара колумна. Еве што сум напишал на 4 септември 2010 година:
Бранко продолжува по старо. Традиционално, ќе даде изјава што може да предизвика многу реакции и ќе избега во странство. Ќе прдне во лифт и ќе си излезе. Тие што ќе останат да се возат, ќе се душат во неговата смрдеа.
Рече оти тој што тврди дека во 1995 година му нуделе да ја внесе Македонија во НАТО и да почне преговори со ЕУ мора да е “или ноторен лажго, или тотален идиот”. И ден потоа замина за Црна Гора. А медиумите, бидејќи немаат попаметна работа, туку да го анализираат Бранко, претпоставуваа кој е идиотот, а кој е лажгото.
Бранко не кажа нешто што не сме го знаеле досега. Ноторни лажговци се политичарите. А тотални идиоти сме ние, што воопшто ги есапиме. Па уште и гласаме за нив и се караме меѓу себе. Па и уживаме во тоа.
2 Овој пат државникот божем откри некаква државна тајна од документ на Нимиц од 2005 година. Впрочем, на државник и не му личи да издава други тајни. Државник може да издава само државни тајни. Само што овој пат цела нација не се занимава со барање одговор на прашањето кој е идиот, а кој е лажго. Туку кој е патриот, а кој е предавник.
На документот што го покажа Бранко пишува “строго доверлив”. И “забрането за умножување и фотокопирање”. Уште пишува и дека документот е декриптиран. Така што ова што Бранко сега го направи не е обичен прдеж. Тоа е декриптиран прдеж.
А ние демек цела недела дополнително го дешифриравме. Се замајувавме со документ стар речиси 7 години кој Грција уште тогаш експресно го одбила. Има ли поидиотска тема за расправа? Па уште и во Собранието на пратенички прашања расправаа дали документот е патриотски, како што вели Бранко, или предавнички, како што тврди Никола. Зарем мислат дека расправа за документ од 2005 година ќе ни ја подобри иднината? Зборуваа за нешто што не се ни случило пред седум години, а никој не праша зошто за само три месеци ни умреле 61 доенче.
Едните веќе забегаа и осилени по шест години неприкосновена власт прават се поголеми и поголеми глупости. Другите, пак, се сетија на дежурните патриоти да им наметнуваат расправа за патриотизам. Оти и по шест години во опозиција немаат идеја што друго да понудат.
3 Кога веќе се фатија за расправа за името, многу ме интересира дали има некаков предлог што Грција некогаш го прифатила. За да можеме воопшто да го дискутираме.
Излегува дека Грција нема проблем со името. Ние имаме. Дури и кога државата им е пред банкрот и не можат да се договорат да состават влада, Грците имаат консензус за нашето име. Ним името им е единствениот фактор на обединување. А нам, покрај сите точки за карање, името ни е дополнителен фактор за разединување.
4 Најстрашно е што кога “Дневник” го побарал спорниот документ во архивата на Претседателот на државата, таму го немало. А како го нашла државната агенција МИА?
Во која држава, функционерите можат да ги изнесуваат документите и да си ги чуваат дома за да може да ги вадат кога ќе им прдне? И после се чудевме како и досиејата за лустрација паѓаа од небо и ги наоѓаа по нечии дворови? И се чудиме зошто луѓето веќе не веруваат дури ни во пишани документи. Со вакво неодговорно уништување на колективната меморија, утре ќе се чудиме ако пак, како некогаш Бугари, Грци и Срби ни ја пишуваат историјата.
5Покрај името како фактор за разединување, дополнителен фактор за недоверба е кој побарал кастрирање на Прометеј. Од Општина Центар рекоа дека уметникот ги скрил гениталиите на скулптурата по барање на некои женски организации. Ама ете, дури и Унијата на жени на ВМРОДПМНЕ се огради од интервенцијата врз уметничкото дело, оти такви скулптури има насекаде низ светот.
Што ти е почитување на јавното мислење. Владејачката партија е против, ама некои мали невладини женски организации се побуниле и власта веднаш реагира. Им го исполнува барањето. Му се јавува на скулпторот и му вели: “Сечи, мајсторе”. И на барање на граѓанскиот сектор патлакот веднаш добива пелена. Да се чудиш колку напреднала демократијата.
Многу ме интересира како на скулпторот Томе Аџиевски му соопштиле дека треба да си ја смени скулптурата. Баш сакам да каже кој му се јавил. И многу сум љубопитен да дознаам на кој начин му соопштиле дека треба да го кастрира Прометеј. Како му го објасниле тоа? Со кои зборови?
Се извинувам што минатиот пат играв мајтап со лицемерието на жените од некои непознати организации и што ја предупредив министерката за култура Бети Канческа кога ќе оди во Фиренца да не доживее културен шок кога ќе го види Давид на Микеланџело. Сега, кога дури и Унијата на жени на ВМРОДПМНЕ кажа дека немала ништо против скулптурата на голо машко тело, изгледа дека жените џабе излегоа кабает. Се ми се чини дека некои мажишта се тие што одлучиле да го кастрираат Прометеј.
Фала Богу, низ Плоштадот и околу него останаа уште многу мадиња и газиња. Така што, не пречи толку тоа што само Прометеј доби пелена.
Имаме среќа што се уште никому не му текнало да го спушти коњот врз кој е јавнат Воинот што личи на Александар. Добро е што Букефал е исправен на задните две нозе. Така е поставен што, кога ќе го дигнеме погледот кон него најубаво се гледа за кој кур толку пари ни потрошиле.