1 Пред околу еден месец прочитав дека во Бон, главниот град на СР Германија пред обединувањето, локалните власти поставиле сексометри на улиците на кои работат проститутките. Станува збор за машини, слични на автоматите за купување паркинг билети. Секоја проститутка на улица пред да се фати за работа мора да си купи билет од сексометарот. Билетот чини 5 евра, без разлика колку клиенти ќе опслужи сексуалната работничка и важи од 8.15 навечер до 6 часот следното утро.
И Дортмунд има сличен начин на наплата, со тоа што проститутките таму билетите за работа ги купуваат на бензински станици.
Портпаролката на Советот на градот Бон Моника Фромбген изјавила дека ова е прашање на фер оданочување затоа што проститутките што работат во регистрираните јавни куќи и во таканаречените сауна клубови плаќаат данок, а нивните колешки кои работат самостојно на улица, не плаќаат. “Ова е начин како и уличните проститутки да ја почитуваат фискалната дисциплина, исто како проститутките во регистрираните секс установи”, изјавила портпаролката на Бон.
Во Германија проституцијата е легална. Проститутките можат да работат индивидуално, или со договор за работа како редовно вработени во бордели и салони за масажа. Борделите се регистрирани фирми кои плаќаат данок. И проститутките мораат да плаќаат персонален данок на заработката, плус данок на додадената вредност за услугата што ја даваат.
Чесна работа. Сите се задоволни. И клиентите, и работничките, и локалната власт и државата оти си ги собира даноците. Ама, најзадоволна е Грција. Затоа што дури и германските проститутки се мачат да најдат што повеќе клиенти за да ја спасат од банкрот.
2 Не само германските проститутки, туку и дваесет лидери на најголемите земји расправаат за Грција, а нам ни викаат дека самите треба да најдеме решение.
Германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Никола Саркози биле шокирани од изјавата на Папандреу дека ќе свика референдум. Затоа што пред тоа ги убедија сите партнери од ЕУ да и одобрат на Грција пакет помош од 130 милијарди евра. Тоа е плус на 110-те милијарди што и ги одобрија пред една година. Згора на тоа ги убедија и приватните банки да и простат на Грција 50 отсто од долгот што земјата го има кон банките, што е дополнително околу уште 100 милијарди евра.
Услов за Грција да ги добе тие пари е да направи реформи во пензискиот систем, да отпушти преголем вишок јавна администрација и да си ги собира даноците. Е тоа биле непријатните мерки за штедење поради коишто Грците палат германски знамиња. А на германските медиуми не им е јасно зошто и се шокираат.
Треба да дојдат кај нас на обука за да научат како да се справат со шокот. Исто како што тие се шокираа од однесувањето на Грција, ние се шокираме еве веќе дваесет години. Всушност, ние со Грците секојдневно си живееме во состојба на шок. Тоа ни е нормална состојба.
Прво ни ги затворија границите и ни воведоа економско ембарго. После, за да ги дигнат рампите, колку за да имаме што да јадеме и со што да се грееме, побараа да го смениме Уставот. И ние конструктивни – го сменивме. Па побараа да го смениме и знамето. И пак конструктивни – го сменивме. Па заедно потпишавме меѓународен документ со кој тие се обврзаа дека нема да прават пречки за наше зачленување во меѓународни организации и сојузи. Ама ставија вето за членство во НАТО. И ставија вето за почнување преговори за членство во ЕУ.
Којзнае. Можеби дваесетте лидери што сега бараат решение за кризата во која ги турна Грција, сфаќаат со какво зло ние се бориме дваесет години. Тие се лидери на дваесет најголеми земји на светот и не можат да си најдат чаре за Грција. А нас што сме мали и меѓу најсиромашните во Европа, плус опкружени со катиљ соседи и се мачиме со својата независност, н тераат сами да се договориме со Грција. Оти тие не можат да се договорат. Затоа што Грција е внатре, а ние сме надвор. Така викаат кога се правдаат.
Гледаш, некогаш би можело да биде добро што сме биле надвор. Иако, ако бевме внатре, може и ние ќе бевме во состојба да уценуваме. Па за да и помогневме на Грција, ќе баравме да ни го вратат името. А може и знамето. Бидејќи проституцијата кај нас не е легална, па не можеме со дополнителни буџетски средства да придонесеме за спас на еврозоната.
3 Имам одличен предлог за решавање на спорот за името со Грција. Мислам дека ќе им се допадне на НАТО, а особено на Европската унија.
Ангела Меркел и Никола Саркози ќе ги овластиме да преговараат во наше име. На Меркел и веруваме затоа што е загрижена за иднината на еврото и обединета Европа. А Саркози е добар затоа што дедо му бил роден во Солун, па има разбирање за специфичните чувства на Грците околу Македонија. Нели дури и книга му промовираа пред Самитот на НАТО во Букурешт 2008-та. Ќе им речеме, еве ви го името, еве ви ја Грција, правете што ќе правите, не ви се мешаме, решете го проблемот.
И после, штом Меркел и Саркози со Грција ќе постигнат решение со разумен компромис и во интерес на двете страни, веднаш ќе го прифатиме. Еве, дури ни референдум нема да распишуваме.
4 Во преговорите можат да го вклучат и еврокомесарот за економија и монетарна политика Оли Рен. Во декември 2008 кога беше еврокомесар за проширување на прашањето: “Кога Македонија ќе добие датум за преговори?”, тој раскажуваше вицови за композиторот Јан Сибелиус. Кога во шест часот наутро жената го прашала кога ќе си дојде дома, Сибелиус и одговорил: “Драга моја, јас не сум претскажувач, јас сум композитор”.
Сега Оли Рен е задолжен за економската политика на ЕУ. Па кога во Брисел ќе го прашаат кога еврозоната ќе излезе од криза, може да им го раскаже истиот виц со кој се правеше вицкаст во Македонија: “Драга моја, јас не сум претскажувач, јас сум композитор”.
5 И мене, како и лидерите на Г20 неделава ме окупира грчката драма. За жал, немам веќе простор на страницава да се осврнам и на македонските работи.
.