Нина Спирова, пејачката на хитовите „Еден бакнеж“, „Молчи, молчи“, „Езеро мое“, почина во Филаделфија, САД на 82 години. Спирова, со специфичен кадифен глас и емотивна интерпретација, е една од најпознатите македонски пејачки на забавна, староградска и народна музика на сите времиња, која изведе забавни мелодии кои станаа евергрини.
Родена е во Прилеп, 1938, а почнала да настапува од 16 години. Ќе останат како трајни вредности нејзините интерпретации на „Бог да бие кој прв почна“, „Пилето ми пее“, „Не си го продавај Кољо чифликот“, „Судбо моја, судбино“, „Зајди, зајди, јасно сонце“, „Кажи, кажи либе Стано“ .
Спирова засекогаш се повлече од естрадната сцена во почетокот на 1980-те години. Во тоа време од Скопје се преселила во Белград и Загреб, подоцна живеела во Германија, па во Филаделфија.
Учествувала на првите изданија на Скопскиот фестивал, а има соработувано со најпознатите македонски автори, композитори и музички аранжери, меѓу кои Драган Ѓаконовски – Шпато, Љубомир Бранѓолица, Димитар Масевски и многу други. Има снимено над 80 композиции само за музичката продукција на МРТВ, од кој поголемиот број се хитовите: „Молчи, молчи“, „Еден бакнеж“, „Езеро мое“, „Далечен крај“, „Пелистерски очи“, „На овој ден“ .Со „Еден бакнеж“ на композиторот Петар Пешев учествувала на фестивалот Опатија во 1962 и добила прва награда. Овој евергрин беше носечка музичка тема во филмот „Сенки“ на македонскиот режисер Милчо Манчевски.
Б. НЕСТОРОСКА