1 Си гледале Никола Груевски и жена му Боркица вести. И Боркица му вика: “Добро бе, Никола, што е ова со пасошите? Дај, јави и се на Гордана. Иде лето. Дајте им не луѓето да патуваат. А Никола и одговара: “Боркице, па ти си многу романтична. Сакаш сами да останеме? Ако им дадеме на сите пасоши, кого ќе казнуваме? Од што ќе живееме?”.
Ова е виц. Ама кога излезе ребалансот на буџетот, според кој МВР треба, по разни основи, да прибере 8,5 милиони евра повеќе од планираното, вицот и не е измислен без основа. Наместо предвидените 16,5 милиони евра, според ребалансот, МВР ќе треба да прибере 25 милиони евра.
Така што во романтичната приказна на Никола Груевски, покрај неговата Боркица, сериозна улога имаат и двете дами од Владата. Министерката за култура Бети Камчева Милевска, како најголем градежник да троши, а министерката Гордана Јанкуловска, како инкасант да собира пари.
Ги гледате коњите на Плоштадот. Колкави се. Толкави коњи мора со нешто да се хранат.
2 Роденденскиот митинг на ВМРОДПМНЕ повторно помина во знакот на името и во знакот на непријателите на Македонија и непријателите на оваа влада.
Го гледав премиерот како се жалеше на роденденска забава, и си помислив: Што би раскажувал Груевски на роденденски митинг, кога не би ја имале Грција за сосед? Што ние, обичните граѓани во Македонија, кои уште утре сме спремни да влеземе во НАТО и сме ги исполниле сите критериуми за почеток на преговорите со ЕУ, би очекувале да ни каже премиерот во едно пригодно роденденско обраќање.
На пример, јас би сакал да знам:
Зошто немаме нови патишта, а и тие што ги имаме се комплетно уништени?
Зошто немаме ниту километар нова пруга, зошто немаме нови возови и локомотиви?
Зошто аеродромите личат на последната провинциска автобуска станица во Европа?
Зошто не им верувам на судиите, на нотарите и на извршителите?
Зошто во болниците се умира од слепо црево, сепса и од интерклиничка бактерија?
Зошто тоалетите во училиштата се легло на зараза, а наставниците се претворени во мивки пред разгалените ученици?
Зошто во Македонија е невозможно да живееш како инвалид?
Зошто законите важат за едни, а не важат за други?
Зошто тоа што е дозволено во Арачиново, не е дозволено во Делчево?
Зошто е ризик кога одиш во банка на шалтер за да платиш сметки, кога десетина кражби на банки се уште не се расчистени?
Зошто цели градови немаат чиста вода за пиење?
Зошто бебињата проодуваат пред да добијат нивните мајки пари од боледување?
Зошто доцнат социјалната помош и стипендиите?
Зошто нема ниту една од најавените странски инвестиции, а богами ни оној Веле Самак го нема.
Изгледа дека оној Ташковиќ, за кого мислевме дека е наивен, сепак бил паметен. Не требаше два пати да му кажат да си оди од Македонија.
Ова се логични прашања до премиер кој веќе четири години е на власт. Тоа е еден нормален мандат за нормална држава.
Само со кого ќе го смениме Груевски? Со Бранко? Овие да не победат, а другите да не се вратат.
3 Гледав еден прилог на Алфа ТВ како се подготвува Брзата помош во Охрид за летната сезона. Докторот рече дека се подготвени, иако “имаме лош возен парк и недостиг на персонал”.
Да не има случајно по министерствата лош возен парк? А за недостиг на кадар да не правиме муабет. Немаат столчиња каде да седат административците.
По оваа изјава од Охрид, следи и продолжение на туристичкиот спот за Македонија вечна. Нема да кажат “дојдете да умрете кај нас”, оти тоа ни е во традицијата уште од песните на Миладинов “С’нце да зајдвит, ја да умирам”. Туку, по она Македонија вечна, ќе оди препорака со ѕвездичка и со ситни букви: “Дојдете со убава кола и со основни познавања од медицината”.
4 Во скопската населба Маџари крава падна во шахта. И умре, сиромашката. Среќа што во државава немаме нилски коњи, слонови, жирафи… Толкави се дупките низ метрополата, сигурно ќе ги собереше.
Во главниот град во шахти паѓаат крави. А во селата кравите ги продадоа и ги заклаа. Што ќе им се? Владата им отвори Интернет киосци. Селаните ќе можат да гледаат како ќе изгледа на клипче центарот на Скопје 2014. И на Фејсбук ќе играат Фарма.
5 Одвај чекам градоначалникот на Скопје Коце Трајановски да ја отвори плажата Кака Кабана на брегот на Вардар. Вардар се влева во Егејско Море. Така што кога ќе лежиме на плажата, ќе имаме чувство дека имаме излез на море.
За инает на новинските агенции што не нарекуваа “поор ландлоцкед цоунтрѕ”. Така што со Грците нема да се караме за излез на море како Хрватите со Словенците.