1 Прашање: “Постојат ли добри причини за станување наркоман или алкохоличар?”
Одговор: “Па ако веќе можеш да избираш подобро е да станеш алкохоличар, оти центрите за зависници од дрога се катастрофа, а алкохолизмот ќе си го лекуваш со малтретирање на блиските”.
Одговорот е зафрканција. Ама прашањето не е. Оти и тоа е дел од славниот учебник по општество за петто одделение за кој министерот за образование Никола Тодоров се мислеше дали да го повлече цел или само една страница.
Имавме среќа што на една страница се појави името на водителката Нора Шаќири. Да не беше таа, можеби никој немаше да види какви се смешки има во учебникот, па нашите основци ќе мораа да учат по него. И откако ќе завршеа петто одделение не ќе им останеше ништо друго, туку соочувајќи се со општеството во кое живеат да избираат дали повеќе им се исплати да пијат, или да се дрогираат?
И добро е што промоцијата на учебникот се случи додека министрите и пратениците одмораа. Затоа што во нашето општество секогаш мора да има некој дежурен за правење глупости. Се препечатува, се вадат белешки на Интернет, се коментира…
Учебникот веќе сериозно по популарност и конкурира на Македонската енциклопедија на МАНУ.
2 Во него има дефиниција за девијација. И вели: “Девијација значи отстапување од некои морални и вообичаени вредности”.
Кои се тие вообичаени вредности? Дали е вообичаено, на пример, учебник подготвен од четири наставници, прочитан од тројца рецензенти и одобрен од Национална комисија за учебници да биде отпечатен, промовиран од министерот за образование и да ја немаше Нора Шаќири ќе стигнеше до учениците.
И после ќе се чудиме кога на реклами за избор на мис се нудат стипендии за факултет. Во други општества се стипендираат талентирани. Кај нас убави.
Па ќе ги слушам кога се жалат какво новинарство сме имале. Какво? Исто такво какво што ни е школството, какви што ни се бизнисмените, какво што ни е здравството, каква што ни е јавната администрација, какви што ни се пратениците и министрите, какви што ни се судовите, какви што ни се убавиците и пејачките…
Море какво ни е општеството, учебникот дури е и супер.
3 Еве уште една интересна белешка од учебникот за општество. Авторите им кажуваат на учениците што се странци и велат:
“Странци престојуваат од најразлични причини, за работа во дипломатски претставништва, во амбасади, доаѓаат да инвестираат, да се занимаваат со спорт или од други приватни причини”. Подолу, како илустрација за странци се ставени сликите на министерот без ресор Веле Самак и американскиот амбасадор Филип Рикер со легенда: “На сликите имаме двајца истакнати личности од македонската јавност”.
Добро што му ставиле слика на министерот Самак, оти заборавивме како изгледа. Сигурно е многу зафатен, цело време е на аеродром и ги пречекува другите странци што доаѓаат да инвестираат. А тоа дека американскиот амбасадор е “истакната личност од македонската јавност” е задоцнета вест за ученик од петто одделение. Тоа во Македонија го научуваат децата уште како бебиња. Само зошто ли ја нема и сликата на Ерван Фуере? Зар тој исто така не е истакната личност од македонската јавност? Или Владата баш не го сака, па наставничките не сакале да си ја земаат бељата врз глава и да не им го одобрат учебникот.
Има многу интересни работи за кои треба да учат нашите деца. На пример, ќе дознаеја дека девијантно однесување се болести, зависности и самоубиства. Или пак дека “секој човек припаѓа на една етничка заедница која формирала своја држава и која ја нарекува татковина”. Другите немаат татковина. Научив и дека “грчката граѓанска војна” по ново ја превеле во “грчка државјанска војна”…
Ама најмногу ми остави впечаток дефиницијата за религија. Вели: “Религија е верување што се обидува да му даде смисла на она што е тешко да се разбере, како на пример: Зошто сме тука?”.
Навистина зошто сме тука? Што ли сме му згрешиле на Господ, па не оставил тука да живееме?
4 Оние од СДСМ каде се? Ги читаат ли тие и другите учебници, ако не за друго барем за да ја ловат власта на глупости. Или не се заморуваат на лето. На одмор се.
Додуша, тие се на одмор веќе четири години. А и се плашат да отворат уста. Оти наставничките што сега го пишувале учебникот, учеле по нивните учебници.
5 Според истражувањето на американскиот магазин “Њузвик”, Македонија ја нема на списокот меѓу првите 100 земји на светот кои се погодно место за живеење.
Од земјите во регионот на 24то место е Словенија, на 26то Грција, Хрватска е на 28мо место, Бугарија е на 38мо, а Албанија на 57мо место. Можеби воопшто не не ни рангирале. Оти не не сметаат за држава.
Во минатиот број напишав дека ако не треба да одиш на лекар, да вадиш пасош, да имаш работа со Катастар и ако не треба да бараш правдина на суд, во Македонија е убаво да се живее. Оти има убава природа.
Само што земја со вакво општество ни природа не ја спасува.
5 Премиерот Никола Груевски се загрижил оти го критикуват за фрлањето лопати. Од септември ќе смени тактика. Ќе почне да крева мотики.