1 Во средата прославив 20 години од објавувањето на првата колумна, и ви ветив дека денеска ќе се обидам да покажам дека насловот што го ставив тогаш “Задоцнето палење” с уште важи.
Уште од пусто турско ние имаме проблеми со палењето. Сите околу нас имаа дигнато востанија, а ние чекавме Отоманската Империја сама од себе да се распадне.
Во 1941 година сите народи што живееја во Кралството Југославија дигнаа востанија против фашистите во летото. Ние почекавме да дојде есен и 11 Октомври.
Во 1943 година, кога се правеше новата заедница на народи на Југославија, сите стигнаа на 29 ноември во Јајце, а делегатите од Македонија ги завеал снег по пат. Ги фати зимата.
Бидејќи деновиве сум во стариот филм од пред дваесетина години, се сеќавам дека како почетник во “Вечер”, во есента 1989 година ме испратија да известувам од некој конгрес на Социјалистичката младина на Словенија. Цел Порторож беше излепен со плакатите “Еуропа здај”. Тоа беше мотото на словенечката младина, иако СФРЈ с уште беше жива, иако не толку здрава.
Кај нас плакати и билборди со истиот слоган “Европа сега” низ цела Македонија залепи во 2006 година тогашната вицепремиерка Радмила Шеќеринска. Тогаш Словенија веќе две години беше членка на Европската унија. Ако од првото “Еуропа здај” во 1989 година Словенија требаше да чека до 2004 година за да стане членка на ЕУ, пресметајте колку години ќе ни требаат нам по нашето прво “Европа сега” во 2006.
Во тие рани деведесетти години од минатиот век, додека сите сојузи на комунисти во другите југословенски републики во почетоците на повеќепартизмот стануваа социјалдемократски партии, ние немавме мадиња, па отидовме на компромисна варијанта. Наместо СКМ да стане СДСМ веднаш, за секој случај, прво го прекрстија во СКМ ПДП (демек, Партија за демократска обнова). И за секој случај, најпопуларни ни беа реформаторите на Анте Марковиќ. Па иако на првите демократски избори победи ВМРО-ДПМНЕ, ние си најдовме начин како да направиме “експертска влада”. За секој случај. Па за секој случај и референдумското прашање го смисливме за независност, ама ако може и да се врземе со некого, па на крај и последни напишавме молба за прием во ОН.
Ете, можеби тука лежи одговорот зошто сега сите од нас бараат да постигнеме компромис за името. Затоа што ние по дефиниција сме компромисчии. Си правиме компромис дури и кога никој не н тера на тоа. За секој случај. Да си бидеме сигурни. Затоа и претседателот Ѓорге Иванов се налути кога го прашувавме “Што е тоа разумен компромис?” . Па одговори: “Како не знаете? Разумен компромис е разумен компромис”. Македонска работа.
Ако компромисот не го дефинираме како типична македонска карактеристика, тогаш, навистина, не можам никако да најдам објаснување зошто сме такви плашливи и нерешителни. Можеби затоа што тука летата се многу жешки, а зимите многу студени. Па чекаме пролет и есен за да работиме. И така ни требаат дупло повеќе години од другите за да се освестиме.
2 Кога сме веќе кај задоцнетото палење, претурајќи си по моите текстови од пред дваесет години, видов дека тогаш во Словенија, како кај нас сега, било модерно да се биде конзервативец.
Во една колумна од декември 1991 година сум забележал дека тогашната демохристијанска Влада на Лојзе Петерле сакала да го забрани абортусот. Словенечките жени излегле на протести. Носеле транспаренти “Абортус је правица, држава је прасица”. Фрлале со јајца по зградата на Владата. И му викале на премиерот: “Лојка, Лојзе нема јајца”.
Којзнае, може по 20 години и македонските жени ќе се свестат дека имаат јајца. За мавање.
3 Владиката Петар рече дека “ако се дозволи брак на маж со маж, или на жена со жена, тогаш нека се женат и мажите и со овци и со крави”.
Види поп, а какви работи му текнуваат!? Не знам како е во Црквата, ама во државава педофилија и содомија се кривични дела? А хомосексуалноста не е. И дека тој со вакви изјави поттикнува кршење на законот. Па и според црковните канони, содомијата е смртен грев. Да не зборуваме духовно лице да проповеда говор на омраза.
А и архиепископот г.г. Стефан почна да ги буни верниците. Ја разработуваше Дарвиновата теорија и ми објаснуваше дека човекот не може да настане од два машки мајмуна, или од два женски мајмуна.
Е каква е сега оваа мајмунска работа? Нели Ева од реброто на Адам била направена?
Фолклористите знаат дека во Македонија до седумдесеттите години од минатиот век, посебно по селата многу била популарна изреката “Магарица, моја прва љубов”. Ете од каде клетвата “Да му цркне козата на комшијата”. За да и се изнарадувам на жена му. И да не ме пизми попот.
4 Извлекувањето на лото бројките на Државната лотарија оди на ТВ Сител. Наскоро бингото на Државната лотарија ќе оди на Канал 5. Останаа уште грепките, ама, веројатно, тие ќе се гребат додека се јаде бурек.
Државата им дава дава пари на приватните телевизии. А нам УЈП присилно ќе ни симнува од сметките ако не плаќаме за јавниот сервис МРТВ. И директорот на јавниот сервис молчи. Ќе молчи, што да прави, ако државниот врв одлучил дека тоа е јавен интерес.
Не прашувајте зошто Државната лотарија не оди на јавниот сервис МТВ? Оти во омилените телевизии на даночникот и портпаролот на МВР с си има цена. Добрите вести и интервјуата мора некако да се платат.
5 Најпознатиот археолог во државата Паско Кузман рече дека античките скулптури од пред Владата ќе се тргаат.
Да не почнува Груевски полека да се пакува?