1 ВМРО-ДПМНЕ инсистира евентуалната промена на меѓународното име да биде верификувана преку референдум. СДСМ одговара дека не е потребен референдум, оти народот и дал глас на оваа владејачка гарнитура да донесува државнички одлуки.
СДСМ инсистира за Проектот “Скопје 2014” да се организира референдум. ВМРО-ДПМНЕ одговара дека граѓаните на демократски избори ги избрале властите на Општина Центар и дека тие имаат мандат да го спроведат тој проект и без референдум.
Тоа е исто како принципите на ОБСЕ за македонскиот јазик во прво одделение кај учениците Албанци. Принципите се растеглива категорија, исто како и образложенијата за референдум.
Сепак, имам идеја со која и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ конечно ќе можат да направат политички консензус. И за името и за зградите да има еден референдум.
Референдумското прашање ќе гласи: “Дали сте за Скопје 2014 година да биде главен град на Северна Република Македонија”?
2 Не ми е јасно зошто Бранко инсистира и троши енергија да ја убеди Владата да распише референдум за зградите? Нека собере СДСМ 10.000 потписи и ете ти референдум. Има здружена опозиција нека трчаат по членството.
3 Министерот за правда Михајло Маневски не ги признава резултатите од анкетата за независност на судството што ја правела ОБСЕ. Не признава дека судиите се жалат оти власта ги притиска. А во анкетата на ОБСЕ, замислете, судиите изјавувале дека Судскиот совет не е независен орган, чувствуваат притисоци од партиите и од Владата и сметаат дека министерот за правда не треба да биде член на Советот.
И Здружението на судии застана зад изјавите на Маневски. И од таму велат дека немале верба во истражувањето на ОБСЕ. И најавија дека ќе прават своја анкета за да докажат дека судиите работат без притисоци.
Во право е министерот Маневски што не ги признава анкетите на ОБСЕ. Затоа сам ќе ги анкетира. Додуша не сам, ама преку Здружението на судии. А потпретседателка на Здружението на судии, види чудо, уште била неговата сопруга Филимена Маневска. Бидејќи е пензионерка, може да и дадат дополнителна работа. Таа да биде главен анкетар од име на независното Здружение на судии. Таа лично да оди од судница до судница и анонимно да ги анкетира судиите. Да ги праша дали мажот и им врши притисок.
Потоа резултатите од анкетите ќе одат во Судскиот совет, каде што член е министерот и сопруг на анонимната анкетарка. За тие судии кои не одговориле како што треба, министерот ќе даде препорака за сменување. Ама, бидејќи останатите членови на Судскиот совет имаат свое “Јас”, сигурно ќе го одбијат неговиот предлог.
4 Кога Мендух Тачи ќе каже дека на Македонија и претстои дестабилизација и нова војна, тоа е поттикнување на меѓуетничка нетрпеливост и е казниво со закон.
Кога официјален претставник на ЕУ ќе каже дека на Македонија може да и се случи дестабилизација тоа значи дека тие нешто знаат. И не само што знаат. Туку им даваат легитимитет на заканите на разни Тачиевци.
5 Умерениот Албанец Имер Селмани за којшто гласаа 70.000 Македонци, меѓу кои сигурно имало и антикомунисти поднесе барање до Општината Гостивар да му се дигне биста на познатиот балист, соработник со фашистите во Втората светска војна Џемо Хаса.
Образложението му е дека бил антикомунист.
Е па ајде тогаш да им дигнеме споменици и на Хитлер и на Мусолини. И тие беа антикомунисти.
Не слушнав дека некој од албанските интелектуалци што се бунеа против Македонската енциклопедија има да изјави нешто на таа тема. А гледам нема ни заедничко соопштение на ОБСЕ, ЕУ и Амбасадата на САД.
6 Деновиве има масовна преселба на доктори, сестри и болничари од државните во приватните болници.
Министерот за здравство Бујар Османи и владејачката коалиција не треба да се плаши. Лекарите си заминаа, ама администрацијата остана. Па се ослободи уште протор за нови вработувања на партиски кадри.
7 Германците, Французите и Швеѓаните сигурно се многу среќни што се во иста држава со Грција.
Откако Грците им потрошија 300 милијарди евра, овие сега уште мора и да им платат да ја спасуваат еврозоната. За да не потонат заедно со Грција.
8 Неколку пати сум напишал дека тоа што им се дозволува на Албанците во Македонија да бидат над законот и законите да не важат и за нив, ќе има сериозни последици за ефикасно функционирање на правната држава.
Не било само неплаќање струја, неиздавање фискални сметки, сива економија, апсење само во присуство на меѓународна заедница, криење на криминалот зад борбата за човекови права…
Законот за пушење успешно се спроведува само од десната страна на Вардар. Затоа што само таму и се казнува.
Но, тоа е добро за имплементирање на Рамковниот договор. Процвета соживотот на левата страна на Вардар. Македонците и Албанците конечно најдоа заеднички интерес. Заедно пушат.
П.С. Утре е Прочка. Нека ми простат сите што мислат дека сум им згрешил нешто во оваа колумна во текот на минатата година. Тие што немаат душа да простат, нека се опијанат. Да сте ми живи и здрави.