1 Нема спас од дебилниот популизам на Владата. Ја гледам рекламата на Министерството за финансии за купување државно земјиште за едно евро квадратен метар. Се појавува некој пензионер и се жали: “Алал да им е на тие што успеале да купат станови и коли. Јас не успеав…”. И, демек, еве сега Владата ќе му овозможела да си го купи дворот и да им го остави на внуците.
Да плачеш, вени да сечеш. Да се некои што немаат станови и коли, па ај да им ја сфатиш фрустрацијата што ги пизмат тие што имаат.
Алал да им е на тие што заработиле да купат станови и коли. Алал да им е на самохраните мајки што успеале да заработат дури за три стана. А генерација се на главниот лик од спотот. Алал да им е и на тие што успеале да купат имот во Вашингтон, во Сиетл, во Германија…Срамно ли е да заработиш за да си купиш стан и кола? Или сите што имаат станови и коли се крадци?
Најмногу да им е алал на тие што брзаа да го почитуваат законот. Па уште пред неколку години, место да чекаат Владата да се премисли, си ги купија дворовите по пазарна цена, наместо за едно евро. Затоа што се будали. И затоа што му дадоа пари на министерот Ставрески да им ги троши за вакви популистички спотови.
2 Мислат дека ако н отрујат со вакви реклами, нема да забележиме дека н лажат. Министерот Ставрески пред некој ден рече: “Ние и во 2011 планираме да продолжиме со намалување на царината, така што што ќе воведеме 0 стапка царина за увозот од ЕУ”.
Ни око му заигра ни глас му затрепери. Како самиот да поверува во тоа што го зборува. Работа што е преговарана со ЕУ уште во 2000, а преземена како обврска со Договорот за асоцијација и стабилизација во 2001 година, тој ја претстави како мерка на Владата.
Како што се занеле, ќе речат дека Владата наредила сонцето да изгрева секое утро. Стварно сме зрели за ЕУ. И нашите политичари почнале да лажат без око да им трепне како евробирократите што секој ден ни гледаат на саат.
3 В понеделник СДСМ ќе има митинг во Прилеп. Ексклузивно ќе ви го откријам говорот на Бранко Црвенковски. Ќе каже:
“Ова е партија што знае да обединува, а не да разединува. Овие луѓе знаат да градат, а не да уриваат”. После оди вака: “Кога ќе ве видам колку сте и каква енергија и волја имате…”. Па: “Вистински луѓе, вистинска програма, а граѓаните ќе донесат вистинска одлука…”. И на крај завршува: “Тоа е победничка комбинација за Македонија”.
Го гледав минатиот викенд на завршниот предизборен митинг на СДП на Босна и Херцеговина во Сараево. Бранко на српски ги кажа истите реченици што ги кажа во Скопје на митингот пред неколку месеци. И истите фрази што ги повторува веќе 20 години.
4 Погледнете ги бројките од последните истражувања и споредете ги со статистичките показатели. Над 30 отсто сиромаштија, над 30 отсто невработеност, Никола Груевски со рејтинг од од околу 20 отсто, Бранко Црвенковски стабилно се држи на легендарните 9 отсто. Рејтингот на ВМРО-ДПМНЕ благо паѓа, а оној на СДСМ благо расте.
Поминаа четири години откако владее Груевски, и бројките се тие. Ама Груевски четири години ги убедува луѓето дека толку е лошо поради Бранко. И дека ете, тој работи, сите го гледаат тоа, ама не може да постигне да поправи оти пред тоа с расипал Бранко. И што е најтрагично, успева да ги убеди луѓето дека е така.
Во сите анкети бројот на неопределени гласачи и на оние што нема да излезат на гласање е меѓу 40 и неверојатни 55 отсто. Колкумина од нив чекаат да си замине Бранко? Колкумина од тие неопределени чекаат опозиција која на секој предлог на ВМРО-ДПМНЕ ќе одговори со контрапредлог, наместо да ни кажува колку ни е тешко. Знаеме дека ни е тешко. Ама не можат да очекуваат да гласаме за нив само затоа што ни кажуваат колку не чини, а не кажуваат што би направиле тие за да чини.
Затоа Груевски си го негува Бранко. Со него постојано си има оправдување.
А Бранко ќе се врати на власт ако остане доволно долго на чело на СДСМ, па да почека ВМРО-ДПМНЕ природно да се распадне и да се симне од власт. Оти од сожалување дека сфаќа дека многу ни е тешко, ќе го гласаат само 9 отсто. А сожалување никому не му треба. На 40те отсто неопределени на кои им е тешко, само од тоа што Бранко ќе ги сожалува нив, а тие него, ќе им биде уште потешко.
5 Што си мислат овие во Владата? Си седат во кабинет и си викаат, ај да ги збуниме во Брисел и Вашингтон. И оп, излегуваат со предлогот под ФИРОМ да влеземе во НАТО и да почнеме преговори со ЕУ. Добро е, барем синхронизирано настапуваат. Коњановски во Вашингтон, Милошоски и Груевски во Стразбур, а Ѓоле во Рим. Ептен ербап Македонче, како што вика една стара владина реклама. Мислат којзнае што смислиле.
Божем во Брисел и во Вашингтон не знаат дека Грција ја прекршила Привремената спогодба. И дека ни НАТО ни ЕУ не почитуваат документ на ОН. Кај што има сила, нема правдина. Тоа го видовме во Букурешт пред две години. И потоа уште сто пати истото сме го виделе.
Решението за прием во ЕУ е да откриеме нафта во Македонија. И да станеме Норвешка. Па тие ќе н молат да влеземе.
Ова решение е толку реално колку и очекувањата дека ќе се договориме со Грција и ќе го смениме името.