1 Просто подзинав кога го прочитав интервјуто на европратеникот Зоран Талер во “Нова Македонија”. Првпат некој од Европската унија да каже нешто убаво за Македонија во спорот за името со Грција. Вели дека “за Скопје нема пречка за суштинска дебата за спорот”. И се чуди “зошто на Грците им требаат неколку недели за да одлучат дали ќе го примат Нимиц или не, зошто ги ескивираат повиците на македонската страна за посета, контакти, иницијативата за нови гранични премини, повикот да се соработува во гонење криминал”.
И уште вика: “Главниот проблем не е во тоа дали е Груевски подготвен за решение туку факт е дека на грчка страна досега немаше доволно подготвеност за суштински преговори”.
Добро утро, Европо.
Не знам дали да се радувам затоа што ЕУ решила да се активира во спорот со името. Или да бидам уште позагрижен.
Оти европратеникот вели дека “нашите грчки пријатели знаат оти нашето трпение е при крај. Ова се кажува с подиректно. Им велиме: Престанете со инфантилноста и ако сакате да бидете сериозна земја, така и однесувајте се!”.
Баш би сакал да чујам Талер или кој било негов колега европратеник да го изјави ова и во Атина.
2 Лондон ја има Бонд стрит. Тоа мала улица со најлуксузните бутици. А Скопје ја има Лондонска улица. Таму нема бутици. Ама има стан во кој се продава луксузна стока. Дали е крадена и шверцувана, или фалсификувана истрагата е во тек.
Приказната за шанерката Пепи, која 15 години по станови облекувала со луксузни брендови битни фаци од политика, бизнис, естрада, новинарство, култура, судство, здравство, царина, полиција…, го разби митот за македонскиот џетсет.
Ова е најслатката одмазда на обичниот човек во Македонија. Дамите и господата што од високо н гледаат нас обичните смртници, само затоа што без “луј витон” не излегувале од дома, всушност, се облекувале во најмени станови и давале 500 евра за фустани и костуми кои смрделе под мишка. Кога ќе се напиеле кафе во кујната на Пепи, излегувале со брендираната кеса со нејзиното име, горди дека за ситни пари купиле голема марка што ќе им го качи статусот.
Сиромашките тие. Каде да видат вистински “луј витон”, кога подалеку од Сани Бич во Грција не биле. А таму одат зашто таму си ги паркираат јахтите. И само таму можат меѓу себе да си ги мерат колку им се големи.
Каква држава таков џетсет.
3 Сите заборавија дека Пепи не беше уапсена поради шанерските алишта туку поради две кила кокаин.
Никој не прашува кој е на списокот купувачи на кокаин туку кој е на списокот на купувачи на шверцувани брендови на рати. Излезе дека модната полиција во Македонија е пострашна од секторот за недозволена трговија и шверц во МВР.
Поголем грев е да носиш лажен “луј витон” отколку да шмркаш кокаин.
4 Претседателот Ѓорге Иванов во Кавадарци на Свети Трифун ги закрои лозјата. Го прашаа од каде знае да крои лозници. А тој, насмеан, одговори: “Кој го бива, за с го бива”.
Е па ако го бива за с, зошто тогаш Ѓоле да не биде и железничар. Како машиновозач ќе вози само право. Треба само да ги следи шините. Оти, таму нема многу што да се размислува. Каде ќе вози Ѓоле, зависи од свртничарот. Или од кочничарот.
5 Претседателот на СДСМ Бранко Црвенковски беше во битолското село Могила. И се пофали дека срдечно го пречекале во куќата на еден од најголемите ВМРОвци во селото.
Потоа се јави ВМРО-ДПМНЕ. И рекоа дека домаќинот на Бранко не бил ВМРОвец на Груевски. Туку бил ВМРОвец од партијата на Љубе.
Што ти е македонска демократија. Во оваа држава секој за секого знае за кого тајно гласа.
6 На функционерите треба да им се забрани да патуваат надвор од Македонија. Кај и да одат, што и да видат, с во Скопје сакаат да преселат.
Сега и министерот за правда Михајло Маневски се фали со проект за Кривичен суд со антички столбови. Оти секаде низ светот судовите биле такви.
Кога го прашаа колку ќе чини новиот суд, рече дека уште не знае.
Во истите вести беше објавено дека на неколку стотини метри од локацијата за Судот, во основното училиште “Рајко Жинзифов” 1.200 ученици користат само два тоалета.
Не е важно колку ќе чини новиот суд. Важно е дека ќе биде убав.
7 Имаше големи одрони на патот Маврово Дебар. Вчера имаше одрони и околу Велес и околу Штип.
Се надевам дека ова не е сигнал дека државата почнала да пропаѓа.
8. На барањето на СДСМ да се дозволи пушење во простории поголеми од 100 квадрати, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев рече дека тоа е исто како во голем базен на една страна да биде дозволено мокрење во водата, а на другата не.
Бучковски му рече на Ѓорчев дека е мочко. А тој прв пат конечно даде паметна и логична изјава.