ЗА ИНАЕТ

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:74:"ТолкумногуМакедонии,асамоеднавечна

    1 Некој селанец од светиниколското село Ранченци, наводно, го запалил соседното Патетино од инает. Не му давале да го напасува добитокот.
    Во Судскиот совет за инает не може да се избере претседател на Врховниот суд.ДУИ за инает на го гласа кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, оти ВМРО за инает не го гласа нивниот кандидат.
    Вчера, за инает на СДСМ, Обединети за Македонија на Љубе се врати во ВМРО-ДПМНЕ. Пред тоа, за инает на ВМРО-ДПМНЕ, се здружи со СДСМ. Откако уште пред тоа за инает се отцепи од ВМРО-ДПМНЕ. За инает на Груевски и на Ахмети, Бранко се здружи со Љубчо и со Тачи. А кога го слушам Груевски со кој тон ги дава изјавите, се ми се чини дека се што направил, како да направил за инает на Бранко. Од Александар Македонски до Триумфалната капија. Само врбите во Вардар не се за инает. Таму проработела креативноста.
    Е тоа е приближно кругот во кој се движи Македонецот. Меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ секогаш има некое друго ВМРО. Од инает во инает, за инает. Инаетот е потврда на идентитетот затоа што е длабоко врежан во генетскиот код на Македонецот. Да му цркне кравата на комошијата. Зошто? За инает.
    Впрочем, досега и сите промени на власта се случувале за инает на тие што се на власт. Партиски определените гласаат “за”. Неопределените гласаат “против”. За инает.

    2 За инает на ВМРО-ДПМНЕ ни најголемата опозициска партија СДСМ нема да го обжали новиот Закон за лустрација пред Уставен суд. Потпретседателката на партијата Ана Павловска Данева рече дека тој закон за нив не постои. “Тој закон е нула”, рече таа. Ете, тоа го кажува професорка по право и пратеник. Дека во СДСМ не го признаваат Законот оти не гласале за него.
    Така е тоа во Македонија. Прво ВМРО-ДПМНЕ и се помоча на институцијата Уставен суд што го поништи Законот за лустрација, па за инает донесе уште понеуставен закон. Па сега, за инает и СДСМ му се помоча на Уставниот суд, оти не го признава Законот, па не мора ни да го обжалува. Па после ќе се чудиме кога правда ќе се дели на улица. Оти веќе се дели на Фејсбук.

    3 Фондот за здравство почна уште пред Комисијата за лустрација да дели правда на Интернет. Објавија список на лекари што направиле грешки при работењето. Ај што ги објавија, ги објавија. Да речеме дека граѓаните треба да знаат кој не работел според правилата. Ама списокот има многу помпезно име. Се вика “Ѕид на срамот”. А што им направија на тие што се на ѕидот? Не им зеле ни лиценци не ги дале на суд. Само Фондот го раскинал договорот со нив. Џанам, голем срам.
    Во која држава на веб сајтот на државна институција може да се појави список кој официјално се вика “Ѕид на срам”? Ќе помисли човек дека лекарите стојат пред ѕид и чекаат да бидат стрелани. Или, во најмала рака, камшикувани.
    Во која држава? Во истата држава во која лидери на опозициони партии исто така помпезно се среќаваат како да се лидери на две држави. И тоа на бензинска пумпа. Демек на пола пат меѓу двете држави. Кога веќе нема граница. Во истата држава во која веќе и не паметиме дека лидерот на владејачката партија се сретнал со лидерот на најголемата опозициона партија. Оти и кога се среќаваа, на средбите им даваа помпезни имиња од типот “лидерски самит”. Чиниш како во ОН да се сретнале лидери на две завојувани земији. И тоа е историски настан.
    Стварно, зошто би се среќавале Бранко Црвенковски и Никола Груевски? Немаат причина за средба. Немаат заеднички теми. Немаат заеднички интереси. Немаат заеднички проблеми. Очигледно не живеат во иста држава.
    Многу држави се намножија во Македонија. Имаме Македонија на Груевски и Македонија на Бранко. Имаме и Македонија на Љубчо. Македонија на Ахмети и Македонија на Џафери. Па богами и Македонија на Руфи Османи. А гледам, за да не остане покусо, и МПЦ сака со своја Македонија да се истакне.
    Толку многу Македонии, а само една вечна.

    4 Во Скопје почна изградбата на четири 42катници во кои треба да живеат околу 5.000 луѓе. Немам предрасуди. Не сум сомничав за квалитетот на живот на 42. кат во Скопје. Ни дали ќе издржат и земјотреси и како ќе се гасат пожарите.
    Ама, имајќи го предвид генетскиот запис за инаетот, многу сум љубопитен како ќе изберат претседател на куќниот совет? И кој ќе се нафати да собира пари за чистачка, за светло и за лифт. За претседател на куќниот совет ќе треба да се распишат посебни локални избори. Да видиме кој во која кула победи. И кој со кого ќе коалицира и кој кого ќе купи во заедничкиот трговски центар. Ете уште една шанса Груевски и Црвенковски повторно да си ги одмерат силите.

    5 Не ми е јасно што бараше заменикгенералниот секретар на НАТО Александер Вершбоу по овие горештини да доаѓа во Македонија. Џабе ни ги блокираше улиците, џабе ни трошеше минути на вестите, џабе хартија по весниците арчевме. Зошто мораше да ни го кажува истото што го знаеме од 2008 година навака. Дека не сме за НАТО додека не го смениме името. И дека сме спремни за НАТО.
    Ете, земјата на која ни името не и го споменува ќе им даде пола од војската што ја има да се бие во Авганистан. Ним само тоа им е важно. Ако нема што ново да ни каже, ич нека не доаѓа. Нека штеди малку. Нека не троши пари за пат. А и тука нема да ни го блокираат сообраќајот.

    6 Вчера го видов премиерот Груевски седнат зад волан на автобус, за да ја означи изградбата на белгиската фабрика за автобуси “Ван Хоол” во слободната зона Бунарџик. Ме потсети на легендарната сцена од стариот југословенски филм:” Кој пее таму?” (Ко то тамо пева?) Кога таткото на возачот раскажува дека син му Мишко возел со врзани очи два километра. Ама некои од патниците не му веруваа. Па за инает на неверниците, таткото му врза црн шал преку очите и му нареди на синот: “Вози, Мишко”. И Мишко возеше, а патниците викаа: “Немој братко, те молам!”. А таткото за инает им се фалеше на патниците: “Мој Мишко има возено и половина километар рикверц”. Истиот провокатор зачудено и со сарказам извика: “Во рикцверц, а… Па тоа не може…”. И другите патници му ја затворија устата. За општа сигурност. Да не настрадаат од инает.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира