ТОЧКА РАЗНО

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:39:"Вадењенадворникако.

    1 Гледам дека во СДСМ завчера на муслиманскиот празник Курбанбајрам си играле бајрам со умот. Барале кандидат за градоначалник на Скопје. Бирале, бирале и на крај решиле Јани Макрадули да оди курбан.
    Што да се прави? Сега и нему му дојде редот да се жртвува за Бранко. Само треба да припази што зборува. Оти како што се покажа Бранко со претходните курбани, на крај ни пари за адвокат нема да му обезбеди.
    Бранко си назначи формален кандидат за градоначалник на Скопје. Исто како што Фрчко беше формален кандидат за претседател. И како што Рада беше формален кандидат за премиер. Всушност СДСМ одамна е веќе формална опозиција. Колку да ја има. Да не бројат дека сме демократска држава. Од толкаво членство не можат да најдат барем еден човек да ја реформира партијата. ВМРО се спаси од Љубчо, а СДСМ од Бранко никако. Не само што не се спаси, туку и Љубчо им го донесе.
    Пред секое формално назначување некој кандидат Бранко дава исто ветување. Дека ќе си оди. И ветувањето го исполнува уште вечерта кога ќе се објават резултатите. Бранко си оди. Дома на спиење.
    2 Тоа што имаме формална опозиција не е за радост ни на власта. Оти и тие по шест години непречено владеење ќе станат формални. Разумна власт не се радува што нема конкуренција. Оти не можеш сам со себе да се натпреваруваш. На крајот сами меѓу себе ќе се изедат. Од Француската револуција во 18 век, па сe до најново време, историјата покажала дека револуцијата си ги јаде своите деца.
    3 Кај нас се подготвува сексуална револуција. На Денот на револуционерната борба премиерот Никола Груевски зборуваше за рецесија на нацијата. Па по тој револуционерен говор на сите поделби што ги поттикна во државата, придаде уште една на јалови и на родилки.
    Министерот за труд и социјала Спиро Ристовски, кој десетина дена пред тоа на Меѓународниот ден на женското дете измисли тема за геј бракови, сега најавува нова владина кампања за семејни вредности.
    Може ли јас без да се пријавам на тендерот да дадам бесплатен придонес во сексуалната револуција? Ќе се задржам само на идеи кои деновиве ми паѓаат на ум или сум ги слушнал. Оти сите се возбудени, а тоа активно продуцира мисли. На пример одличен слоган би бил: “За татковината се работиме”. Тоа делува ударнички и за двата партнера во здравото семејство. А и патриотски е. Ако се обраќате само на мажите тогаш пораката е: “Вадење надвор никако”. Жените пак, мора да се подучат да си ги чуваат јајниците уште од мали. Со слоганот: “Покриј си ја половината за да се множи татковината”.
    Бидејќи станува збор за конзервативна влада, се наметнува дилемата дали покрај спотовите треба на јавниот сервис да се пуштаат порно филмови. Се разбира во разумно време. Откако ќе ги успиете децата. Тоа раѓа продуктивна напаленост кај нацијата.
    Овој комплекс владини мерки ќе бидат засилени со ставање на кондомите на списокот на акцизна стока. Да бидат толку скапи за да не може секој да ги купи. Не е лошо Влатко Ѓорчев во Собранието да предложи закон за задолжителен секс најмалку три пати месечно. Ама да докажеш. Ако не е видливо од лицето на домаќинката тогаш Тодоров нека ги постави камерите од болниците и нека се врзат во мрежа со Центарот за комуникации на Илија Димовски. Тие што сакаат да задржат приватност може да повикаат тричлена комисија. Сме ги заборавиле партиските тројки од почетокот на првиот мандат на Груевски.
    Премиерот ќе свика уште една голема средба со сите стопански комори во “Александар палас” за да може да им ги соопшти мерките и на бизнисмените. Оти законски жените мора да овулираат еднаш месечно. Тоа треба да го пријават на работодавачите. И ќе добијат слободен ден. Бизнис заедницата треба да се консултира дали се спремни и на мажите да им исплаќаат празнична дневница. Оти на жените не мора да им плаќаат. Тие и онака треба да се среќни дека добиле шанса да родат. Оти тие не треба да работат за пари и за кариера. Тие работат колку да пополнат слободно време меѓу две раѓања.
    На крај ќе следи и отворена седница на Владата на која министрите ќе му даваат отчет на премиерот кој колку остварил. Јавно да признаат колку пати можат без вадење. А министерките нема што да се прашуваат. Тие и онака се таму за да слушаат. Нема оправдување за неостварување. Ако си пукал во празно, не те спасува ни точка разно.
    4 Премиерот апелираше темата да не се политизира оти станува збор за важно државно прашање.
    Така е. Затоа и јас сериозно сметам дека не е работа на премиерот да ја кара нацијата ако има непродуктивен секс само за задоволство. Не ни очекувам од него да се грижи за нашиот сексуален живот.
    Ама очекувам, ако веќе не може да овозможи вработување или здрава клима за бизнис, барем да стори сe што може да осигура дека детето што ќе се роди нема да умре уште во болница, како што умираат во Македонија. И тоа натпросечно. Да создаде услови да не умираме од сепса во болница, како што умираме. Да направи систем во кој породилното нема да доцни со месеци, нема да се отпуштаат жените од работа затоа што се трудни или затоа што можеби ќе затруднат оти им минува времето. Прашањето е сериозна државна работа и затоа што сe уште во Македонија имаме градови во кои нема ниту еден гинеколог, и имаме градинки со една воспитувачка на 40 деца…
    Не може да нe осудува што не раѓаме, кога немаме услови за цивилизирано планирање на семејството и на иднината.
    Конечно, џабе зборење, џабе карање, џабе објаснување што сакал премиерот да каже. Од оваа, па и од која било друга влада, очекувам да го овозможи основното. А тоа е кога децата ќе пораснат, ќе станат зрели жени и мажи, да сакаат да останат во Македонија. А не да гледаат прва прилика да избегаат и да се спасат.
    5 Впрочем, за каква кампања за семејни вредности ми зборуваат во Македонија, во која до 40 години децата живеат заедно со родителите? Каков проблем видоа во семејните вредности? Освен ако не е проблем тоа што во многу семејства единствен приход се пензиите на бабите и на дедовците.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира