ТЕМАТСКА ЖУРКА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:167:"Небеваквоживотнонепостои.РеколМакедонецототкакојавиделжирафатаиотишолдагласа

    1 Ајде Никола! Ајде Бранко! Е ајде де, ајде! И ние викаме: Ајде!
    Ги слушате ли нашиве лидери како си се довикуваат преку телевизија, како преку плот на нива?. Толку си се интимизираа, ќе почнат наскоро и по прекари да си се викаат. Како да се водачи на две фамилии, а не лидери на две најголеми партии. Како да се караат на племенски собир.
    Кога во говор на политичари не постои почитување на основните државни инсититуици и култура на политичко однесување, што муабет за држава да правиме? А не пак за предвремени избори.
    Туку што правиме ние? Уште ли ќе ги чекаме и ќе ги гледаме како се караат како снаа и свекрва? Уште ли ќе ги гледаме како растат и созреваат, додека нам животот ни минува? Ај нам што ни минува, туку веќе и на нашите деца им ја загрозуваат иднината.
    И како мислат некој да гласа за нив? По оваа фарса, не 50 отсто неопределени гласачи, туку осумдесет отсто ќе бидат неопределени.
    Ако СДСМ бојкотира избори кои самата ги бараше, ако ВМРО-ДПМНЕ оди на избори без опозиција, а претседателот на ДИК дава оставка, време е и ние гласачите да им дадеме оставка.

    2 Бранко уште еднаш покажа дека е државник. Затоа што може да го натера да си даде оставка и претседателот на Државната изборна комисија. За да не биде одговорен за изборите кои баш Бранко ги бараше.
    Ако Бранко продолжи со бојкотот на Собранието и опстане со заканите за бојкот на изборите, само му одработува нов мандат на Груевски.
    А ако пак Никола оди на избори без СДСМ ќе направи најголема глупост оти само така на Бранко ќе му ја продолжи кариерата. Ќе му даде алиби секој ден да се жали дека власта е нелегитимна.
    Јас се уште не слушнав изјава на Бранко: “Ако ги изгубам изборите, ќе си дадам оставка од претседател на партијата”. Но, што е најтрагично, ни во партијата никој не го ни прашува дали така ќе направи.
    Немаат време за такви прашања оти му се умилкуваат на лидерот за да ги стави погоре на изборните листи. Па зависно од местото на листата ќе одлучат дали ќе се ангажираат да победат, или ќе одат на викенд во Солун.

    3 Нели се фалеа дека собрале 40-50.000 луѓе на улица да бараат предвремени избори? Нели конвои автобуси го блокираа Скопје? Нели печатеа жолти маички и мавтаа со црвени картони? Нели носеа метли во Собранието? Нели пееја “Пала влада”и се сликаа со мобилни?
    Тоа не бил политички митинг за будење на опозициското расположение и охрабрување на луѓето на кои им е доста од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, како што ние наивните помисливме. Тоа ти било тематска журка. Темата била “Ај да си играме опозиција!”. И тоа опозиција која четири години се лути дека не е на власт. И четири години се обидува да се помири со судбината дека не е на власт.
    За жал не е доволно да се пушти на разглас српскиот хит: “Пала влада”. За да падне Владата, треба да се победи на избори. А за да се победи, пред се, треба да се излезе на избори.

    4 Нема белким Бранко да бојкотира избори само за да остане претседател на СДСМ. Така, неговиот личен проблем ќе го направи наш проблем. Оти Никола, инаетчија и тврдоглав како што го дал Господ може да ги распише изборите и да оди сам на нив. А за да се оправда ќе каже дека и Бранко на Љубчо Георгиевски и на Петар Гошев во 1994 година кога го бојкотираа Парламентот им порачуваше: “Кој губи има право да се лути”.
    И така ќе си продолжиме да си живееме во агонија и наредните неколку години. Перспектива за радост. Во 2011 година како во 1994.

    5 Да ви кажам право ние си ги заслужуваме и Бранко и Никола се додека се радуваме на 8.000 денари плата. Само да не мора за тие пари странскиот инвеститор да ни ја става главата во машина. Како што направил некој грчки газда во велешката фабрика за медицинска пластика.
    Како со 8.000 денари покрај храна да си купиш и весник, да прочиташ некоја книга, да одиш на театар, да го почестиш семејството на ручек во ресторан, да одиш на викенд, да си уплатиш одмор… Како со 8.000 денари да направиш среќен човек? Дали поголема среќа е да му аплаудираш на Груевски, или да му пееш на Бранко?
    Ова ме потсетува на еден виц кој што најдобро го отсликува македонскиот табиет. Отишол Трпе во зоолошка градина. И видел жирафа. Ја гледал, ја гледал, па си рекол: “Не бе вакво животно не постои!”

    6 Бранко вика дека нема да оди на избори додека Груевски не признае дека се меша во судството.
    Зошто би признал? Зарем Бранко би признал? Па ни Маневски не би признал. Ако не му шепне Филимена.

    7 “Убиј го гласникот”, рече Груевски и цела Влада и пратениците на Собранието решија да го бојкотираат евроамбасадорот Ерван Фуере. И што мислат дека направија со тоа? Го загрижија човекот? Или мислат дека тоа ќе остане незабележано во ЕУ институциите. Дури и кај пријателите на Македонија.
    Ако ништо друго можеа барем на приемот да му го испратат вицепремиерот Васко Наумовски што на авроамбасадорот му подари карикатура како излегува од фрижидер. Е па Фуере излезе од фрижидерот. Ама Македонија ќе влезе во фрижидер. Оти, ова што го направија со Фуере не е лошо испраќање на стариот амбасадор во чие време добивме и кандидатски статус и безвизен режим. Тоа е лошо пречекување на нов амбасадор.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира