1 Завчеравечер, како што ми беше денот ич неубав, седнав да гледам вести да се доотепам, кога пријатно изненадување. На вести почнаа да даваат Монти Пајтон. И тоа синхронизирано на македонски јазик, како да е турска серија.
Некои луѓе што се претставија како некакво здружение на граѓани се собраа пред заедничката зграда на ЕВН и ЕЛЕМ во Скопје и протестираа против нешто. Една госпоѓа прочита дека за покачувањето на цената на струјата е виновен СДСМ оти пред шест и пол години му го продал ЕСМ на австриската компанија ЕВН. Потоа некои непослушни новинарки ја прашаа госпоѓата дали знае колку од покачувањето на струјата имаат ќар и државните компании ЕЛЕМ и МЕПСО, а таа молчеше. За да се прекине непријатната тишина пред камерите, безобразната новинарка ја праша госпоѓата дали ќе протестираат поради најавата Владата да го продаде ЕЛЕМ, на што гласноговорничката се снајде и одговори дека “тие таму си имаат договори”, ама една поитра граѓанка од Здружението за плаќање поскапа струја се уфрли и маестрално поентираше: “Еее, за тоа отом потом”.
После одеше друг скеч од Монти Пајтон. Еден претставник на Синдикатот на лекарите што ќе штрајкуваат, коментирајќи ја појавата на синдикат на лекари што нема да штрајкуваат, рече дека кај нас е можно некој да направи здружение против Гоце Делчев и Даме Груев, оти не направиле држава во 1903 година.
Кај и да е, очекувам деновиве да се појави здружение на граѓани што ќе протестира зашто во Македонија нема временска машина. Оти ние имаме многу причини за протести. На пример, кој го уби Гоце Делчев, кој го нарача убиството на Ѓорче Петров, што му рекол Киро на Ченто, кој го испрати Борис Трајковски на пат, зошто се скарале Филип и Олимпија, од што умрел Александар, дали починатиот лустриран шеф на тајната служба сега го кодоши Свети Петар за потребите на Исус или за потребите на Марија, кој го продаде името, дали Каролина е трудна, кој шверцувал нафта во 1993 и 1995 и кој во 1999 ја продаде “Окта”? На сите овие прашања има само еден одговор: Отом потом.
2 Затоа и го поддржувам основањето на здружение на граѓани за временска машина. Оти ние во Македонија страдаме од болеста кусо паметење. Ќе се искараме за Ванчо Михајлов и за Тодор Александров, ама кој ли уште се сеќава на убиството кај Смиљковското езеро. Освен очајните родители, роднините и пријателите на петтемина убиени. И кој ли се сеќава со чии гласови беше изгласана амнестијата на злосторствата на ОНА?
3 Случајно на некоја странска телевизија гледав извештај за штрајкот на екипажите на германската авиокомпанија “Луфтханза”. Новинарски извештај, како новинарски извештај. Прво одеа со изјави на синдикатот, со барањата за пет отсто поголема плата, потоа кажаа дека менаџментот им нуди покачување д 3,5 насто, и на крај правеа анкета меѓу патниците заглавени на аеродромите.
Сите анкетирани беа разочарани, загрижени дека нема да стигнат навреме, дека им се зафркнал одморот или бизнисот, ама ниту еден немаше тон на кој сме навикнати ние во анкетите на нашите телевизии. Едноставно, беа лути, ама не беа лоши. Го прифаќаат правото на штрајкувачите да се борат за подобар живот. Оти утре, можеби и тие ќе штрајкуваат, па некој друг ќе треба да биде солидарен со нив.
А кај нас? Ако може да цркнат клетите лекари. Не 1.000 евра плата, туку без работа нека останат. Оние што протестираат за намалување на цената на струјата, нека им ја исклучат струјата. Море и за парно и за леб нека немаат, комуњари низаедни.
Ќе се побунат професорите, ќе им направат професорско здружение против професорите. Ќе се побунат студентите, ќе им направат студенстко здружение против студентите. Ќе се побунат против покачување на цената на струјата, ќе им направат здружение што ќе бара покачување на струјата. Ќе се побунат стечајците, ќе им направат здружение на стечајци против стечајците.
Секој ден Монти Пајтон на вести. Како во нивниот филм “Брајановото житие”. Во него Народниот фронт на Јудеја се тепа со Фронтот на Народна Јудеја. И така, тепајќи се едни со други, филмот заврши. Додека се тепаа меѓу себе, заборавија дека целта на нивното постоење е да се тепаат против Римјаните.
Е така и ние. Се храниме со лошотилок и си гледаме сеир. И ќутиме. Секој ден некому друг лошо му се случува. Сe додека лошото не тропне и на наша врата и секој од нас не биде прозван поединечно.
4 Ректорот на Државниот универзитет “Свети Кирил и Методиј” Велимир Стојковски ги покани колегите професори по повод почетокот на учебната година, утре да одат на литургија во манастирот “Свети Јован Крстител” во Скопје, а потоа да присуствуваат и на молебен во Богословскиот факултет.
Којзнае, можеби следната година Богословскиот факултет ќе нуди гратис покрстување со секој индекс.
Само една професорка јавно се побуни против ваквото грубо кршење на секуларизмот на државата. Другите се бунат, ама велат дека сакаат да останат анонимни.
Е професори, професори, доктори, магистри, учени луѓе… Интелектуалци, научници, чувари на автономијата на Универзитетот, легалисти… Се исплашија да проговорат против обично одење в црква. Анонимни да останеле. А ваму децата ќе ми ги учат да мислат со своја глава.
Македонија е слободна држава. Слободата на вероисповед, па и слободата да не се верува во Господ е гарантирана со Уставот. Ама штом дошло време ќе си се помолиш. И не само да се помолиш.Туку и крстот ќе го бациш. Кога веќе си му бацил рака на ректорот, тогаш ќе му бациш рака и на владиката.
Оти и ректорот, со крстот на чело, некому морал да баци рака. За да стане ректор.