ПРИКАЗНИ ЗА ГЛУПОСТА

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:82:"Ситеќевепогребеме.СамоМакедонијаевечна

    1

    Кој сака да напише нешто за изборите и за името нека си напише што сака. Мене ми е доста.

    2 Наместо за тоа ќе ви раскажам три приказни.
    Прва приказна:
    Претседателот на Косово Беџет Пацоли во Тетово изјави дека “треба да овозможиме со скии да се појде од Шапка и да се стигне во Брезовица и обратно”.
    Највисокиот германски врв се вика Цуг Шпице. До него се стигнува со воз и со жичарница со кабини. Кога ќе се искачиш на над 2.900 метри надморска височина и кога ќе излезеш од станицата има патокази. Десно е Австрија, а лево Германија. Значи, може да спиеш во Германија, а да скијаш во Австрија. И обратно.
    Пред два викенда ги носев децата на скијање на Попова Шапка. И им раскажував дека на времето имаше жичарница со кабини што тргаше од Тетово, имаше меѓустаница кај Лисец и завршуваше на Шапка. Па после се занесов во приказната и си сонував дека ако сме паметни како што очигледно не сме, Тетово би можел да биде Олимписки град. Лисец и славната Шипковица би вриеле од туристи. Стариот штаб на УЧК би бил Горска служба за спасување. Наместо шут и ѓубре, околу селата би гледале јавачи на коњи, планинари, велосипедисти, љубители на екстремните спортови. Наместо мештаните да се натпреваруваат кој поголемо минаре ќе дигне, би се натпреварувале кој посовремен спацентар ќе направи…
    Кабините ги нема. По сајлите се влечат по старите котви на скилифтовите од времето кога бев во осмолетка и учев да скијам на дрвени скии. Дури и еден од ратраците за подготовка на патеките ми изгледаше како да е од тоа време. Хотелите кои во осумдесеттите години на минатиот век беа симбол на луксуз и престиж пропаѓаат. Снег има до април, ама ние наместо да вложуваме во снежни топови, во 2001 година се гаѓавме со обични топови. Важно е рамнотежа да има. Господ дал природа, ама зел од умот. Единственото нешто што се сменило е огромниот јарбол со големо македонско знаме на паркингот до жичарницата што ја нема. Како сведок дека во последните 20 години ние не сме оделе напред. Не се вративме ни назад. Сме забегале.
    Втора приказна:
    Пред неколку дена еден млад колега од ТВ Алфа ме покани во емисија за Скопје некогаш и сега. Јас му предложив да снимаме во лунапаркот. Се чудеше зошто, ама прифати. И му раскажав дека јас сум бил трето одделение кога моите ме носеле таму. Тоа било чудо од забавен парк. Се чекаше ред да се качиш во панорамското тркало. Ракетите беа резервирани за вљубени тинејџери за да може да се стискаат божем од страв.
    Младиот колега кој е роден по Тито, ме интервјуираше, а мене ме фати очај. Панорамата не работи, ракетите не вртат, количките се раскапани… Само уште вовчето уште врти наоколу. За да не потсети дека некогаш во Македонија имавме и железница.
    Трета приказна:
    Штрајк во државна фабрика во Прилеп. Работниците пред камерите се жалат дека платата им е шест илјади денари, ама и таа им ја даваат на рати три пати по две илјади. Но тоа не е сe. Тие пред камерите ги озборуваат директорите. “А тие…” велат, “…тие земаат плати и по 18.000 денари!”.Ауууу!!! Која ли очајна држава сме ние кога работник му завидува на директор дека заработува дури 300 евра плата? И не само што му завидува. Туку мисли и дека со тие триста евра некој е богат!
    А ние дремеме пред телевизор и се занимаваме со лидерски средби, со Велија, со Бранко, со Груевски… И со 220 милиони евра кредит со кои ќе ни го начукаат до даска.
    Пресметајте колку години Бранко бил премиер и претседател. Пресметајте колку години Никола бил министер за трговија, министер за финансии и премиер. И сето тоа помножете го со 2 милиона евра хонорар за споменик. Резултатот ќе ви покаже колку сме ние глупави. Е многу сме глупави.

    3 Висока делегација од министер и пратеници отишла на погреб на погрешен мртовец. Можам да замислам колку биле изненадени ужалените. Па тоа не го пишуваше во програмата за преродба од 100 чекори. Да не е ова нова стратегија на ВМРО-ДПМНЕ за прибирање гласови за изборите? Или пак проработела Комисијата за прочистување на избирачките списоци, па висока партиска делегација оди на терен за да се увери лично кој треба да биде избришан од списокот.
    Созреани се условите за нова рекламна кампања. Ќе оди под мотото: Сите ќе ве погребеме. А после ако треба и споменици ќе ви направиме. Само Македонија е вечна.

    4 Од сега па натаму кога ќе ја чујам фразата “Брисел е многу загрижен за демократијата во Македонија”, ќе прашам: “Колку е загрижен?” Колку што е загрижен европратеникот Зоран Талер, задолжен за извештајот за Македонија? Или малку повеќе од потребното?

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира