1. Кого каде што го јаде, таму си се чеша. Така, главната вест по признавањето меѓу СР Југославија и Македонија во Белград беше насловена како: “Македонија ѝ го призна континуитетот на СРЈ”. Во Скопје поентата беше ставена на “Југославија ја призна Македонија под уставното име”.
Имав чест да присуствувам на историскиот настан во понеделникот и доколку ме водеше срцето, а не некои новинарски правила, главната вест ќе ја пронајдев во – знамињата. Тоа се оние мали знамиња што се ставаат од двете страни на предниот дел од автомобилот во кој се возат големи ѕвезди. Кога министерот Љубомир Фрчковски го провозија во таков автомобил, обезбеден од полициско возило и придружен со уште седум-осум црни автомобили во свечена колона, од белградскиот аеродром Сурчин до зградата на сојузната влада на Југославија во Нов Белград, ми стана јасно што всушност се случува. Дури и од перспектива на застареното црвено комби, марка “Застава”, на опашката на свечената колона, во кое беа македонските известувачи, проработува извесно недефинирано чувство на гордост, измешано со балкански инает. Колку и да се знаменцата дел од протоколот, мене ми се чинеа многу повеќе. Развејувањето на македонското знаменце пред погледите на случајните минувачи низ Нов Белград ми дојде како еден убав, здрав инаетчиски одговор на сите приказни за Јужна Србија, за српските ослободители, за Милошевиќевите планови за конфедерација со Грција, за омаловажувачките сигнали дека Македонија не може да опстане како независна држава ако не влезе во скратената Југославија, за разни букурешки и којзнае какви мировни договори, за српските гробишта и српските цркви. И тоа одговорот дојде директно во Белград.
2. Немаше никаква теорија Македонија да не ѝ го признае континуитетот на новата СР Југославија со старата СФРЈ. Доколку министерот Љубомир Фрчковски направеше забелешка по тоа прашање, можеше да остане гладен.
Имено, во Палатата на федерацијата во Нов Белград, што од тоа време ние уште ја познаваме како зграда на СИС, приборот за јадење сé уште е во знакот на стариот грб на Југославија. Владата на нова Југославија очигледно внимава на континуитетот со СФРЈ штом сé уште не ги замениле чиниите и есцајгот на кои е изгравиран грбот на старата федерација. Така што, кога ќе седнеш да јадеш, мораш да се соочиш со шесте факели од Јајце и фамозниот датум 29 ноември 1943.
Министерот Фрчковски се најде во небрано. Им го призна континуитетот на Србија и Црна Гора на маса. Меѓу два залака. Џабе му е и ако кажал дека едниот факел сигурно е наш. И без него и со него чиниите, вилушките и ножевите останаа кај нив. За тоа ќе се договориме во иднина – спогодбено.
Покрај приборот за јадење, во Палатата на федерацијата даваат и салвети на кои е аплициран истиот грб со шесте факели. И салветата е симбол на државниот континуитет. На крајот со неа можеш да се избришеш.
3. Од сите одредби во спогодбата потпишана во Белград, најјасна е онаа што го регулира прашањето за сукцесијата. Се вели дека двете држави тоа прашање ќе го решаваат спогодбено.
Оваа еквилибристика на јазикот значи сé, ама не значи – ништо. Тоа значи дека за наследството од бившата држава нема да се тепаме. Ама и дека никогаш ништо нема да добиеме.
4. Сé уште ќе се занимаваме со иницијативата за предвремени избори и со пребројувањето на 200-те илјади потписи. Ливчињата што ВМРО-ДПМНЕ и ДП ги донесоа во Собранието ќе одат на дополнителна проверка. Затоа што Тито на потписите не им верува.
Претседателот Глигоров можеби верува во потписите, ама вели дека во демократските држави не се видени такви ситуации, врз основа на граѓанска иницијатива да се оди на предвремени избори. Глигоров почна да го користи терминот “остатокот од Сојузот за Македонија”. Сега треба допрва да се утврди дали Либералната партија направила сецесија од Сојузот или Сојузот се распаднал на неговите составни делови. Од тоа ќе зависи сукцесијата. И континуитетот.
5. Континуитетот со старата држава го одржува и Здружението на возачите на Македонија. Според тогашните обичаи, нивни почесен член станува шефот на државата. Затоа и деновиве претседателот Киро Глигоров стана почесен член на Здружението на возачите.
За да се остане на проверениот пат, најдобро е да се внимава на традицијата. Во бивша Југославија Здружението на возачите како свој празник го славеше денот кога во него пристапил претседателот Јосип Броз-Тито. Не ќе е лошо за да го задржи континуитетот со старата држава и нашево здружение на возачи за свој празник да го избере денот кога негов член станал претседателот Киро Глигоров.
Само едно нешто не е јасно. Како може Глигоров да биде почесен возач, а сепак дозволува да го возат?
6. Со новиот царински тарифник исто така ќе го продолжиме континуитетот со старата СФРЈ. Бидејќи ќе ги зголеми царините за странските возила, нема да ни преостанува ништо друго освен да си купиме евтини возила. Ќе си возиме “југо”. Во согласност со континуитетот ќе продолжиме да ја штитиме српската автомобилска индустрија. Тоа ќе го решиме спогодбено: ние ќе купуваме српски автомобили, а тие ќе ни ги продаваат.