1 Има нешто магично на Водици. Не знам како било во реката Јордан кога Јован го крстел Исус, ама во нашите реки, езера, базени и леѓени, на 19 јануари крстот се претвора во телевизор. Ај што се претвора туку верниците се тепаат по него. Како во Делчево, на пример,
Една телевизија која ја емитуваше аматерската снимка од фрлањето на крстот во Брегалница, дури пушти и титлуван превод од делчевски на македонски јазик на заканите на попот: “Шо правите вие тамо, бе, тепате ле се? Дека се наодите вие, бе? Зашо рипнахте по крсто? Престанете оти нема да ви го дадеме крсто да одите сос него!”
Ова ловот на крстот стана многу профитабилен бизнис. Исто како водење на црквата. Кога можат поповите да се натпреваруваат кој поголем џип или лимузина ќе купи и кој пополитичка изјава ќе даде, тогаш можат и верниците да се тепаат кој поголем телевизор ќе однесе дома. Сосе кабловска и дигитална. Така религијата преминува од догма во пракса.
Ете, дури и премиерот Груевски, како претставник на државата, на среќниот добитник на телевизорот во Скопје му подари и лаптоп. Па тој ако е верник, можеше и да скокне во Вардар, заедно со оние стотина храбри момчиња. Којзнае колку нуркачи ќе имаше ангажирано да му го подметнат крстот. Дури и да не е верник, како премиер можеше да дојде на мостот за почит на празникот и на верниците. Ама тој што му кажал дека како премиер треба да даде подарок на верски празник, го зезнал. Малку е што Црквата се меша во државата. Сега уште и државата нека се меша во Црквата.
Од пусти лаком популизам, Груевски и ВМРОДПМНЕ кокетираат со свештенството, и така религиозниот фанатизам полека станува државно устројство. Како тргнал, ќе направи од Македонија талибанска држава во која попови и оџи ќе ни кажуваат како да живееме. А зошто? За да може неговиот Влатко Ѓорчев да се прави конзервативен.
Ама кога ќе станеме талибанска држава, ни Господ нема да може да ни помогне.
2 Очекувам по последнава кампања за објаснување на штетните последици од абортусот, Владата да лансира нова кампања за штетните последици од кампањата против абортусот.
Сте го гледале ли оној спотот кога еден лош човек се тепа, прави бели, фрла луѓе во езеро и на крај оди кај едно дете да се гушне, па оди поентата “Каков и да си, детето ќе те сака”. Или јас не го разбирам спотот, или во рекламните агенции веќе немаат идеи, или, пак, некој во Владата трудољубиво смислува сценарија и само им ги дава да ги снимаат филмчињата.
Особено што пред тоа со месеци ни пуштаа спотови дека треба да бидеме фини, да им помагаме на постарите, да стануваме во автобус… Сега што се случи? Дојдоа некои други луѓе, или кампањата “Биди добар” веќе не важи. Оти со новата кампања сите имаат шанси. Зошто да си добар кога детето и онака ќе те сака.
Тоа што пред да го гушнеш детето си фрлил човек во езеро, ептен е во склад со слоганот “Избери живот”.
Ова со абортусот воопшто не е партиско или идеолошко прашање. Тоа е прашање на човеково право. И ако жените допуштат тоа право да им биде укинато или скратено, самите ќе бидат одговорни. Особено ако допуштат тоа да стане меѓупартиска тепачка како циркусот со тутунарите. Па во Собрание јавно да расправаат дали може да се абортира само со дозвола од партнер, заверена на нотар. За сите да те знаат што си правел и со кого си правел. Додека трае седницата, од една страна, ќе гледаме демонстрации на задоволни од абортус, а од друга страна, демонстрации на незадоволни од абортус. А во меѓувреме, жени ќе умираат кај врачари во диви ординации, или на пат кон Србија, Бугарија, Грција или Албанија.
3 Претседателот Ѓорге Иванов на почетокот на мандатот даде дефиниција за македонската демократија, споредувајќи ја со космодиск. Велеше: “Изгледа шашаво, ама функционира”.
Има ли пошашава слика од протести на задоволни тутуноберачи пред седиштето на опозицијата.
Замисли, си легнуваш вечерта ептен задоволен од животот, и сабајлето стануваш и, спонтано, со ништо непредизвикан тргаш да протестираш против опозицијата. Оти ти е добро. Кој ли е тој внатрешен порив што може да те крене да протестираш затоа што ти е убаво? Наместо да си поиграш со децата, да ги однесеш во парк, да правиш нови, да копаш бавча за нови субвенции, да нижеш жолти тутуни за свои бели дворови, ти одиш да викаш против Бранко. Оти СДСМ пред пет години не давал субвенции за тутунот.
Кој во свет воопшто протестира пред зградата на опозицијата? Тоа ти е како по мртов коњ со стап да маваш. И тоа коњот умрен уште пред повеќе од четири години. Очигледно, на власта тоа не и се допаѓа, па сака да го оживее.
4 А и опозицијата кога се буни за нешто, мора да има некој критериум. Сега им пречи дека не признала Боливија оти не признала под уставното име. Оти сме ги поддржале да џвакаат кока.
Па поарно Боливијците да џвакаат кока отколку да станеме Северна Македонија. Секој си џвака што си сака.