1 Завчера се случи историски пресврт за време на владеењето на Никола Груевски. Кабинетот за прв пат соопшти каде се одмора премиерот. За разлика од пред четири години кога правеа цели драми и се лутеа зошто сме објавувале и зошто сме прашувале, годинава решија со една реченица да ја задоволат љубопитноста на јавноста. Сите овие години не прашувавме за да не си ја реметиме летната летаргија, ама завчера конечно и ние се осмеливме прашавме. А и тие богами се осмелија одговорија. И ете не болело.
Навистина, зошто мораше да помине толку време, да се изгубат толку нерви, да се вртат толку телефони, натегања со портпароли и шефови на кабинети, закани со судови, пораки по мобилни, за да се дознае една најобична информација која кабинетите на претседателите и на премиерите на другите држави ја објавуваат секоја година и без да ги прашаат новинарите. Некои дури и слики испраќаат.
Ама овие од нашата Влада не се исти како другите. Ако не дај боже се дознае дека биле на одмор ние ќе помислиме дека не работат баш 24/7, 365 дена во годината. Дека има денови кога им се посветуваат на семејството, на партнерите, на децата и на пријателите повеќе отколку на Македонија. Одат по кафеани? Бог да чува. Не. Тие не пијат, не слушаат музика, не играат со децата, не се караат, не лежат по лежалки, не планинарат… Море немаат време ни за јадење. Мислите дека некогаш одат во тоалет? Скраја било. Кај имаат време за такви банални работи? Тоа го прават на седница на Влада.
2 Како што замина премиерот на одмор, се случи уште едно големо остварување, а тој не го искористи за уште една владина промоција. Во штипско Сарчиево, сварен е грав за Гинис. И тоа по втор пат. Откако рекордот ни го презедоа Американците. Колку пропушташ само поради еден кус одмор со семејството. Каква неповратна прилика. Во ек на Олимписки игри, на Груевски му пропадна моментот на Гинисова слава со 5.600 литри грав. Тоа би било многу поефектно појавување, отколку отчетот за една година владеење што го читаше дента кога се отвараше Олимпијадата. Колку ли народ се собрал за толку грав да изеде.
Затоа следната година, Груевски да внимава кога ќе го планира одморот секако да биде во близина кога ќе се вари гравот. Колку да се појави. Па и да задоцни, барем нема да го пропушти последователниот ефект од изедениот грав. Што би можело да резултира со прдеж за Гинис.
А Владата, како што остварува, веднаш ќе основа нова манифестација. Со која ќе промовира алтернативен извор на енергија. Прдеж в гаќи 2013. За греење на Скопје 2014. Само цевководот да се приклучи кон Јужниот тек на Ставрески. Добро да дихтува и да се насочи кон престолнината.
3 И Бранко не фати ништо од гравот. И тој бил на одмор. Изгледа дека е на Марс, оти од СДСМ немаат контакт со него, па ќе го чекаат да се врати за да решеле дали ќе се повлечат од Комисијата за лустрација, или само ќе го дадат законот на Уставен суд. Како што би рекол Бранко, час поскоро. Веднаш штом стигне сигнал од сондата „Кјуриосити“.
Не знам само дали Бранко од Марс, преку „Кјуриосити“ е во контакт со Љубчо околу лустрацијата. Се обидуваат да го лоцираат Љубчо некаде помеѓу Јапонија и Јужна Кореја. Кога тргнал по умот на синот Лавче, ни со помош на НАСА не може да го најдат.
Сите се по одмори, па така и работното лето на СДСМ ќе добие нов слоган – „Ај да се прибереме од плажа, па да ја рушиме Владата“.
4 Министерот за здравство Никола Тодоров се пофали дека Кралството Холандија ни подари 8 милиони евра за да ни помогне да се намали бројот на умрени новороденечиња и мајки при породување. Оти процентот е поголем од европскиот просек. Ќе се реновираат сите родилишта и ќе останат пари и за 75 патронажни коли.
Не дека ние немавме 8 милиони. Имавме ние и 12 милиони, и сто милиони и двесте милиони. Ама ни требаа за попаметни работи. И уште ни требаат.
Холанѓаните видоа, не видоа, си рекоа што се виновни децата што имаат родители што гласаат за споменици, огради и барокни кулиси и прежалија 8 милиони. Исто како што прежалија милиони за помош и Американците кои ни ги реновираат вецињата и прозорците по школите, Јапонците што ни купуваат коли за брза помош, Норвежаните и Швајцарците што ни ги заштитуваат планините и езерата, Швеѓаните што ни го чистат ѓубрето…
А ние нашите пари си ги потрошивме парите за Луна парк во центарот на Скопје.
5 Што е поуката од првиот бран на Интернет лустрацијата? Во досијеата на лустрираните се чита дека некој соработувал со полицијата против србофилите. Друг против гркофилите, трет против бугарофилите, четврт против албанофилите, петти против романофилите и така натаму. Од 1944 до денеска.
За 47 години македонска држава во рамките на Југославија и 21 година независна Република Македонија ние се уште немаме една Македонија. Имаме наши и ваши. И нивни шпиони.