1 На СДСМ, по повеќе од шест години, му текна дека, ако ништо друго, можеби може да биде опозиција во Собранието. Па реши со 1.600 амандмани да го блокира донесувањето на Буџетот. А на ВМРО-ДПМНЕ, по повеќе од шест години владеење со упорно избегнување дебата и игнорирање поинакви мислења, одеднаш и` текна дека и` треба ем демократска дебата ем опозиција што нема да и` го блокира буџетот.
Така барем вели вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кој, обвинувајќи го СДСМ, изјавува: “Демократијата подразбира здрава дебата, а не одговарање на реплики”. Да чуеш, да не веруваш. Дебата? Кој бара дебата? Тие што шест години не се појавуваат на ниедна телевизија во емисија со други гости, ако макар и само еден не мисли како нив. Или тие што на пресконференции не одговараат на прашања надвор од темата.
Ставрески бара “опозицијата да не го опструира донесувањето на Буџетот и заемот од Светска банка”. Се жали дека “опозицијата ја сведува дискусијата на ситни политички игри”. Ги обвинува дека “СДСМ е против земјоделците, пензионерите, социјалците и стопанството”.
За што, всушност, станува збор? Власта предлага Буџет. Опозицијата не се согласува со сите ставки во Буџетот. Власта одбива да дискутира за спорните ставки. И се лути што опозицијата прави сe што е во нејзина моќ да не се донесе таквиот буџет. Тоа е политика. Тоа е демократија. Што да правиме?
Власта толку е лута, што Ставрески во еден момент рече: “Барањата на опозицијата се уцена”. Замисли. Каква дрскост, какво безобразие. Опозицијата да мисли различно од власта. Како тргнале со безобразието, утре и власта ќе сакаат да им ја земат.
2 Сe, сe, ама министерот за финансии Зоран Ставрески најмногу се лути кога СДСМ му забележува дека Македонија со задолжувањата станува слична на Грција.
И треба да се лути. Споредбата е ептен глупава. Не само затоа што, како што објаснува тој, за разлика од Грција, чиј долг е 180 проценти од БДП, Македонија има долг од само 30 проценти на БДП. Туку и затоа што ним има кој да им дава милијарди евра, а нам не. Плус, тие имаат и острови за продавање. А и нивниот споменик на Александар е многу помал од нашиот.
3 Во оваа расправа за Буџетот најмногу се сконцентрирав на прашањето за пензиите. Секој ден гледам разни здруженија на граѓани, пресконференции и изјави кои прават драма дека ако СДСМ продолжи да го блокира Буџетот, ќе нема пари за покачување на пензиите од март. А СДСМ се занесе во филмот, па побара пензиите наместо од март, да се покачат од јануари. Па сега чекаме некое здружение кое ќе инсистира пензиите да се покачат баш од март, а не од јануари.
А за колку пари станува збор? Процентот кој го вети Владата во ноември е зголемување за пет насто. Ама за да им се помогне на најсиромашните, решено е покачувањето да биде за сите еднакво. Секој пензионер во март, пред избори, треба да земе 550 денари. За повеќе од половината пензионери тоа е речиси десет отсто поголема пензија од сегашната. Јасно ми е дека тие 550 денари на многумина многу им значат. Тоа се девет евра.
Е токму тоа е жалниот дел од целата приказна. Сето ова глумење демократија, дебата, здруженија на граѓани и окупирање на јавноста со денови, покажува колку Македонија, во суштина, е сиромашна држава. Колку сме ние несреќна нација, кога пензионерите се усреќуваат со плус 550 денари. Колку сме ние очајни, кога и други, кои не се пензионери, се радуваат на девет евра. Затоа што и тие се влечат на пензиите од родителите. Колку ли се бедни и себични политичките елити што пресметале дека 550 денари повеќе купуваат глас повеќе.
Е толку е прагот на толеранцијата во гордата земја на Александар Велики. Девет евра.
4 Одушевен сум од позитивниот тон од Брисел, кој ни го призна напредокот на патот кон ЕУ. Македонија е зрела за датум. Реформите одат одлично, судството е непартизирано, во државата има перфектно владеење на правото, медиумите се претерано слободни, јавната администрација е неверојатно ефикасна, а богами и економијата цвета. Толку се занесовме во остварување на реформите за ЕУ, што го заборавивме најважното. Соседите. Од што толку брзаме на патот за ЕУ, заборавивме дека сме лоши соседи.
Ај за Грците, јасно ми е. Не им се допаѓа што не сакаме да си го смениме името. Ама уште не сфатив што мана ни најдоа Бугарите. Дали тоа што не ја прифаќаме нивната верзија за нашата историја? Или што не ја прифаќаме нивната верзија за нивната историја. Особено онаа од Втората светска војна.
Изгледа дека Бугарите и овој пат се загрижија да не помине војната, а тие не испукале ниту еден куршум. Па извадија нож на мртов Германец. И тие, покрај Грција, да клоцнат во матно.
Така што, ние и по оваа блокада од ЕУ излегуваме како добитници. Официјално, наместо еден, сега имаме двајца душмани.
5 Јасно е. Во ЕУ нема да нe примат. Денеска најдоа мана дека сме лоши соседи. Утре ќе ни смислат дека ни смрдат нозете. Или не носиме капа. Или што да е. Им се може, ќе наоѓаат мани колку што сакаат.
А ние немаме ни политичка моќ, ни памет, ни мудрост, ни консензус да избуткаме еден датум, за датум за преговори некогаш. Зошто? Затоа што приоритет на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ им е да се борат еден против друг за власт, а не заедно за државата.
Сега што ќе правиме? Ќе потрошиме уште 20 години во кукање и плачење? Или конечно ќе прифатиме дека имаме своја држава. И дека само наша е одговорноста дали таа држава ќе биде добро место за живеење. Или ќе сакаме да се иселиме во ЕУ?
Со должна почит и кон ВМРО-ДПМНЕ и кон СДСМ, па и кон ДУИ и ДПА, и имајќи ја предвид демократијата, дебатата и политиката, ние дваесет години не видовме политичар што ќе ја направи Македонија држава од која не сакаме да се иселиме.