1 Мисиите на ЕУ, ОБСЕ, НАТО и на амбасадата на САД се согласуваат дека немнозинските заедници треба рано да почнат да го учат македонскиот државен јазик, ама и препорачуваат на Владата внимателно да подготви постепено спроведување на наставата.
Едноставно кажано стандардите на ОБСЕ, ЕУ и на САД се растеглива категорија. Кога треба да важат за Албанците во Македонија, треба внимателно да се спроведуваат.
Во заедничкото соопштение на тие во чии стандарди се крстиме фалат конкретни примери. Како во САД внимателно ги подготвуваат немнозинските заедници да учат англиски јазик. Или како во Франција внимателно ги подготвуваат да учат француски јазик. Особено оние немнозински заедници што се во значителен број.
Во соопштението препорачуваат внимателното спроведување на учењето на македонски јазик од прво одделение Владата да го направи “работејќи со сите заедници”. Малку е тешко да се работи со сите заедници. Особено кога една заедница има поддршка од тие што ги направиле стандардите, постојано да ги крши.
2 Пак зачестија да не плашат со дестабилизација. Зошто? Дали навистина нерешавањето на проблемот со името може да доведе до дестабилизација? Или веќе нема што да ни кажат за да не натераат да го решиме проблемот и знаат дека само од дестабилизација можеме да се исплашиме?
Сепак, мислам дека штом можат и сопствените стандарди да си ги погазат, можат да направат и дестабилизација. Да не се изненадиме некое утро, како во 2001 година, со некој нов поет, со нова книга со нови барања за човекови права, со нови бенчмаркови.
Министерот Миле Јанакиески отиде да купува нови автобуси. Со еркондишни, како оние на Питер Фејт од 2001 година. Бидете претпазливи. Ако забележите дека автобусите тргнале кон Арачиново, знајте дека македонски во прво одделение нема да се учи.
3 Во 1992 година претседателот Киро Глигоров со лордот Овен, тогаш претставник за бивша Југославија, разговарал за името во лифт.
Сега во Лондон министерот за надворешни работи Антонио Милошоски разговарал за името со американската државна секретарка Хилари Клинтон, додека се симнувале по скалите. Добро е, никој не се препнал, никој не е повреден.
Кога ли успеал Милошоски со едно симнување по скали се да и раскаже. Освен ако Клинтон не знаела се однапаред. Па на најдолното скалило само поставила прашање. А Милошоски одговорил со “Јес”. Или “Ноу”.
Покрај учење странски јазици, министерот се фрлил на учење на народни мудрости. И во Словенија за понудите за помош во спорот со Грција одговори: “Многу бабици, килаво дете”.
Не знам колку бабици ги раѓале, ама од деведесетта до денес, од Љубчо, преку Бранко, до овие најновиве, покилави деца здравје.
4 Го гледав интервјуто на претседателот Ѓорге Иванов на Канал 5 телевизија. Сега ми е јасно. Не е проблемот тоа што Ѓоле секогаш кога ќе каже нешто не е добро сфатен. Проблемот е што тој не сфатил на што функција го избрале.
5 Градоначалникот Коце Трајановски остварува. Сега почна со идеи што ја надминуваат неговата изборна програма.
Сака да воведува комунална такса за музика. Ќе ја плаќаат сите што пуштаат музика. Идејата уште не му е јасна, ама интензивно ја разработува.
Јас би му предложил да не плаќаат само тие што пуштаат музика. Туку и тие што ја слушаат. Кој нема самостојно да си го намири долгот, ќе го уловат безбедносните камери. Па ќе ни праќаат извршители по дома. На 50 денари такса за слушање музика, ќе платиме 7.000 денари за извршител. И плус уште илјадарче за банкарски трансакции. Како што ни собираат пари за МТВ.
Сите скопјани ќе мора да платат за музика. И тие што ја пуштаат и тие што ја слушаат.
Сепак, Коце ќе предвиди и кој не мора да плати. Оние што завршуваат на Бутел. Оркестарот ќе плати оти свири, натажените ќе плаќаат за слушање на посмртниот марш. Ама тие што ги испраќаат нема да платат. Оти не можат да ја слушнат музиката Се спасиле.
6 Дали ќе се плаќа и за музиката од саатот на Старата железничка станица. Оној за кој Коце во предизборието вети дека ќе го поправи да не стои закочен на 5.17. И од кој на секој саат ќе свири музика.
7 Стручњакот на ВМРО-ДПМНЕ за сите надлежности Влатко Ѓорчев прво се појави на дебата за Законот против пушење. Потоа се појави да го брани законот за увоз на стари коли.
Следната дебата на која ќе се појави ќе биде за закон за високо образование. Конзервативецот ќе бара либерализација. Да се дозволи недипломирани студенти да носат закони. Овој пат тоа навистина ќе биде квалификувана расправа.
8 Вести во недела навечер. Две групи граѓани се собрале среде булевар во Скопје и се тепаат за јарбол. Една загрижена граѓанка вознемирено даваше изјава дека и било криво кога одела во населбата Аеродром и низ центарот на Скопје да гледа големи јарболи со македонското знаме, а таков јарбол немало во Карпош.
Наместо во недела да шетаат со децата по планини, да одат на скијање, на ручек со семејството, да се гледаат со пријатели, тие се тепаат за јарболи. Едните, демек, биле за знамето и протестираат против другите кои не даваат да се стави јарбол, ама мавтаат со знамињата оти не се против знамето.
Ама и едните и другите биле за љубичиците на Стефче.
Што ти е народ попуштен со нерви. И што ти е сиромаштија. Деца на цвеќето.