… …

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:61:"Кажинешто,драга,памакарилага.

    1 Што им е на овие од СДСМ? Поднесоа кривична пријава за непознат сторител од 2005 година. Толку ли се очајни што бараат од ВМРО-ДПМНЕ да им расчисти криминал од времето кога тие беа на власт? Или видоа дека не можат да мавнат по ВМРО, па мавнаа по своите? Сигурно на Бранко му е криво дека на Груевски не му текнало да ги гони СДСМовците што правеле бељи 2005 година?
    СДСМ расчисти со сите тековни проблеми, откри едно чудо криминали на власта и сега на ред се старите. Кај и да е, на трибина организирана од “Сорос” ќе го викнат Љубомир Магаш да предава за шверцот на нафтата во деведесеттите.
    2 Значи, навистина се претера со демократијата. Колегите од А1 телевизија кога се јавуваа кај вработени од јавната администрација што треба да обезбедат сигурни гласачи на ВМРО-ДПМНЕ за изборите 2011, лажно се претставуваа дека се јавуваат од Центарот за комуникации на партијата. Од другата страна на телефонот луѓето беа малку претпазливи, па за секој случај некој од нив ќе потпрашуваше: “А од каде се јавувате?” Па кога ќе им речеа дека се јавуваат од штабот, тогаш соработуваа и им кажуваа колку гласачи обезбедиле и се правдаа ако не обезбедиле.
    Сега веќе новинарите не мора ни лажно да се претставуваат. Завчеравечер изгледав една хумореска на вестите на Алфа ТВ, каде што тазе примените во јавни претпријатија низ Скопје не ни потпрашуваа кој се јавува. Се знае кој може да ти се јави. Како од пушка диктираа по чија препорака се вработени. Нормално со препорака од штабот. Кој од општински комитет Чаир, кој од општински комитет Аеродром… Само еден на прашањето од новинарот: “Преку кој штаб одевте вие?”, искрено си одговори: “А тоа не знам, јас сум општ работник”. Нека си провери. Ако имал добри врски во штабот, може и на три работни места го примиле.
    Истото тоа порано сме го гледале на филм. Во “Среќна нова 1949”. Кога главното прашање беше: “А ти за кого си?”
    3 Разликата меѓу тогаш и сега е што тогаш имало помалку лекари. Па и најзакоравените комунисти не ги чепкале лекарите од најбуржоаските фамилии. Оти дури ни комунистите не знаеле кога може да ги заболи.
    Сега живееме во демократија, а богами и лекарите се намножија. Па затоа и министерот за здравство Никола Тодоров има слободно поле за експерименти.
    Само што се заборави конкурсот со кој Тодоров за советник побара кандидати генијалци со натпросечна интелигенција, оваа недела поита кон нова слава. Го остави коефициентот за интелигенција зад себе. Најуспешен е досега. Ниту еден министер за здравство не успеал да се скара со над 1.000 лекари специјалисти.
    Ама што ќе ни се специјалисти кога си имаме генијалци?
    4 Прво ги понижија архитектите. Им дадоа урнек како треба да им изгледаат зградите, а на старите згради што не им се бендисуваа им го сменија ликот. Потоа на ред дојдоа вајарите. Ним им кажаа кои ликови да ги извајаат, им дадоа калапи како да им изгледаат скулптурите, ама им рекоа да не им ставаат име. Професорите одамна ги поделија со прашањето: “А ти за кого си?” Судиите самите си фатија страна. А нас, новинарите, нe исплашија и нe замолчаа, до таму што веќе тајно си разменуваме прирачници за самоцензура.
    Лекарите дури и долго издржаа. Сега ги третираат како општи работници примени по препорака од штабот за да работат на норма. Па дури и дали некој извадил панкреас наместо бубрег, не е важно. Важно е нормата да биде исполнета. Баш ме интересира дали на оној уролог што извадил панкреас наместо бубрег и тоа му е влезено во системот плата по учинок.
    На почетокот на штрајкот директорите на докторите им барале списоци кој ќе штрајкува. Отпосле почнале да бараат списоци кој нема да штрајкува. Сакаат да ја организираат работата во услови на штрајк? Или прават анкета: “А ти за кого си?”
    5 Во едно училиште во скопската општина Драчево протестираа бабите и дедовците. Тие даваа изјави на телевизија оти “на родителите им било страв да се појават за да не останат без работа”.
    А бре Македонче… Што мислат дека вака се заштитени? Па ќе ги најдат и преку бабите ако треба. Исто како што сега ги анализираат фотографиите на невидливите штрајкувачи лекари и им бараат роднински или пријателски врски со опозицијата. Божем на еминентен професор, хирург, анестезиолог, невропсихијатар, гинеколог… кој поминал илјадници пациенти и начукал децениско искуство и знаење му треба еден Бранко да му каже дали треба да си бара повисока плата?
    Тие бараат интелигентни советници, а нам ни ја навредуваат интелигенцијата.
    6 Комитетот за сеење магла среде штрајкот што го немаше измисли дека во Охрид ќе се гради аеродром за авиони што слетуваат на вода. Честа да го брани проектот што го нема ни во програмата во сто чекори му припадна на министерот за транспорт Миле Јанакиески.
    Знае ли Миле колку хидроавиони, освен оние противпожарните, има во околината на Македонија? Колкав им е долетот на тие авиони. Од каде ќе полетаат за да слетаат во Охрид? Знае ли дека треба да купи противпожарен брод? Каде ќе полнат гориво? На цевче од канта во каналот Студенчишта заедно со кајчињата?
    Кога Миле ќе ја елаборира идејата, ќе се распише нов тендер. Ќе се бара изведувач што ќе ја исцрта испрекината линија низ езерото. А потоа Комитетот за сеење магла ќе распише тендер за пристаниште за подморници. Оти подморницата што се појавуваше на реклама на еден мобилен оператор пред петшест години уште е изгубена во Струга.
    7 И за крај, една очајна реплика што ја чув на телевизија од еден од штрајкувачите од “Охис”. Сиромашките, каде што се толку љубезни, па по 14 неземени плати внимаваат и цветниот аранжман пред Владата да не го згазат, туку молат: “Да излезеше некој да нe прими, да ни кажеше нешто, па макар и да нe излаже”.
    Кажи нешто, драга, па макар и лага.
    П.С. Инаку, тоа што колумната нема наслов, не е техничка грешка. Ова што го читате, не сте го прочитале. И јас сум невидлив.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира