1 Ќе се воведува втора фаза на едношалтерскиот систем. Од август фирмите ќе се регистрираат по електронски пат, со електронски потпис и без физичко присуство на основачите. Странските фирми ќе може да се регистрираат од било која земја во светот без да мора специјално за тоа да дојдат во Македонија.
Значи, се ќе се знае. Само нема да се знае која фирма ќе добие на државен тендер. Или, на јавен оглас. Затоа што тие фирми што добиваат не ни мораат да бидатт регистрирани во централниот регистар.
Исто како што градот Скопје им додели бесплатен простор на четири кафенаџии да работат со Градската плажа покрај Вардар. А градоначалникот Коце Трајановски не гледа ништо спорно во тоа оти тие доставиле договор за здружување, а дополнително им било побарано да донесат докумет дека имаат фирма. И сосема случајно, без да знаат дека ќе победат на огласот и дале име на фирмата “Градска плажа 1”.
Така е тоа во Македонија. Полесно се добива на јавен оглас отколку што се регистрира фирма. Особено ако си добар со касиерот.
Случајов е супер доказ во процесите за сите оние домашни и странски фирми што ја тужат државата оти се исфрлени од конкуренција или им се поништени скапи тендери поради “нецелосна документација”
Така што по втората фаза на едношалтерскиот систем со кој се фали власта, веднаш нека воведат и трета. Не мора да се регистрира фирма ако не си сигурен дека ќе добиеш работа на јавен оглас. Да не правиш трошоци за регистрација ако касиерот не ти гарантира дека ќе победиш на тендерот.
2 Затоа нека не туку пишува Мартин Протоѓер отворени писма против Бранко. И нека не му одговараат од СДСМ со контра писма. Глумат судир на идеологии, а всушност најважен им е личниот бизнис. И тоа на наша сметка. Оној најсуров бизнис што нема врска со државата. Јас на тебе, ти на мене.
А ние пак будалите се прашувавме зошто баш сега пак ескалираше војната меѓу ВМРОДПМНЕ и СДСМ. Нема причина. Секојпат ќе се најде причина кога едниот треба да сокрие дека не испорачал тоа што ветил. А другиот кога сака да сокрие дека нема што да понуди.
Така било 20 години. Така е и сега. Ентузијазмот ги држи првите петшест месеци откако ќе дојдат на власт па после почнуваат со она “И другите правеа така”. Ние сме заложници на две банди. Кои не може да се согласат да направат нешто паметно за државата. Ама кога им треба кавга веднаш ќе се согласат.
Зарем не гледате колку е празна и безмислена нивната тепачка? Видете ни го секојдневниот живот. Нема нови патишта, нема нови пруги, нема лекови, нема бензин за полициските коли, нема керозин за воените хеликоптери, цели градови се душат од диви депонии, цели градови немаат здрава вода за пиење во лето.. Свртете се околу себе и продолжете го списокот. Ќе сфатите колку нивната кавга нема врска со секојдневниот живот.
Некој општински службеник што сме го избрале и сите го плаќаме се ујдисал со кафеанџии за да си ги гледаат само нивните лични интереси. И да извлечат лична корист. Градската плажа во Скопје е само последен пример и слика за тоа како функционира Македонија. Во сите области. Не само во кафеанскиот бизнис.
3 Нам сега ни треба партија што ќе го штити интересот на граѓаните. Некој што ќе им ги врати тротоарите на пешаците и парковите на децата. Некој што ќе го врати заедничкиот узурпиран простор, некој што ќе измери бучавоста, што ќе ја казни урбаната мафија, ќе ни даде содветна услуга за тоа што го издвојуваме како данок и во здравството и во судството и во јавната администрација.
Само што кај нас едноставно не може да се појави таква партија. Оти во истиот момент и едната и другата банда ќе се здружат за сложно да ја исплукаат.
4 Затоа ми е баш сеедно и тоа што Бранко бара предвремени избори. Како мисли да ги добие? Што има тој ново да понуди освен да го сожалуваме? Мисли дека е доволно тоа што им се извинил и на стечајците и на пензионерите, па ќе го гласаме пак без програма, без нова идеја, без рокови, без ветувања дека ќе прекине со партиските вработувања и партиските бизниси?
Не сакам веќе да ми збори против проектите на Груевски. Сакам да ми збори за неговите проекти. Оти ги гледаме проектите на ВМРОДПМНЕ. Знаеме и што направиле и што не направиле. И тоа се гледа. Ама понудата на Бранко е невидлива.
Но уште поинтересно прашање е што ако Бранко изгуби на изборите на кои толку многу инсистира? Дали тогаш ќе си замине конечно? Или ќе смисли нови извинувања. Оти, не дај боже, како ние ќе живееме без него.
Затоа многу сакам да победи Бранко. За после да се врати Грујо. И така неколку пати ќе ги менуваме истите касиери. Додека еден убав ден не не примат во ЕУ.
5 Рејтингот на Бранко и со митинг и без митинг е стабилен под 10 отсто. Ама овие од ВМРОДПМНЕ му веруваат повеќе отколку што му верува народот. Па го сфаќаат многу сериозно. Им се закани дека ќе ги апси и министерот за правда Михајло Маневски отвори нова фурна за леб во Идризово. Си прават подобри услови за живот. За секој случај.
6 Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска беше во посета на единицата за обезбедување. Да ги окуражи полицајците малтретирани од пратениците на СДСМ. А кога човек од обезбедувањето на висок функционер прегази велосипедист на Партизанска во Скопје, беше ли министерката да го посети семејството? Не беше. Затоа што пратеничките Цветанка Иванова и Весна Бендевска што го влечеа полицаецот во Собранието се опасни за уставниот поредок. А полицајци што се над законот не се.
Спикерот Трајко Вељановски не даде да биде прашан дали тој дозволил полицијата да снима во Парламентот. Затоа е во многу деликатна ситуација. Ако претседателот дал дозвола за тајно снимање зошто не им кажал на потпретседателите. Ако не дал дозвола уште полошо.Тогаш полицијата ја контролира законодавната власт. Министерката за внатрешни работи дели материјали и држи прес конференции во Собрание против пратениците што ја избираат.
Е и тоа е македонска демократија. И тоа парламентарна. Во која министерката за внатрешни работи е посилна од вториот човек во државата.