1 Вчера некои медиуми излегоа со наслови “Уште една неуспешна средба на лидерите”.
Иако не би се погрешило да се стави и наслов: “Уште една средба на неуспешни лидери”.
2 Бранко пак се истакна со свежа идеја. Побара уставни измени, според кои нема да застаруваат кривичните дела поврзани со приватизацијата. Баш е типична Бранкова идеја. Демек, убаво ги зезнал.
Како не сфаќа дека неговите мангупски финти веќе не поминуваат. И дека сите се веќе заситени од неговите идеи. Најдобра идеја би му била конечно да му текне да си оди од партијата. И да ги остави децата од СДСМ да се тепаат со ВМРО-ДПМНЕ како што знаат и умеат. Досега веќе ќе пораснеа, па можеби и ќе скокнеа некој процент на рејтинглистите над вечниот шеф.
Всушност, идејата на Бранко можеби и не е само финта. Ако се вратат делата за приватизациите од неговото време, тогаш ќе се вратиме на почеток на транзицијата. Уште кога не знаевме до каде Бранко може да н однесе. Така што нему и не му е до приватизацијата. Него повеќе го интересира сопствената реинкарнација.
3 Патем, не треба само да не застаруваат делата поврзани со приватизациите. Треба да се донесат уставни измени да не застаруваат и делата поврзани со октоподот. Оти тогаш кога вети дека ќе го реши, не успеа. Па сега, реинкарниран, можеби ќе го расчисти и случајот ТАТ. Фали само уште министерот во тренерки, и Бранко може да се врати.
4 Рака на срце, ни на Груевски не му фалат свежи идеи. Само ме чуди дали нему му текнуваат или му ги кажуваат. Најнова идеја му е партискиот совет на градоначалниците. И јавниот отчет на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Ама не пред граѓаните туку пред него лично и пред партијата. Како градоначалниците да се избрани од Груевски, а не од граѓаните.
Бидејќи и ДУИ има некое слично тело на градоначалници кои не одговараат дури ни пред законот туку само пред партијата и лидерот, идниот пат не треба да има локални избори. Треба да имаме само едни општи избори. Па после градоначалниците да си ги поставува сам премиерот. И буџетот не мора да се проектира по општини, ставки и проекти. Ќе се подели по проценти. Која партија колку проценти добила, толку проценти и да си повлечи од буџетот. Па нека си ги делат парите внатре во партиите.
Едно од прашањата на премиерот на кои мораше да одговори градоначалникот на Скопје на партискиот отчет беше: До каде е тунелот?
До таму до кај што што с уште не може да се наѕре светлото на крајот
5 Премиерот ги собира само неговите градоначалници. А тие што не се негови, ќе ги собира полицијата. Бидејќи во МВР имаат скапи часовници, ќе знаат точно кога е дојдено времето за една таква акција за отчет пред Владата.
6 Осум наставници во основното училиште “Свети Климент Охридски” во Делчево се пожалија дека англиски јазик предавал домарот на училиштето. Директорот на училиштето на новинарите на “Алфа” ТВ им изјавил дека морал да го вработи домарот како наставник по англиски, оти во Заводот за вработување немало кадар што може да се вработи. А домарот бил квалификуван оти имал курс по англиски јазик и две години работел на брод.
Џабе му е на Груевски тоа што отвора факултети во сите градови и села. Подобро е тие што сакаат да учат да ги испраќа на брод. Впрочем, и не е важно дали имаш факултет. И онака за вработување во државна служба поважно е да си член на ВМРО-ДПМНЕ. Што значи дека си го фатил вистинскиот брод. Уште и ако ги ширел ВМРОвските идеи додека пловел низ светот, нема дилема дека домарот си го заслужил местото.
Во рамките на дисперзираните студии кои ги форсира Владата, наскоро во Делчево ќе се отвори Поморска академија. Оти во тамошниот крај се раѓаат талентирани морепловци. Глупаво е домарот што има партиска книшка и бил на брод да го унапредат само до наставник. Вистинска преродба во помалку од сто чекори е кога домарот од Делчево ќе стане адмиралот од Делчево.
7 По речиси четири години откако е министер за транспорт, Миле Јанакиески се зафати и со реформа на патарините. Од јуни инкасантите ќе мора да се капат, да носат униформи и да се бричат.
По сите оние апсења, процесот “Змиско око”, окапување по затвори и судови со месеци и спектакуларните најави за електронска наплата на патарините, од ова лето најголемата придобивка на автопатиштата ќе бидат избричените и избањати инкасатори. И наплатните кабини ќе ги викаме тушкабини.
И после патиштата сами ќе се прават, дупките сами ќе се крпат, одроните сами ќе се собираат, ѓубрето само ќе се чисти, оградите сами ќе си се менуваат, светлата по тунелите нема да прегоруваат, парите сами ќе се собираат, нема да се краде, прозорците на куќичките на инкасантите сами ќе се измијат, ценовниците сами ќе се истакнат, автоматите за кредитни картички сами ќе се инсталираат… Дури и кучињата ќе се воздржуваат од истрчување пред колите среде автопат.
8 Реформата на патарините е речиси исто толку клучна како реформата на судството. Само што, за разлика од министерот Миле Јанакиески кој ќе ги бричи инкасантите, министерот за правда Михајло Маневски нема да ги бричи судиите. Ќе ги чешла.