1 Брисел бил зачуден и непријатно изненаден од остриот настап на премиерот Груевски на примопредавањето на извештајот од Европската комисија. И сега ние што да правиме? Зошто нивната непријатна изненаденост од одговорот на Груевски е позначајна од нашата непријатна изненаденост дека веќе две години не го ставаат ни зборот “македонски” во Извештајот.
Се налутиле од тонот на Груевски. А ние не се налутивме дека ни пратија извесна госпоѓа која, кутрата, се мачеше во Скопје како да го оправда изоставувањето на придавката “македонски”. Изгледа по казна ја пратиле тука. Ама намерно не и кажале каде ќе оди, за да не го споменува името. Па цело време се плеткаше со зборовите “оваа”, “онаа”, “вашата”, “нашата”, “кај вас”… и слични глупости. Па на Груевски извештајот му ги испратија со казнена експедиција, предводена од Госпоѓа Оваа.
2 Јас не сум непријатно изненаден од премиерот што на еврокомесарот за проширување Штефан Филе му врати со истиот тон со кој тие нам ни се обраќаат. Напротив, пријатно сум изненаден што некој македонски политичар, конечно, воопшто се осмелил да наоѓа забелешки и за грешките на Брисел.
Ама освен за намерното изоставување на придавката “македонски” за кое апсолутно го поддржувам премиерот, другите забелешки од извештајот дебело сме си си ги заслужиле.
За какви реформи во судството зборува Груевски? Реформи кои не обезбедиле владеење на правото и еднаквост пред законот за сите, едноставно, не се реформи.
За какви стопански реформи зборува Груевски? За оние со кои државата протежира нелојална конкуренција? И во кои единствен мотив за протежирање се партиските и лични интереси?
За каков “наводен проблем со слобода на изразувањето” зборува Груевски, кога двајца коалициони партнери на Владата имаат телевизии кои се финансираат со реклами што ги распределува самата Влада?
И кога ќе напишеш или ќе кажеш нешто што се разликува од нивата слика, веднаш те третираат како непријател. Да. Има слобода на изразување. Ама ние тука зборуваме за слобода после изразувањето.
Реформите за кои зборува премиерот Груевски ги има само во рекламите. А тој изгледа многу ги гледа, и веќе верува во нив. Бидејќи веќе петта година е на власт, заборавил како е надвор, па си живее во својот филм.
За жал, не живееме сите во истата реклама со Груевски.
3 Како и да е, реформите продолжуваат. Еве што соопшти вчера Министерството за правда:
“Утре во националната арена ‘Филип Втори’ во Скопје ќе се организира фудбалски натпревар меѓу судии, јавни обвинители и адвокати. Судии на мечот ќе бидат лица од естрадата. Преку оваа средба, симболично ќе бидат претставени реформите на судскиот систем кои ги спроведува Владата на Република Македонија.”
Ќе прават палјачовци од судиите и обвинителите само за да ни покажат дека има реформи во судството. Оваа манифестација ја организира Министерството за правда. Да беше ова “Монти Пајтон”, оваа манифестација ќе ја организираше Министерството за глупаво одење.
4 Министерот за надворешни работи Никола Поповски излезе со нова теза за “наводниот проблем со слободата на изразувањето” во Македонија. Па во интервјуто за “Си-Ен-Ен” рече дека има многу “субјекти за така мал пазар”. На прашањето на репортерот дали тоа значи дека за два милиона луѓе има многу медиуми, Поповски одговори: “Да, така е. Тоа можеби е добро за зголемување на конкуренцијата, но на долг рок не е одржливо, што значи дека квалитетот треба да одреди колку субјекти ќе има на пазарот”.
Така е, министре. Но кој ќе го одреди квалитетот? Владата? Со тоа што ќе им даде повеќе државни пари на коалиционите телевизии и на тие медиуми кои квалитетно ја фалат. И притоа нема да каже колку пари им дала.
Ако Владата баш сака да се прави пазарен регулатор и да кажува кој ќе остане и кој нема да остане на пазарот, тогаш нека не поддржува нелојална конкуренција и нека обезбеди еднаков пристап до парите на даночниците за сите медиуми. Па после, како што би рекол министерот Поповски, квалитетот нека одреди колку субјекти му требаат на пазарот.
5 Не помина ни една недела по почнувањето на дијалогот меѓу новинарите и Владата за слободата на изразувањето, кога на новинарите не им беше дозволен влез во салата каде што се доделуваа наградите “11 Октомври”. За да не го прашуваат премиерот за пописот.
6 Прво одеше рекламата “Попиши се”. Сега, од парите кои останаа непотрошени за неуспешниот попис, ќе се снима нова реклама “Отпиши се”.
Во официјалната верзија за пропаднатиот попис, за кој од буџетот беа одобрени 14 милиони евра, приказната е ваква: Груевски е херојот што спречил фалсификат и не дозволил да има Албанци повеќе отколку што се. А Али Ахмети не дозволил да се дознае колку Албанци навистина има.
Суштината е дека сите сме нетокму. Оти ни рекоа дека не е трагедија ако се фрлат милиони евра во ветер. Што се парите, кога се во прашање националните интереси. И на едните. И на другите. Таа приказна им поминува со истата леснотија со која ги потрошија и парите. Тоа значи дека коалицијата меѓу Никола Груевски и Али Ахмети е забетонирана. И дека нема цена.