90 – 60 – 90

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:112:"ДуриниЧакНориснеможедагисфатиидеитенаНиколаТодоров

    1 Кога е закажан следниот отворен ден на Владата за идеи на граѓаните? Може ли пред да осамне тој ден, јавно да соопштам дека следниот споменик кој треба да никне во “Скопје 2014”, треба да биде споменик на јунаците од Монти Пајтон? Затоа што во Македонија секој ден се снимаат нови епизоди од оваа култна британска хумористична серија.
    Во четвртокот дури имавме и хиперпродукција. Сабајлето излезе огласот за волонтери со натпросечна интелигенција што треба да го советуваат министерот за здравство Никола Тодоров. Додека генијалната идеја го обиколи светот, па дури и Вашингтон пост ја објави како куриозитет, во Собранието се сними уште еден сет од серијалот Закон за бранители, со пратеникот на ДПА Зиадин Села. Прво кажа дека дискусијата ќе заврши со палење на Собранието. Па после за да покаже пластично како тоа ќе изгледа, кога ја напушташе салата на колегите им покажа запалена запалка. Работава е вака се пали.
    Не видов дека некој особено се потресе од заканата на Села. Впрочем, ние во ова време на транзиција еднаш и видовме како се пали Собранието. Нели го палевме кога го го газевме “мерцедесот” на Љубе Бошкоски? И тогаш беше поради борците на ОНА. А претходно и амбасадата на САД ја запаливме.
    Ама ова со запалката на Зиадин мене ми личеше на една забавна епизода од сапуницата која почна со Слупчане. Па продолжи со законот на ВМРО-ДПМНЕ. Па се разви со поддршката која СДСМ, за инает на коалицијата на Груевски и Ахмети, му ја даде на законот. Па со молчењето на Талат Џафери. Па со читањето поезија на Собраниската комисија. Па со 15.000 амандмани на ДУИ, ама на македонски јазик. Па со преводот на 15те илјади амандмани од македонски на албански јазик. И така стигнавме и до епизодата со запалката на Зијо.
    Кога го видов тоа, во духот на зафрканцијата со која со месеци ја забавуваат јавноста, ми текна на еден виц кој мислам дека го знам уште од прво одделение. Во фабриката бил вработен чувар кој пелтечел. И секогаш кога ќе се јавел на телефон, не го разбирале што сакал да каже. Затоа морал да пее, оти само кога пеел не пелтечел. Една вечер се запалила фабриката. И чуварот за да ја спаси од катастрофа се јавил во Пожарната и наместо за зборува пеел: “Фааабрииикаааатаааа гоооориии…”. А од таму мислеле дека некој ги зафркава и му одговориле со пеење: “Зууум, зум зум зуууумм, зум…”.
    Е сега дали Села ќе ја чкрапне запалката, ќе видиме. Некојпат. Кога ќе биде донесен законот. За кој верувам дека ни во ВМРО-ДПМНЕ веќе не веруваат дека некогаш ќе биде донесен. Зијо чкрапа, а Илија Димовски пее: “Зууум, зум зум зуууумм, зум…”.
    2 Во вистинскиот Монти Пајтон имаше Министерство за смешно одење. Во македонскиот Монти Пајтон има Министерство за смешни идеи.
    Не знам колкав бил коефициентот на интелигенција на Чак Норис. Ама сигурен сум дека дури ни тој не може да ги сфати идеите на министерот Тодоров.
    Тодоров објасни дека генијалците што ќе го советуваат, ќе мудруваат, ќе му даваат идеи, ама на крај тој ќе одбере што е најпаметно и ќе пресече. Ај што кандидатите треба да бидат со коефициент од над 140 ИЉ туку мора да знаат и два јазика, и плус да завршиле на Универзитетот “Свети Кирил и Методиј”. Тоа значи дека многу светски генијалци што завршиле, на пример, на Штипскиот или на Битолскиот универзитет нема да можат да волонтираат кај Тодоров. Џабе рекламите на Владата.
    Ако тргнат по неговиот памет, ме плаши какви ли конкурси ќе прават министрите Албанци. На пример, Блерим Беџети или Ваљон Сараќини, кога ќе ги објават конкурсите, нормално е да побараат генијалците да бидат од Тетовскиот универзитет. Но што ако побараат коефициент на интелигенција 25 отсто од 140 ИЉ. Според правична застапеност и позитивна дискриминација. А бидејќи коефициентот на интелигенција е природна надареност и нема врска со успехот во образованието и со општата култура, тогаш и министерот за одбрана Фатмир Бесими може да побара советници што имаат висина колку него. Повисоките ќе бидат дисквалификувани оти не се вклопуваат во калапот.
    Зошто, покрај коефициентот на интелигенција, од кандидатите да не се бараат и други квалитетни природни надарености. На пример, ако се пријават жени, предвид доаѓаат само оние калибрираните во пропорциите 906090. Убавина и милина за волонтирање. Не 24/7 ни 25/7 нема да му бидат доволни на министерот за консултации. Со природна надареност 906090 во негова близина, ни дома нема да му се оди.
    А и во министерствата кои ги водат жени, може да се бара природна надареност за машките советници. Само Гордана од МВР и Бети од Култура може да си замислат какви сe натпросечни надарености би ги задоволиле нивните потреби за идеи и тинктанк и бреинсторминг тела, како што тоа умно го кажа нивниот колега Тодоров. Советниците ќе извадат сe што имаат на маса, а Бети и Гордана ќе мерат, ќе мерат… И на крај ќе пресечат.
    3 По овој интелигентен изблик на министерот Тодоров и брзата медиумска слава што ја стекна низ цел свет, ме плаши дека МЕНСА ќе им го одземе сертификатот на тие што ќе се пријават на конкурсот. Или ќе ги ревидира тестовите.
    4 Проблем да прави разлика меѓу природна надареност и квалификуваност нема само министерот Тодоров. Тој проблем, очигледно, го има и претседателот на Комисијата за антидсикриминација Душко Миновски. Тој рече дека “не се смета за дискриминација ако, поради природата на работата, не секој може да ја врши”. И даде пример дека не секој може да биде авијатичар или балетан.
    Колку што знам, за балетан се учи. И да немаш слух и да немаш талент, ќе бидеш упорен и ќе научиш. Може нема да бидеш најдобар, ама сигурно ќе можеш да поиграш. А за авијатичар ич муабет да не правиме. Ќе учиш, ќе тренираш и ќе пролеташ. Ама можеш ли со учење да покачиш коефициент на интелигенција? Можеби можеш, ако си во вистинската партија.
    5 Не е сe Монти Пајтон во Македонија. Има малку и фудбал. Премиерот Никола Груевски дал четири гола на некој натпревар со сниматели и фоторепортери. Едниот од головите го постигнал со лобување на голманот. Значи, Груевски не знае само да дрибла. Тој знае и да лобува.
    Лесно е премиер во Македонија да даде четири гола на домашен терен. Ама ние очекуваме премиерот Груевски да оди во Брисел. И таму да даде гол. Па макар и без лобување. Е тоа би било еврогол.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира