1 Кога завчера го пуштивме филмчето “Скопје 2014” на вебсајтот на ВЕСТ ми се јавија некои пријатели и ми велат: “Виде ли пак што пуштиле на Јутјуб? Некој амбициозно си го потрошил времето да си прави мајтап. Ги визуелизирале сите згради и споменици што наумил да ги изгради Груевски”.
Подоцна, кога спотот почна да се емитува и на вести на телевизија сфатија дека тоа не било зафрканција. Тоа ти било за фалење.
На пример, и мене на почеток ми личеше дека е зафрканција ако некој ти кажува на твоето приватно земјиште каква зграда треба да изградиш. Демек, ова ти е фасадата, а ти внатре реди си плочки и прави си распоред на бањи и кујни. Важно, зградата мора да биде ваква. Ама не било зафрканција. Како што упорно се обидуваат да ги преземат големите компании, големите бизниси, судството, здравството, јавната администрација, како што умешно прават упади во медиумите, сега прават упад и во архитектурата. Нема што да размислуваш кога веќе с е смислено. Нема што да расправаме за вкусови. Важно е да му се бендисува на лидерот. Тој ветува, тој остварува. И секој обид за расправа ќе заврши на тезата: Да, можеби е грдо, ама овие барем градат.
2 Ова што го видов е многу грдо. Ама дури и на разубавениот спот останале уште погрдите билборди, дивите таксисти покрај импознатните лавови, дупките на улиците, тротоарите окупирани со коли… А од фонтаните што како гејзери ќе шикаат меѓу некои од мостовите ќе треба да бегаат картонските трговци со гаќи и дигитални ролекси, за да не ги мавне некое гомно, или пластично шише. Не дај боже да дувне повардарец, ќе ги искашка и Уставниот суд и Финансиската полиција…
3 Тоа што градат старо и поубаво Скопје им дава право утре да го затворат и Архитектонскиот факултет. Прво затоа што за прецртување на стари згради доволни им се и техничари. Не им требаат нови идеи, нови правци, нови материјали, нови технички и технолошки можности за градба.
Но, второ и многу поважно е затоа што професорите 20 години удобно си молчеа и си ги дадоа газовите под кирија на разни бетонски октоподи. И сега, најмалку 20 уважени професори и архитекти ќе ги подигнат тендерските документации за да се јават на конкурсите.
Затоа сега нека не бараат симпатија. И нека се засрамат од сопствените студенти што наместо нив мрзнат на Плоштадот и ги лови полиција оти пишувале графити против силувањето на Скопје. Нека си ги вратат дипломите. Оти тоа што Скопје е грд и нефункционален град кој се задушува од урбана мафија, корумпирана власт и дивоградби е и нивна одговорност.
4 Првиот обид беше со музејот на Мајка Тереза. Велеа дека покрај таква градба ќе доаѓаат многу туристи за да се сликаат. Сега откако видоа плева туристи, ќе изградат и три хотели за да имаат каде да преспиваат.
Само едно не ми е јасно. Зошто некој би доаѓал во Скопје да ја гледа лажната триумфална порта кај чичко Стоилко, кога може да оди во Париз да ја види вистинската Триумфална порта? Освен ако не доаѓаат само за да ни се смеат.
Имам уште едно прашање до министерката за култура Бети Канческа. Дали во музејот на жртвите на комунизмот предвидела посебно катче за архитектите на новото старо Скопје? Ако не предвидела, нека нарача
додека уште се топи восокот во Украина.
5 Прашање и до премиерот Никола Груевски: Дали пред да го гледа спотот за Скопје го гледал прилогот од Мариово за изгубеното девојче Ангела? Виде ли на што личат мариовските села. Дали имало војна, или куќите сами од себе се урнале? Оти Мариовци масовно ги напуштиле брзајќи да се сликаат пред Триумфалната порта и да се возат во двокатните автобуси низ Скопје.
6 Откако се појави визуелизацијата на Ново Скопје, вчера со огласија и битолчани. Велат: Прв пат ни е драго што ние не сме главен град.
7 Кон крајот на минатата година хит беше филмот “2012”. Тоа е научна фантастика со Џон Кузак во главната улога. Се случува некакво покачување на температурата на земјата, пука кората, се изместуваат континентите, има многу земјотреси, проработуваат вулканите, дури и Хималаите ќе бидат потопени. Доаѓа потоп. Крај на светот. Само одбрани ќе ја преживеат катаклизмата.
Сега ми е јасно зошто Груевски го лансира проектот “Скопје 2014”. Го гледал филмот “2012”.
8 Исто како што се збунија со спотчето за Скопје, некои пријатели ми раскажуваа дека биле збунети и од промоцијата на опозицискиот фронт на Бранко. Кога влегувале во “Александар палас” покрај југословенското знаме, музиката, орото и “Југославијо, Југославијо”, си рекле: А бе ова да не е некоја скриена камера? Дај да се смешкаме. Да не смислиле шизиците на Бранко некој штос, нив многу ги бидува за такви работи”.
Арно ама, кога се виделе на телевизија на сериозни вести и кога го чуле Слободан Угриновски како се фали дека ќе победат на 11 Октомври, а ќе прават Влада со другарот Бранко на 29 ноември, сфатиле дека Никола сериозно мисли до 2014 година да го врати Скопје во минатото.
9 Скопје радост ти ќе бидеш, Скопје ти ќе бидеш цвет, и ќе бидеш израз свиден, на с братско в овој свет…