1 Кога тогаш и актуелната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска ќе биде предмет на надгласување во Комисијата за лустрација. Кога веќе расправале зе бивш министер за внатрешни работи од времето на СДСМ, кој, замислете, издавал наредби и соработувал со полицијата, тогаш предмет на лустрација ќе бидат сите останати министри за внатрешни работи.
И Гордана Јанкулоска сигурно потпишува некакви налози и дава наредби на началниците. Ај што соработува со полицијата, туку и е на платен список во МВР. Значи, по дефиниција од соработката остварува и материјална корист. Плус, очигледно е и дека напредува во кариерата. И тоа е исклучиво врз основа на соработка со полицијата. Кодош со тапија.
До сега, освен оние што го предале Гоце Делчев во Баница, ниту еден ВМРО-вец не е осомничен дека соработувал со некоја полиција. Па ако дојде нов собраниски состав, а некогаш ќе дојде, ќе се смени и Комисијата за лустрација. Па новите членови пак ќе толкуваат документи и ќе се надгласуваат кој какви наредби давал и кој на чиј список е ставен.
Секоја нова власт се правда: “Вие крадевте, па и ние ќе крадеме”. Секоја нова власт секојпат ги отвора приватизициите, тендерите и зделките на претходната власт. Па така и ова со лустрацијата ќе се претвори во наменско производство на луѓе на кои актуелната власт не им е баш омилена. Вие лустриравте. И ние ќе ве лустрираме. И така со генерации ќе се вртиме во круг и ќе се давиме во калта.
Па после некој ќе ми каже дека имало напредок во демократијата. Да. Можеби има напредок за некој што излегол од шупа и исклучиво со помош на партиската книшка станал некакво директорче на јавна служба. Ама напредок – нема. Ние сме с уште во далечната 1945 година. Всушност, кај нас постојано се повторува ’45-тата. Жално е, но ни 1991-та уште не сме ја изживеале.
Туку, дај додека имаат мнозинство нека изгласаат нова измена на урбанистичкиот план во Скопје. Нека нацртаат маркичка за доградба на музејот на жртвите на комунизмот. Да фрлат згора уште пет-шест ката. Оти ќе се нарачуваат нови восочни фигури.
Штом реформираниве антикомунисти се покажаа поголеми комунисти од комунистите, какви ли ќе бидат реформираните комунисти кога пак ќе дојдат на власт?
2 Ова што ќе се кодошат министрите не ме загрижува толку, оти самите си избрале да бидат политичари. Туку, што ќе значи оваа пародија со лустрацијата за бебедносната состојба во земјава? Кој ќе се осмели да пријави што било сомнително во полиција, без да се плаши дека ќе биде внесен во некој записник и дека името ќе му го вадат кога наменски ќе им притреба или на едните, или на другите.
Какво време дојде, колку се опиени од власт и жедни за реваншизам човек да се плаши да не те стават во полициска белешка за погрешно паркирање. Па уште и ако фатиш врски да ти ја скинат, готов си. Оти со тоа си остварил материјална корист.
3 На една дебата за декриминализација на клеветата зборуваше и јавниот обвинител Љупчо Шврговски. Не ми се допадна тоа што му пречело дека новинарите го вознемирувале со прашања на мобилниот телефон, но ми остави впечаток неговата споредба на Македонија со цивилизираниот свет. Според него, пресудите на Судот за човекови права во Стразбур се темелат на “еволуција на свест”. Тој вели: “Ние тука дискутираме и правиме стандарди, а забораваме дека ние сме, да не претерам, најмалку шест-седум генерации во поглед на цивилизациско, културолошко, политичко, економско… какво сакате ниво зад западните демократии”.
Е тоа е тоа. Ние тука, пред с, не сме научени да слушаме. Не сме научени да го почитуваме туѓото мислење колку и да не се согласуваме со тоа. Не сме научени да разговараме за теми за кои не се согласуваме. Не сме научени да ги решаваме работите со компромис, туку попрво ќе се скараме или ќе се степаме. Не сме научени да почитуваме дека некој верува во еден Бог, друг верува во друг Бог, а трет не верува во Бог.
Не сме научени да прифатиме критика, туку бараме заговор и истражуваме кој нарачал, зошто нарачал и слично. Газдите на медиумите не се свесни дека имаат јавна одговорност, туку си ги злоупотребуваат новинарите за ситни и крупни добивки. Во овие дваесет години, со многу ретки исклучоци, сфативме дека политичарите немаат свест за јавно добро. Мотивот за работа им е приватниот ќар.
Конечно, сите ние како обични граѓани не сме научени да прифатиме одговорност за сопствените постапки, туку секогаш некој друг ни е виновен. Па дури и самиот Шврговски кому му дале многу одговорна, но јавна функција не сфатил дека кога новинарите му ѕвонат да го прашаат за ланскиот снег тоа им е работа. А тој не треба да се вознемирува на секое ѕвонење на мобилниот, оти ете можеби и во веста за ланскиот снег има случај за неговото обвинителство.
Е тоа е еволуција на свеста за којашто самиот зборува.
4 Шврговски ни ја откри Америка кога ни кажа дека сме шест-седум генерации поназад од цивилизираниот свет. А како потврда на неговата изјава веднаш по него одеше вест дека на претседателот на лустрациската Комисија Томе Аџиев му ја исчкртале куќата во Битола со графити. Напишале: Умри педер.
Арно ама некои медиуми, веројатно чувари на моралот, пренесоа дека на куќата имало погрдни графити и пишувало: “Умри п…р”. Демек едниот збор бил срамотен, а другиот не.
Е во такво лицемерно и малограѓанско смрдливо мочуриште живееме.
Во Македонија е пострашно да си педер, отколку да умреш.