1 Пак ќе ни ги трошат парите за глупости. Ќе има избори.
Времето веќе ни го потрошија. По дваесет години независна Македонија видете ја палетата на нашите лидери:
Бранко и Никола не ги споменувам. Но затоа тука се Тито Петковски, Стојан Андов, Ѓорѓи Оровчанец, силно зајакнати со Борис Гегај кои треба да н спасат од Амди Бајрам, од Ѕинго и Стојменов, од Павле Трајанов, дополнително помогнати од Алија Шакиќ и Авдија Пепиќ.
Но тука не завршува списокот на македонската политичка елита. Од сигурните седум носители на изборните листи на нивните партии, три и пол лидери имаат забрана за влез во Америка. На Љубчо, Љубе и на Мендух Тачи не им даваат визи, а на Али Ахмети му простија пред некоја година. Да не ги пишувам имињата на тие што се спремаат да станат министри и заменици, а се на црните листи за влез и во САД и во ЕУ. Нема доволно простор на страницава.
Не е до политичарите. Не е ни до изборите. До гласачите е. Затоа и не ме чуди што најголемата партија во Македонија е Партијата на неопределените. И с уште нема лидер.
2 Државната агенција МИА завчера емитуваше вест дека “градоначалникот на Скопје Коце Трајановски ќе ја посети Општина Карпош и ќе оствари работна средба со градоначалникот Стевче Јакимовски. Посетата е дел од серијата посети на сите десет скопски општини што ќе ги оствари градоначалникот Трајановски во наредниот период”.
Како е срочена веста мислиш дека претседатели на две суперсили се среќаваат. Двајца претседатели, па уште и од две различни партии ќе оствареле работна средба. Ова пред осумдесеттите години од минатиот век се викаше “Турнеја по патиштата на мирот”.
Затоа очекував по средбата да издадат и заедничко коминике и да одржат заедничка пресконференција. Баш би сакал да присуствувам на нивната средба. Многу ме интересира на кој јазик зборувале Трајановски и Јакимовски и за што расправале на средбата што беше толку државнички најавена.
3 Можеби расправале колку пари да побараат од Јапонија за да можеме да си го собереме ѓубрето. Оти не поминаа ни десет дена откако Владата донесе одлука да испрати помош од 100.000 евра поради земјотресот, а сиротите Јапонци веќе почнаа да ни ги враќаат парите.
Амбасадорот на Јапонија Шигео Иватани рекол дека тоа што Јапонија се соочува со тешките последици од катастрофалниот земјотрес и цунамито не е причина јапонската Влада да заборави на преземената обврска за помош на Општина Гевгелија и најави 64.000 евра за купување ѓубрарка.
Од толку казина на територијата на Општината, гевгеличани не успеаја да соберат данок да си купат една ѓубрарка. Ама тоа не е за чудење. Ако прилепчани што имаат проблеми со недостиг на вода можеа да потрошат 60.000 евра за концерт на Цеца, зошто гевгеличани да не им овозможат на Јапонците да им го собираат ѓубрето.
Не е до парите. До приоритетите е. Секоја власт си има свои приоритети. Секоја будала си има своја веселба.
4 Се слушаат ли што зборуваат кога ни кажуваат дека новата зграда на Агенцијата за електронски комуникации од проектот “Скопје 2014” ќе се гради од сопствени средства. Од кај и се на Агенцијата “сопствени средства”? Ќе ги добиела ли таа тие “сопствени средства” да не сме ние? Што произведува Агенцијата за електронски комуникации? Воздух? Да не случајно потоа го преработува и како дупка во воздухот го извезува во странство?
Директорот на Агенцијата за електронски комуникации сакаше прв да фрли камен во темелите на новата зграда, ама попот што ги осветуваше темелите го врати. Рече дека ред е најтешкиот камен да му го даде на премиерот и тој да го фрли. И сите со разбирање се изнасмеаја.
Зошто има потреба поп да му се умилкува на премиер? Па нели попот е во директна врска со Господ? Или, си вели: “Што е сигурно, сигурно е. Господ е горе, а овој е долу. Не знаеме Господ што работа може да заврши на небото, а овој на земјата сигурно може да заврши.”Така што, покрај десетте божји заповеди, во Македонија важи и единаесеттата: “Слави го Господ на небото, ама умилкувај му се на тој на земјата”. Особено ако од него имаш ќар. А за ќар, фала Богу, дал Господ.
5 Во очекување на програмата на СДСМ што Бранко ја најави уште од пред две години, ВМРО-ДПМНЕ подготвува програма сврзана со кредитот од ММФ. За секој милион по еден чекор. Така што овој пат стоте чекори се изодени. Тоа ќе биде програма во 220 чекори. Проширена и надградена. И потрошена.