Драги мои,
Многу ви благодарам што деновиве испративте стотици честитки за јубилејот на “Вест”. Малку ве зафркнавме:) Затоа што нашиот роденден е на 5 јули, в понеделник, а ние славевме на 30 јуни. Зошто? Затоа што во средата немаше ниту еден фудбалски натпревар на Светското првенство во Јужна Африка. А ние знаеме дека колку и да сме популарни, не можеме да му конкурираме на Мундијалот.
Пред десет години се собравме триесетина млади новинари со слободен дух и со идеја да направиме весник каков што сакаме да читаме. И десет години инсистираме “Вест” да биде медиум кој мисли со своја глава.
За жал, во Македонија постои некакво глупаво убедување дека мора или да си за едните или да си против другите. А тоа убедување останува и со секоја промена на власта, еве веќе 20 години.
Не е лесно да останеш слободен дневен весник, каков што се зарековме дека ќе правиме пред 10 години. Но не ни очекувавме да биде лесно. Дури ми се чини дека денеска тоа инсистирање да мора да си за едните, а против другите е уште поизразено отколку кога почнавме. Затоа е и уште потешко да се опстои на нашиот слоган “Читај и мисли слободно”. Но ние знаеме што сакаме. И не ги спуштаме критериумите. Професионалноста и квалитетот секогаш излегуваат на виделина, иако во одредени моменти можеби ви се чини дека тоа е бескорисно. Не е така, и затоа екипата која го прави “Вест”, за ниту една цена нема да го компромитира тоа што сме го постигнале досега. Напротив. Ќе работиме напорно да го прошириме просторот за слободно мислење.
Ние ќе ви дадеме информација. Нема да ве лажеме. Ќе ви кажеме така како што е. А вие заземете став.
Затоа, драги мои, да сте ми живи и здрави, и читајте и мислете слободно.
“Вест” е со вас заедно да ја ослободиме мислата.
1 Уставниот суд го укина Деталниот урбанистички план за Малиот ринг во Скопје. Судот проценил дека планот бил донесен по скратена постапка, наместо по редовна, биле избегнати повеќе чекори во процедурата, а немало потреба од тоа. Но министерката за култура Елизабета Канческа Милевска рече дека Триумфалната порта од проектот “Скопје 2014” ќе се гради бидејќи одобрението за градба било дадено пред одлуката на Уставниот суд. И премиерот Никола Груевски потврди дека сите планирани објекти ќе се градат бидејќи имаат градежна дозвола.
Премиере Груевски, никој не ги спори градбите. Спорна е процедурата. И наместо да кажете дека ќе ја испочитувате одлуката на Уставниот суд и процедурата, вие уште ќе терате инает со државна институција. Оти ова што сега го правите е нелегално, а имате власт и доволно мнозинство за да го направите легално.
Ние и не очекуваме дека ќе ги урнете градбите од “Скопје 2014”. Ние само очекуваме да работите по план кој ќе биде донесен по легална процедура И продолжете да си градите.
Во исто време, Уставниот суд поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на правилниците на Судскиот совет, врз чија основа беа сменети апелационите судии Виолета Дума и Владо Џилвиџиев.
Претседателот на Судскиот совет Васил Грчев рече дека нема обврска да му одговара на Уставниот суд. Еееј, тоа го изјавува претседател на телото што избира и разрешува судии. Какви институции, каква правна сигурност, каква правдина ни гарантира нам оваа држава, кога претседателот на Судскиот совет го игнорира Уставниот суд? И тоа судски совет кој смени судии по барање на министерот за правда.
Тоа што оваа власт смета дека Уставниот суд е комуњарски, не и дава за право да ја крши процедурата. Напротив, ако овие демократи се подобри од тој комуњарски суд, тогаш ќе мора да инсистираат на почитување на процедурата и на институциите на државата. Само така ќе го победат судот.
Ако не, ајде да направиме два уставни суда. Или три, четири… Ние сме повеќепартиска демократија. Секоја партија да си има свој суд.
Не ме интересира идеологијата, не сум ни од вашите ни од нашите. Единствено сакам да живеам во држава во која ќе се чувствувам сигурно. Оти секое кршење на процедурите и непочитување на институциите, ја урива државата. А за уривање на државата ниедна партија не добила мандат ниту од сопствените гласачи.
Вие имајте си ги своите партии. Ама сите ние ја губиме сигурноста. Оти на сите, па и вам утре ќе ви треба институција за да ве заштити.
2 Во индустриската зона Бунарџик 2 конечно ќе никне првата инвестиција. Ќе се гради музеј на ветените инвестиции.
3 Министерот за здравство Бујар Османи се врати од Кина. Таму потпишал меморандум за соработка во областа на традиционалната медицина. Ќе не лекува со тревки.
Какво што ни е здравството во Македонија, очекувам следниот пат министерот да замине во Африка. И таму да потпише меморандум за соработка. Покрај со тревки, да не лекуваат и со врачеви.