1 Во рамките на реформите на државната телевизија треба да се укинат спикерските места. Затоа што во МТВ си го имаат портпаролот на Владата Александар Ѓеоргиев. Во едни вести го има речиси исто толку време колку што зборуваат спикерите на Дневникот на МТВ.
Завчера си дремев пред телевизор и го слушав портпаролот Александар како раскажува за успехот на Владата што открила дека една од причините за пожарите е некоја ретка печурка која растела на опожарени места. Се закани и дека ако се фати некој што си го запалил пасиштето, Владата ќе му го раскине договорот за концесија. Што е одлична шанса комшијата да си го окрупни имотот. И уште подобра можност конечно да му цркне козата на комшијата.
После Александар одеше новинарски прилог за пожарите во светот. Колку за да не се жалиме дека само кај нас гори. Оти и во Шпанија гори. И кај Американците гори. А во Хрватска толку гори што дури и туристите масовно ја напуштаат земјата. Туристичката сезона им била загрозена.
После пак се појавува портпаролот Александар. И ни кажува дека благодарение на успешната монетарна и фискална политика на Владата луѓето масовно штедат во денари. Денарот е стабилен во услови на светска економска криза. За разлика од нас, во Хрватска, Словенија и Бугарија се мачат да ја сочуваат стабилноста на нивните валути.
На тоа се надоврза министерот Спиро Ристевски со најава за 153 вработувања, кои ќе ги дополнат оние 130.000 вработувања за младите за наредните три години што ги најави истиот Александар два дена порано.
И повторно одеше новинарски прилог со споредба. Според некое европско истражување речиси 70 отсто од граѓаните на земјите на ЕУ мислат дека лошото допрва доаѓа. За иднината се исплашени и 89 отсто од граѓаните на Србија и 86 отсто од граѓаните на Црна Гора. А во Хрватска дури 94 отсто од граѓаните рекле дека им е лошо. Будали Хрвати. Ќе влезат во ЕУ, а таму е за никаде.
Сите тие најмногу се плашеле од невработеност. Чиниш дека дека граѓаните на 27 земји од ЕУ, плус Норвешка и Швајцарија едвај чекаат да се преселат во Македонија. Оти тука ќе најдат работа со проектот на Владата и ќе штедат во денари.
После тоа одеше соопштение од ВМРО-ДПМНЕ против ДУИ за Слупчане, па вест дека се реконструираат училишта, и тоа замислете по систем на енергетска ефикасност и таман додека одеше прилогот за еден германски македонист, на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и ѕвонеше мобилниот. Ѕвр, еднаш, ѕвр два пати и – се разбудив. Бети е виновна што ми го скрши сонот на летната ноќ.
2 Имаше вест и за уште еден од проектите на министерот за здравство Никола Тодоров за кој морав два пати да го преслушам, за да разберам за што станува збор. Министерството ќе дава награда од 15.000 денари за специјалистите или специјализантите кои ќе положат испит во рамки на проектот “Преводи на дела од врвните медицински универзитети во светот”.
Значи, ако лекарите сакаат да добијат џепарлак од 15.000 денари кога ќе одат на специјализација, ќе мора да прочитаат некое од преведените дела. Ама за Владата да им верува дека ги прочитале, ќе мора прво да ги испрашуваат.
А конкурсот важи само за лекарите? Или може и јас, на пример, да прочитам некоја книга и да ме испитуваат за 15.000 денари? Ама да не одам на специјализација.
За лекарите ова е добра вест. Оти министерот може да им смисли нов проект. Наместо 15.000 денари награда за читање, Тодоров ќе почне да им одбива од плата ако не прочитаат.
3 Ова со читањето стручна литература се надоврза на претходниот проект во здравството – набавка на душеци за болниците. Ама не какви било, туку болнички душеци. Кои министерот Тодоров ги отпакува, па ги пипкаше, па се чудеше и објаснуваше како дишат. На крај заклучи дека тоа е врвна технологија. Како презентер на реклама за Топ-шоп. Ем мочаш, ем не се мокриш.
По успешната набавка на пижами и кревети, следната недела нетрпеливо го очекуваме министерот во нова реклама за топ-шоп. Ќе набави влечки. Ама не било какви. Пластични. Лесно се мократ, ама лесно и се сушат. Напреднала технологијата.
4 Тројца министри од ДУИ положија венец, а офицери на АРМ салутираа пред споменикот на паднатите учки во Слупчане. Врховниот командант на АРМ, Ѓорге Иванов не знаел кој ги пратил офицерите, Владата на Груевски во којашто седат тројцата министри од ДУИ што се наследници на УЧК вели дека тоа не било официјално чествување, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ му се лути на коалициониот партнер оти со “униформираните лица” собирале евтини политички поени пред сопствениот електорат, а СДСМ како потписник на Рамковниот договор, кој прв коалицираше со ДУИ одеднаш сега се згрозува.
Смешни се од ВМРО-ДПМНЕ. Ама уште посмешни се од СДСМ. Тие демек се поголеми националисти од националистите. Па го пуштаат Гордан Георгиев од ливче да прочита колку е гневен. Да внесеше малку страст, па барем неговите да му веруваа. Дека вистински го мисли тоа што го чита.
Кој на кого тука му ја навредува интелигенцијата? Рамковниот договор е завршена работа уште пред 11 години. Зошто секоја година ова време се прават патриоти и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ и ДУИ кога Рамковниот веќе не е мегдан за патриотизам. УЧК е во Владата веќе 11 години. Активно учествува во носењето на одлуките за државата. Пред 11 години победија и ние со тоа мораме да живееме. И живееме. Па и Хашките случаи за воени злосторства од страната на УЧК се изгласани во Собранието. Не беа изгласани во кафеана. И веќе нека не прават циркуси кој кому се поклонил и со каква униформа.
5 Во златна Македонија Александар по 2.500 години го направи најуспешниот поход. Ги помири мајка му Олимпија и татко му Филип кои биле закрвени до смрт. Ене ги сите тројца, фатени за раце, седат на Фонтана.