1 При целата безидејност и дезориентираност што ја има зафатено СДСМ, единствената светла точка е градоначалникот на Охрид Александар Петрески. Тој барем има некакви идеи.
Повторно е актуелен со намерата да стави рампи на приодните патишта кон градот. Ќе наплаќа по едно евро за влез во Охрид. Затоа што имало многу викендаши што доаѓаат во Охрид на еден ден, а не трошат ништо. “Си имаат земено со себе храна, која си ја пазариле во градот од кој доаѓаат и идат овде, зафаќаат место со автомобилите, ќе седат на плажа, ќе јадат и пијат од она што донеле и ќе го остават ѓубрето кое некој треба да го крене”. Според него, ќе треба да се постават рампи кај Подмоље за тие што доаѓаат од правецот на Кичево и Струга, кај Косел за тие што доаѓаат од правец на Битола и кај Пештани за тие што доаѓаат од Албанија.
На идејата и треба мала доработка. Не само што на влезот во градот треба да се плаќа по едно евро, туку некој треба да ги отвара багажниците и да им ја одзема храната и водата на туристите. За ако не купат ништо во Охрид, да умрат од глад и жед. За Охриѓани да бидат сигурни дека нема пак да им дојдат. Потоа, треба да се инвестира и во патролни чамци кои ќе ги ловат туристите што ќе сакаат да влезат во Охрид преку езеро, а доаѓаат со кајче од Струга на пример. Таа порта не му е покриена, а Скопјани се курнази па дури и со глисери ќе му се шмугнуваат во градот да си ја јадат храната што ја купиле во Струга. Дополнителна тема за разработка е ако туристите одат на плажа во Градиште или Свети Наум. Тие ќе треба да плаќаат два пати. Еднаш оти влегле во Охрид и втор пат кога ќе се враќаат од плажа. Освен ако не препливуваат кај Десарет.
Без гајле. И за овие дупки во системот за одбрана на Охрид, Аце ќе најде решение. Него сешто му текнува.
Се ми се чини дека Струга го торпедира Охрид. Аце е дел од долгогодишната студена војна меѓу Охрид и Струга чие е езерото. Тој ти бил струшки шпион – спијач, кој автоматски се активира на зборот “туристи”. Како кучињата од една охридска анегдота. Дошле туристи да бараат соба кај бабата и во дворот залајало кучето. И бабата му вели: “Не лај, не лај, и јас не ги сакам, ама шо да праам, туристи се”.
Море Аце не треба да наплаќа за влез во Охрид. Треба да стави рампи на кои ќе наплаќа излез за Охриѓани. За да не се шири охридската озраченост. Во Македонија и пошироко.
2 Лустрацијата е многу сериозна работа. А богами и главниот лустратор Томе Аџиев многу сериозно изгледа. Кога дава изјави.
Законот е јасен. За да се докаже дека некој бил кодош треба да има писмен доказ со потпис за соработка на осомничениот. Арно ама Аџиев е темелен и бара и други докази. Ако нема потпис доволно е да те споменале во полициски извештај. Па кај и да е, сите ќе дојдеме на ред
Од риболовци до членови на куќни совети. Сите се некакви регистрирани здруженија на граѓани.
Кога можеше да се амнестираат злосторства против човештвото со автентично толкување на законот за амнестија, тогаш зошто да не може автентично да се толкува и законот за лустрација. Се е прашање на договор. И политичка волја. Па ако се договориме дека некој бил кодош, процесот на лустрација ќе трае вечно. Денеска ќе се лустрираат “вашите”, а кога тие ќе дојдат на власт, ќе се договорат и ќе ги лустрираат “нашите”.
Тоа што на Аџиев никако не му истекува мандатот не значи дека времето работи за него. Оти, ако со неговото автентично толкување уништи нечиј живот што се нашол на погрешниот список денеска, утре и самиот Аџиев ќе биде зрел за лустрирање. Можеби и нему бесконечно му го продолжуваат мандатот затоа што соработувал.
Се е прашање на договор нели? И на партиско надгласување. Се зависи кој на чиј список за договарање е ставен. И кој Аџиев тогаш ќе биде овластен за автентично толкување.
И така, додека премиерот повикува на обединување, ние ќе се вртиме во круг и бесконечно ќе се разединуваме. А лустрацијата ќе остане општа зафрканција. Се чудам зошто до сега Владата нема отворено бесплатна линија: “Пријави кодош”. Да видите како комшиите ќе се разработат.
Затоа, добро е што се поништи и пописот. Оти на следниот ќе има нова графа по која ќе треба да се изјаснуваме: лустриран и нелустриран.
3 Кај нас ионака се функционира на пријава.
Во четвртокот напишавме дека пратениците пушат во канцелариите низ Собранието. Ги пријавивме. И другиот ден веднаш стаса инспекција.
Ама што вреди тоа кога пратениците решиле за инает да пушат. Оти Собранието ќе ги плаќа казните. Алчните пратеници за да си го направат ќефот, спремни се и да не банкротираат.
Уште еден доказ дека каде што има сила нема правдина. А обичниот човек упорно го убедуваат дека не е така.
4 Во Скопје воздухот изминатава недела беше загаден со прашина неколкукратно повеќе од дозволеното. Од Институтот за јавно здравје тврдеа дека бидејќи мерната станица е во центарот, прашината е поради градежните активност на објектите од “Скопје 2014”.
Готово. Охридската озраченост стасала и во Скопје. Пред неколку години Охридскиот хидробиолошки завод тврдеше дека рибите се дават во Охридското Езеро оти туристите се капат и ја матат водата.
5 Во Скопје на улиците ќе се враќа и најстариот автобус “лејланд” од 1969 година. Во ЈСП велат дека идејата е Скопјани да не го заборават шмекот на првиот автобус.
Кој црн шмек? Да ти студи во зима? Да пукнеш од горештина во лето? Да ти смрди на дизел? И при секое вртење на улица да молиш бога да не се преврти.
Тој шмек ставрно не треба да се заборави.