1 Нашиве конзервативци од ВМРО-ДПМНЕ може да се прават конзервативни само тука, додека се под партиски надзор. Штом мрднат надвор, веднаш по весници излегуваат.
Ете, амбасадорот во Австралија Перо Стојановски таму си фатил девојка. Ништо страшно. Само што откако изби скандалот, се дозна дека кога заминал за Канбера, во Скопје уште бил женет.
Министерството за надворешни работи за љубовниот скандал на амбасадорот во Австралија има став дека тоа е приватна работа. Претседателот Ѓорге Иванов, кој ги потпишува указите за амбасадори, уште не се изјаснува дали ќе побара отповикување, оти чека уште детали за љубовниот живот на Перо.
Остана надежта дека ако никој друг, барем пратеникот Влатко Ѓорчев, како одговорен за морал во ВМРО-ДПМНЕ и дежурен чувар на конзервативните погледи на партијата, ќе излезе со некоја изјава. Да ни раскаже за светоста на семејството, традиционалните вредности и дека бракот е брак само меѓу маж и жена.
За мене многу поинтересно од приказната зошто девојката на амбасадорот толку се налутила, па му го украла лаптопот, беше објаснувањето на МНР дека тоа може секому да му се случи. Особено што Судот во Канбера сметал дека во украдениот компјутер имало “чувствителни информации за амбасадорот и за амбасадата на Македонија”. А од МНР рекоа дека во лаптопот немало ништо и дека тоа што вика Судот е само став на Судот.
Штом така велат во МНР, тогаш се отвора друго прашање: Ако во лаптопот на амбасадорот имало само приватни работи, тогаш работел ли тој нешто таму?
2 Претседателот Ѓорге Иванов ќе побара извештај од МНР за работата на амбасадорот Стојановски. Од неговиот кабинет вчера рекоа дека за Претседателот е пресудно каков бил амбасадорскиот “ангажман, активност, квалитет и резултатите што ги постигнува”.
Штом девојката била толку очајна да си го врати љубовникот, па решила во сериозна држава да провали во амбасадорска резиденција да украде амбасадорски лаптоп, па уште и пари да бара за да го врати, сигурно Перо бил многу активен во Австралија.
Претседателот Иванов оваа порака за активност и ангажман ја испратил на предновогодишната средба со другите македонски амбасадори.
Можам да замислам колку се радуваат тајните служби во некои држави каде што им праќаме деца за амбасадори. Кога на Перо, искусен љубовџија, можеше да му се случи ваква промоција, што ли ќе им прават на оние што допрва треба да наполнат 30 години?
На таа возраст не можеш ни да им забележиш дека понекогаш покрај за државата, мислат и со друга глава на телото. Би било ненормално да не мислат. Ако не се активни на тие години, како што им порачува Претседателот, кога ќе бидат? Па макар и да се плашат од гневот на моралистите од партијата.
3 Откако чуварите на моралот во ВМРО-ДПМНЕ се откажаа од идејата да го сменат законот со кој ќе се искомплицира постапката за абортус, во Владата смислија нова кампања. Од Нова година оди реклама со објаснувања за последиците од абортус.
Мислам дека за некои од нив, поради баланс треба да се смисли уште една кампања. Таа ќе предупредува на последиците од неабортирање. Оти некогаш последиците од неабортираните можат да бидат исто така големи. И страшни.
4 Ова со едно евро квадрат за комуналии со кои ќе се легализираат дивоградбите е уште еден доказ дека тие што плаќале и што почитувале закон биле глупави. Исто како што беше со патриотските сметки, ХАСАП стандардите, откуп на дворовите, законот за пушење, сметките за струја…
Дај да крадеме од државата. Сетики ќе дојде некоја Влада што тоа ќе го легализира.
5 Опиумот за народ мора да се плати. Градоначалниците се натпреваруваа кој повеќе дрва за огрев ќе изгори на коледарските огнови. Во оваа будалаштина се измеша и левица и десница, поповите тријат раце оти секое чатење на огнот се плаќа, пеана ракија не фаќа како што фаќа непеана, а оние свештеници кои почитуваат вера и собраа храброст да кажат дека палењето на огновите не е канонско, дури мораа да се извинуваат да не ги навредат новокомпонираните верници што вртат прасиња и кобасички на последниот ден од постот.
Му предлагам на Борис Трајанов, а и на Владата во март акцијата “Ден на дрвото” да ја смислат со пошумување во вид на клади. Да не се мачат градоначалниците и се да оди на еден трошок. Тоа што ќе се засади во март, да се запали во јануари.