1 Мислам дека дојде време овие од СДСМ самите да се укинат. За инает на Груевски и на ВМРО-ДПМНЕ да решат да не постојат. За да докажат дека во Македонија нема демократија. Така конечно и официјално ќе останеме без опозиција.
Најновата финта им е да ги бојкотираат пратеничките прашања. Не му поставуваат прашања на премиерот оти тие што му ги поставуваат од ВМРО-ДПМНЕ биле нарачани. Па за да докажат дека премиерот одговара само на нарачани прашања, тие решија да не поставуваат ни ненарачани. Тоа ти се вика – се налути на селото и си го отсече мандалото.
Истиот ден кога пратениците на СДСМ решија во Собранието да молчат, нивниот лидер Бранко Црвенковски и се обрати на нацијата. И им порача на граѓаните во 2012 година да го победат стравот, да се одважат и да прозборат.
Бранко сака пак некој друг да му ја заврши работата. Ни вика нам да се охрабриме и да прозбориме, а неговите пратеници не поставуваат ни пратенички прашања. Важи. Ај ќе се одважиме. И ќе прозбориме. Каде ќе биде Бранко потоа да н заштити? Како што го немаше за заштита и на стотици други што се одважија. И тоа од неговата партија.
Башка, ако веќе некој се осмели и собере храброст поголема од пратениците на СДСМ и нивниот лидер, зошто Бранко мисли дека кога народот ќе се ослободи од стравот баш него пак ќе го изберат да го води.
2 Не знам што си мисли премиерот Груевски, ама да сум на негово место не би се радувал толку и на замолчената опозиција и на исплашените медиуми.
Знаеш како е. Колку подолго седиш во кафеана, толку повисока е сметката што ќе ти ја донесе келнерот.
3 Сигурно на овие од К-15 им е криво што ним не им текна скечот што го направи една граѓанка што се сликаше пред камери на отворениот ден на Владата. Таа одеше од министер до министер, се жалеше за нејзините проблеми, потоа на Груевски му кажа дека го обожава и на крај на новинарите им изјави дека воопшто не е задоволна од работата на Владата. На прашањето зошто така вика, а внатре на Груевски му велеше дека сака да го гушне, таа одговори: “Лицемерие! Лицемерие! Како да опстанам?”
Ова ме потсети на една анегдота. Се враќа колегата задоволен од кај директорот и се фали:
– С му кажав на директорот!
– Како бе? Што му кажа?
– С! И што ја краде фирмата и што вработува со врски и што ги унапредува тие што му се умилкуваат. Море му ибав и мајката и жената и сестрата. Ептен му се истурив. Ја упропасти фирмата.
– И баш така му кажа?
– Не бе. Кај смеам да му кажам. Само си помислив да му кажам.
Така и граѓанката која не се срами да каже дека е лицемерна, с му кажа на премиерот. Всушност, кај смее да му каже? Само си помисли да му каже.
Типична македонска работа. Во кафеана ќе се силиме, ќе пцуеме, ќе се фалиме, ќе пееме патриотски песни, па по уште две-три ракии и ќе се степаме. Ама, кога ќе дојде вистинското време и ќе се најдеме на вистинското место тоа да го кажеме и кога ќе се соочиме со тој на кого сме му се наакале, ќе си молчиме. И ќе чекаме Бранко да дочека граѓаните да се осмелат.
Ќе си го чуваме кубурот за подоцна. Да не затреба. А и кога ќе треба, кубурот не пука. И пак ќе си најдеме оправдување. Барутот е влажен.
4 Џемали Мехази од ДУИ завчера беше поставен за втор директор на Фондот за здравство. Првата изјава што ја даде беше дека ќе се залага за правична етничка застапеност на вработените во Фондот.
Знае ли човекот каде дошол за директор?
Зошто не се бори за правична застапеност и на болните? Ајде сега и да се разболуваме според рамковен договор. Да не одат зијан лековите и боледувањата само за Македонците и останатите неалбанци.
5 Министерот за надворешни работи Никола Попоски ги собра сите македонски амбасадори во Домот на АРМ во Скопје. На масата пред секој амбасадор го пишуваше името на земјата во која е на служба, а пред министерот Попоски имаше табла “Македонија”.
Зошто пред министерот стоеше “Македонија”? Да не н знаат амбасадорите која земја ги испратила во странство? Или таблата ја ставиле за секој случај. Да не го измешаат својот шеф со другите колеги оти не го познаваат.
6 Во црквата на Христовото рождество во Витлеем се степаа грчките и ерменските свештеници. Свештениците ја чистеле црквата со метли, ама кога некој поминал со метлата на туѓа територија тие почнале прво да викаат, па потоа и се замавале.
По овој инцидент Ерменија нема да може да влезе ни во НАТО, ни во ЕУ. Затоа што Грција ќе стави вето, бидејќи Ерменците не ги почитуваат добрососедските односи. И затоа што Грција е најважна земја – членка и на НАТО и на ЕУ. Им ги собра парите на другите, па сега мора да ја држат да не им избега.