1 “Од досега извршените проверки, полицискиот службеник кој почина во вчерашната престрелка нема криминално досие и претходно не е осудуван”, рече вчера министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, на новинарско прашање како полициски службеник се нашол во друштво на двајца криминалци.
Се слуша ли министерката Јанкулоска што зборува, кога го објаснува завчерашното спектакуларно тројно убиство во еден скопски ресторан? Зошто министерката за полиција мисли дека дека за да станеш полицаец, треба да имаш криминално досие? Ако има такви во МВР, нека ги отпушти. Или, ако не смее да ги отпушти, тогаш барем нека ни даде список да ги знаеме кои се. Кога ќе ги видиме на улица, да бегаме од нив.
По Рамковниот договор знаев дека во полиција може да се најде се и сешто. Ама не знаев дека кандидатите за полицајци можат да имаат и криминално досие.
2 Како што вчера на министерката и се испушти така и една наша колешка, по убиството на српскиот турист во Охрид, го постави ова прашање: “Докторе, што мислите дали можеше да се анимира сега веќе починатиот?”.
Колку да се прашало нешто. Е како да се анимира? Со згодна медицинска сестра во бикини? Досега мислев дека докторите можат да реанимираат. Ама дека знаат и да анимираат мртви, тоа признавам, не ми беше познато до пред некој ден.
А за да бидат вестите уште побесмислени, на една локална телевизија во Охрид веднаш по прилогот за убиениот српски турист втората вест гласеше: “Галичица мирува. Ова лето нема пожари”.
Вести се. Мора да траат.
Впрочем, и за изјавата на министерката и за новинарскиот прилог важи исто. Не е важно што зборуваме. Важно се разбираме што сакаме да кажеме.
3 Бранко продолжува по старо. Традиционално, ќе даде изјава што може да предизвика многу реакции и ќе избега во странство. Ќе прдне во лифт и ќе си излезе. Тие што ќе останат да се возат, ќе се душат во неговата смрдеа.
Рече оти тој што тврди дека во 1995 година му нуделе да ја внесе Македонија во НАТО и да почне преговори со ЕУ мора да е “или ноторен лажго, или тотален идиот”. И ден потоа замина за Црна Гора. А медиумите, бидејќи немаат попаметна работа туку да го анализираат Бранко, претпоставуваа кој е идиотот, а кој е лажгото.
Бранко не кажа нешто што не сме го знаеле досега. Ноторни лажговци се политичарите. А тотални идиоти сме ние, што воопшто ги есапиме. Па уште и гласаме за нив и се караме меѓу себе. Па и уживаме во тоа.
Колку сме ние, всушност, за жалење. Дваесет години не научивме како да најдеме чист воздух, а нив да ги оставивме самите да си се задушуваат во својата смрдеа.
4 СДСМ завчера држеше пресконференција за да докаже оти “тврдењето дека ВМРОДПМНЕ е чесна партија е мит затоа што многу нејзини функционери биле милионери”. Неколку дена пред тоа, ВМРОДПМНЕ држеше прес со сликите на сите “мерцедеси” на Зоран Заев.
Што им е на овие луѓе? Си ја имаат мувата на капата, па решиле да си ја ишкаат? Сакаат да ни кажат дека сите имаме право да се сомневаме во богатството на политичарите. Или самите ни ја откриваат нивната потсвест дека станале политичари не за да направат општо добро, туку за лично да се збогатат.
Дај боже сите ВМРОвци да се богати. Дај боже и сите СДСМовци да се богати. И на сите граѓани им посакувам многу да се збогатат и да станат милионери. Оти тогаш од сето наше богатство ќе остане нешто и за јавно добро.
Не е срамота да си богат. Срамота е ако си крадел за да се збогатиш. А додека и едните и другите не докажат дека некој крадел, нека не држат глупави пресконференции за замајување на народот.
Башка, се слушаат ли и тие што зборуваат? И едните и другите дрдорат против богати, а градат капитализам. Едните се демек конзервативци кои, по дефиниција, го штитат интересот на крупниот капитал, а другите се социјалдемократи на кои им требаат многу богати за да прераспределат дел од нивното богатство и на сиромашните. Учеле ли политичка економија? Учеле ли воопшто нешто?
Кој странски инвеститор ќе дојде во земја во која водечките политички партии мислат дека ако си богат значи дека си крадел? Ако не знаеле, инвестититорите обично се богати. Освен ако не се некои што доаѓаат да не доискрадат и да се збогатат од нас. Како “Свидмилк”, на пример.
.
5 Ја читав забелешката на колегите од “Фокус” дека лавовите поставени пред мостот Гоце Делчев немале мадиња. Нешто се мајтапат поради тоа. Не било соодветно на симболиката на македонскиот национален идентитет.
Е како не е. Баш е соодветно. Слушнете наоколу. Во соседните земји секогаш кога треба да се направи нешто крупно, или кога си пред некој предизвик, викаат “Треба да имаш муда”. Само ние Македонците за храброст или предизвик викаме “Треба да имаш газ”. Или кога се збори за постигнување успех во некоја работа викаме “Треба да стиснеш газ”. Обично нели велиме: “Немаш ти газ за таа работа”. Скоро никогаш не викаме: “Немаш ти мадиња за тоа да го направиш”.
Не знам дали оваа изрека влече корени од пусто турско со приказната со кубурот. Или корените се многу подлабоки. Па одат дури до Александар и до Оливер Стоун.
Така што не е важно што лавовите немаат мадиња. За да се отсликаат македонскиот национален идентитет, дух и традиција, важно е дека имаат големи газови.