МАГИЧЕН ЏОГЕР

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:58:"Осмелисе,паќеговидишГоспод.

    1 Чудно ми чудо било тоа што се случило во црквата “Свети Димитрија” во Скопје. Нели, пред Велигден реки народ течеа да ја видат златната боја на фреските, која светна на некој мистериозен начин? Неофицијално излезе извештајот на Конзерваторскиот центар, според кој чистењето на фреските во “Свети Димитрија” се случило поради зголемена кондензација и големо количество влага. Првиот што се осмели да го каже истото беше историчарот на уметност Коста Балабанов. Фреските уште не беа дочистени, а Балабанов беше лустриран.
    Отец Живко, свештеник во црквата, вели дека ова е уште една потврда дека самопрочистувањето е Божје дело. И дека тие го чистеле подот на црквата со џогер. А бидејќи Господ управува и со хемиските и со биолошките процеси, и хемиската реакција што се случила по чистењето на подот била Божја волја.
    Дури и Скопската православна епархија издаде соопштение во кое детаљно објасни дека подот нема одвод и не се чисти со плискање вода од кофи, туку со џогер што се навлажнува со вода. Значи, чудото не е во кофата. Такво чудо се случи во затворот во Тетово. Ова чудо е во џогерот.
    Има некои реклами за магични крпи. Сега имаме и магичен џогер. Пронајден во Македонија. Кој знае, можеби, и ова е дел од кампањата за иновативност. Ако во жичка можеш да видиш спајалица, тогаш и во џогер можеш да видиш Божје чудо. Кој вика дека владините реклами немаат ефект? Осмели се, па ќе го видиш Господ.
    Сега, кога со вкрстена анализа на научниците и свештениците се разјасни магичната моќ на џогерот, уште едно чудо остана неразјаснето. Што бараше тогаш премиерот Никола Груевски во црквата? Е тоа сe уште останува мистерија.
    Паско Кузман имаше убаво објаснување за случајот. Рече: “Оставете ги луѓето да си веруваат”. И јас верувам во чуда. Со џогер или со кофа, и тогаш, а и сега мислам дека вистинско чудо е што барем нешто се исчистило во Македонија.
    2 Претседателот Ѓорге Иванов му пиша писмо на бугарскиот претседател Росен Плевнелиев и му предложи да славиме заедно некои европски празници. Плевнелиев му одговори дека тие не мислеле на такви празници, туку, на пример, сакале заедно да го славиме Гоце Делчев. Така што по проблемот со името што ни го наметна Грција, сега со Бугарија ќе нe очекува проблем со празниците.
    Мислам дека ние треба да славиме заеднички празник и со Бугарија и со Грција. Ќе се вика Ден на почитување правосилни пресуди на Судот во Стразбур. Да се одбележи и пресудата за ветото за НАТО и пресудата за легализирање на ОМО Илинден.
    3 Го слушав Бранко на овој последниот од неговите историски митинзи и за многу работи што ги кажа има право.
    Ама…
    Кој го кажува тоа? Некој што сега паднал од Марс? Некој што допрва влегува во политиката? Или некој што бил на власт и што бил одговорен за сите лоши работи што и сега ни се случуваат? Или некој што имал и власт и моќ да направи подобри правила на одговорно владеење, а не направил? На крајот на краиштата, се смета само тоа што си го направил, а не тоа што си рекол дека сакаш да го направиш.
    Во целиот говор најсмешно ми беше што ги навреди стопанските комори, ги искара бизнисмените оти понизно и` аплаудирале на власта. Па на крај, така искарани и навредени, ги покани: “Ајде заедно да се избориме за една поинаква Македонија”.
    Преведено на Бранков јазик, тоа значи: “Изборете се вие, дајте ми пари за кампања, па после јас ќе ве водам”.
    4 А најпатетично ми звучеше повикот на Бранко дека сега не е време за неопределеност и гледање сеир. Извини, Бранко, од кога тоа ако човек не е за СДСМ е неопределен? Мене тоа ми звучи како сосема солидна определба. Не си ни за СДСМ, не си ни за ВМРО-ДПМНЕ. Тоа не значи дека си неопределен. Напротив. Преку глава ми е да ме убедуваат дека само интересот на ВМРО-ДПМНЕ или само интересот на СДСМ е јавен интерес. И дека ако сакам да победи јавниот интерес, мора да гласам или за едните или за другите. Е баш не морам.
    5 Премиерот Никола Груевски вчера рече дека вистината има централно место во неговата политичка филозофија. И дека тоа му е заедничко со новинарската професија.
    Е па и мене ми е вистината во центарот на системот на вредности на мојата новинарска филозофија. И затоа, за волја на вистината, сакам да му укажам на премиерот како во практиката се јавуваат разни портпароли и шефови на кабинети и некакви комуникациски центри за да спречат новинарската потрага по вистината.
    Не знам дали премиерот е запознат дека во негово име неговите вработени му ја уриваат филозофијата за вистината. Како што одминува времето на нивното владеење, така се засилуваат. Секој пат кога новинар ќе им се јави за прашање за која било, а особено чувствителна тема, портпаролите и шефовите најбезобразно се јавуваат и бараат да не се пишува за тоа.
    Еве еден добронамерен предлог за размислување. Во име на филозофијата на вистината во која и премиерот и јас веруваме.
    Размислете. Секој пат кога од име на партијата или од позиција на сила ќе се јавите и ќе се заканувате барајќи нешто да не се објави, помислете дека ќе дојде време кога и вие нема да бидете на власт. Ако сега спречувањето на медиумите да поставуваат прашања го направите правило, утре секоја власт уште побрутално ќе го користи тоа правило. Уништувајќи го слободното новинарство, се уништувате и себеси.
    Кога нема да бидете власт, вам ќе ви треба да се поставуваат прашања и да се бараат одговори за отчетност на власта. Утре ќе нема кој да ја каже вашата вистина. Тогаш кога најмногу ќе ви треба. А ќе ви треба. Многу ќе ви треба.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира