КОЊИ НА ПОИЛО

a:1:{s:11:"td_subtitle";s:59:"Одплажаправовобарокнагаража

    1 Понекогаш самиот си се чудам на паметот. Вчера за насловната страница на “Вест” пуштив некој спектакуларен базен на 55от кат на нов хотел во Сингапур. Базенот е така направен што ти се чини дека водата се прелева преку рабовите на покривот, а капачите ќе паднат сосе неа. Си реков, штом светските агенции и најголемите весници виделе атрактивна вест во тоа, зошто тоа да не биде и “Вест”.
    Арно ама, во ист ден, ударна вест во нашата Македонија беше дека во центарот на Скопје ќе се гради катна гаража во барокен стил. Во рамките на проектот “Скопје 2014” им текнало и катната гаража да ја направат таква што ќе одговара на историскиот контекст со другите згради што се градат околу Плоштадот. Си велам, ај театарот барем постоел некогаш. И луѓето оделе на театар, се играле претстави… И Офицерскиот дом од времето на српската окупација сосема го урнале по земјотресот. И таму луѓето оделе на игранки, ете има некакви запишани сеќавања. Ама, катна гаража во барокен стил? Кој во тоа време си ја паркирал коњската запрега на третиот кат? Така ли го решавале проблемот со паркирањето? Немало зонско паркирање, па јавале со пајтони угоре удолу барајќи место на вториот, или третиот кат. Паркирај го коњот, дај му да апне сено и пушти се во шопинг, или на премиера.
    А јас будала се воодушевив од базенот на 55от кат во Сингапур. И од тропската градина што ја изградиле на елипса која стои врз три облакодери.
    Во Скопје базените, тие неколку што ги имаме повеќе време не работат отколку што работат, сигурно мнозинството население не знае да плива, ама затоа пак знаат што е модерен барок. Од кал да е, ама барок да е. Па макар тоа било и катна гаража во историски контекст. Да лични на ан, ама да не биде Куршумли ан. Божем коњите веќе нема да се носат на поило на плажата на Вардар, туку ќе ги паркираат во јаслите скриени од сонцето во катната гаража.

    2 Патем, ај да не правиме празен муабет. Оти, веќе 12 години се зборува за катни гаражи во Скопје, ама ние уште не сме виделе ниту една во којашто може нормално да се паркира. Тоа светско барокно чудо гарант пак ќе се пренамени во некоја деловна зграда. Што после ќе се рекламира како луксузен простор со текстот: “Катна гаража во центарот на Скопје. Нудиме и можност за паркирање”.

    3 Дури и да осамне деловен простор со можност за паркирање, се прашувам кој бизнис таму ќе се врти? Можеби во гаражата ќе се сместат дирекциите на сите оние фабрики што чекаат да бидат изградени на подготвените индустриски зони ширум Македонија? Или, ако нема заинтересирани во нив ќе мора да се преселат седиштата на градежните фирми на кои Владата им должи пари?
    Дваесет години бизнисот во Македонија се врти во маѓепсан круг. Прво бизнисмените ќе пуштат орелски нокти за да се изгребат за бизнис од државата. Оти Владата е најсигурен и најголем клиент. Потоа Владата нема навреме да им ги префрла парите. А нема навреме да им го враќа и ДДВто. Плус дополнително ќе ги казнува ако доцнат со работата и со уплатата на даноците и придонесите на платите. Но бизнисмените ќе молчат и ќе се плашат да се пожалат оти ќе ја изгубат работата. И после ќе се смени власта. Па бизнисмените што работеле со претходната Влада ќе останат без работа. Оти ќе дојде време на тие што се блиски до новата партија на власт. И така едно 20 години. Качи се, симни се, качи се, симни се, кај и да е, некој ден ќе стасаме и до ЕУ.
    И што ќе им понудиме? Уникатен бизнис. Празни трговски центри.

    4 Дојде генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен. И ни порача дека на Македонија и се потребни храбри одлуки.
    Да господине Расмусен. Уште ли храброст барате од нас? Најхрабрата одлука веќе ја донесовме. Пративме војници во Ирак и Авганистан за да се борат за вас. Во војна којашто баш не изгледа дека ја добивате. Похрабри нека бидат Грците.
    Ама не може. Оти тие се внатре, а ние сме надвор. Ние не сме доволно храбри за ЕУ и НАТО. Ја истрошивме храброста во Ирак и Авганистан.

    5 Бранко Црвенковски му порача на премиерот: “Господине Груевски, или владејте, или одете си. А владеење значи решавање на проблемите на овој народ и оваа држава. Владеење значи да ја преземете одговорноста за сопствените неуспеси, а не постојано да барате дежурни виновници”. Тоа го рече Бранко, политичарот познат по решавање на проблемите на овој народ и оваа држава и познат по преземање на одговорноста за неуспесите без да бара дежурни виновници. Од типот на Бучко, Рада, Тито и ред други од долгиот список дежурни виновници.
    Ама и студентот Влатко Ѓорчев, да не биде мрзлив, отвори ново поглавје во неговите стручни експертизи насловено како: “Тајните преговори на Црвенковски со Грција”. Побара да се открие што тајно преговарал лидерот на опозицијата и тоа во тесен круг.
    Оти преговорите што ги води неговиот лидер Груевски се јавни. И сигурно се во многу широк круг. Гарант и Лилјана Поповска и Павле Трајанов и Амди Бајрам се вклучени во преговорите.

    Се согласувам со политиката на приватност
    Внесете валидна е-маил адреса
    Емаил адресата е веќе регистрирана!
    The security code entered was incorrect
    Линкот за потврда на регистрацијата е испратен на Вашата е-маил адреса...

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира