1 Дивиот шанк во Струга што отепа тројца стружани е само уште еден од низата трагични примери кои докажуваат дека Македонија е дива држава.
Кога државата не би била дива, сигурно не би можело седум години во центарот на градот, на најпосетената плажа некој да си краде струја и вода и да наплаќа пијачки од гостите. И кога ќе загинат тројца од струен удар никој не смее да праша за одговорност, оти сите знаат кој е виновен, ама поарно е да си премолчат.
Кога државата не би била дива, на теренот би се појавиле и санитарна и градежна и пазарна и даночна инспекција во моментот кога ќе се закова првата летва за да се крене шанк. Како што инспекторите се појавуваат на плажите и шанковите што не се диви и на кои министерот Јанакиески им нареди за да добијат концесии да носат песок од сливот на Вардар во Егејско Море, да имаат Интернет и спасувач и да и плаќаат на државата.
И кога медиумите ќе побараат некаква одговорност, Секторот за односи со јавноста на Владата се огласува со вакво соопштение демант: “Ги демантираме наводите за некаква наводна скандалозност за наводно непостапување на државните инспекциски органи и наводна одговорност за непломбирање на дивиот шанк”. Па објаснуваат дека Државниот пазарен инспекторат извршил надзор на 7 август 2010 година, утврдил неуредна регистрација на шанкот како деловен субјект (значи не постои) и повел постапка пред надлежниот суд во Струга.
Вчера дури и министерот за економија Фатмир Бесими појасни зошто дивиот шанк не бил затворен. “На објектот нема врата, па немаше начин како да се пломбира”, изјави тој.
Значи државата функционира. И ги презела сите мерки за да загинат само тројца граѓани.
2 И во оваа наводна држава ќе одиш да бараш правда во некој наводно независен суд. Оти судијата нема да може да одреди наводна одговорност затоа што наводно никој не знае чиј е објектот и наводно не се знае чија е одговорноста што работел наводно незаконски.
Зошто?
Затоа што не е одговорна општината што давала одобренија за урбана опрема.
Не е одговорно Министерството за транспорт што дава концесии за шанкови покрај езерото.
Не е одговорно Министерството за економија оти нивните инспектори немаат врата за да стават пломба.
Не е одговорно Министерството за финансии оти инспекторите не барале фискални сметки затоа што објектот не постоел, па немало ни каса.
Од истата причина не е одговорно ни Министерството за здравство оти нема адреса каде да ги пушти санитарните инспектори да бараат Хасап стандарди.
Евентуално одговорност може да се бара од ЕВН. Оти пуштиле струја на бандерите.
Бидејќи државата нема одговорност, нема ни проблем. Одговорни се тројцата другари што отишле да играат карти во сабота на плажа. А проблем имаат нивните семејства што останаа без нив.
3 Лани во бродска несреќа се исподавија петнаесет бугарски туристи и никој не беше повикан на одговорност. Пратеничка на владејачката ВМРОДПМНЕ, и тоа на видна позиција во партијата, го изгуби мажот во сомнителни околности при рутинска интервенција во болница, па дури и таа не може во погон да ја стави државата за да пронајде чија е одговорноста. А ние се што имаме да кажеме по ваков трагичен случај е: “Среќа што биле само тројца”. Грозно. Само нивните си знаат како им е.
А секој од нас ќе моли Бога нему да не му се случи такво нешто. Оти држава немаме. Оставени сме сами на себе.
4 Имам еден предлог. Кај што шанкот стоел таму незабележан од никого седум години, нека остане и в година. Само да се преуреди во рибен ресторан. Не мора да ги фаќаат рибите. Самите настрадале од несреќен случај. Уште во вода се спржени. Единствено што треба на гостите да им даваат мрежи со гумена дршка самите да си ги избираат рибите.
Сега ми е јасно и како настанала електричната јагула. Одејќи од Струга кон Саргаското Море пред да замине за Дрим поминала покрај пливалиштето.
5 Претседателот Ѓорге Иванов не реагираше на првиот академски ден во салата “Борис Трајковски” кога обезбедувањето на објектот ги отстрани студентите од организацијата “Слободен индекс” оти носеле транспаренти со прашање каде одат студентските пари.
Ај што Претседателот, кој е и професор на Правниот факултет, не реагирал на местото на настанот да го спречи протерувањето на студентите, може да се правда дека не го забележал инцидентот, или се збунил.
Ама другиот ден кога видел што скандал избил, се правдаше дека не било неговото обезбедување. И наместо како Претседател да бара да се расчисти одговорноста, а како професор да се солидаризира со студентите, тој се караше со медиумите.
Е што ти е една година живеење на Водно. Прекратко да научиш да реагираш со рефлекс на Претседател, а доволно долго да ги заборавиш рефлексите на професор.